Макрон нуди поддршка за Македонија на патот кон ЕУ
10 февруари 2023Францускиот претседател Емануел Макрон нуди поддршка за Северна Македонија на патот кон ЕУ. Со желби за хармонична година и натамошен напредок на нејзиниот европски пат, тој испрати писмо до македонскиот претседателСтево Пендаровски, во кое потенцира дека со постигнатиот договор со Бугарија, целосно се почитува македонскиот идентитет, за што доказ е договорот Фронтекс.
„Одржувањето на првата меѓувладина конференција за пристапување на 19 јули беше голем чекор за Северна Македонија. Го поздравувам и потпишувањето на 26 октомври на договорот Фронтекс со ЕУ, со кој се признава македонскиот јазик, спомнат без забелешки, што покажува дека постигнатиот компромисен предлог целосно го почитува унитарниот карактер на македонскиот идентитет. Можете да сметате на мојата целосна и континуирана поддршка во текот на пристапните преговори. Со задоволство наскоро ќе дојдам во Северна Македонија, штом ми дозволи агендата, на датум што заеднички ќе го утврдиме како соодветен во поглед на политичката агенда“, се наведува во писмото.
Макрон потсетува на присуството на Франција во сите клучни моменти од македонската историја од периодот на воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји па се до денес. „Ја користам оваа прилика да ви ги упатам моите најискрени желби за вас и за вашата земја и да ѝ посакам на Северна Македонија година на хармонија и натамошен напредок на нејзиниот европски пат. Од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји пред триесетина години, Франција секогаш беше присутна во клучните моменти од вашата историја: преку Роберт Бадентер, кој учествуваше во изготвувањето на вашиот Устав, со работата на француските дипломати и војници кои помогнаа да се спречи избувнување на граѓанска војна во раните 2000-ти и помош да се склучи Охридскиот договор, и најпосле, во решавањето на вашиот спор со Бугарија“, пишува во писмото на Макрон до претседателот Пендаровски.
Радев му се пожали на Макрон
Ваквите пораки доаѓаат веднаш по средбата на бугарскиот претседател Румен Радев со францускиот претседател, Емануел Макрон во Брисел. Двајцата претседатели разговарале за теми поврзани со ЕУ, а Радев ја искористил средбата за да се пожали на „непочитувањето на правата на македонските Бугари“.
„Институциите во РСМ мора со резултати да докажат дека навистина се залагаат за евроинтеграции. Последната антибугарска кампања во Република Северна Македонија, која доведе до голем број злосторства од омраза – палење и пукање врз бугарските културни клубови, како и насилство врз македонските Бугари, отвора прашања за улогата и одговорноста на институциите во земјата“, нагласил Радев. Како што пренесуваат бугарските медиуми, тој на Макрон му пренел дека Бугарија забележува отсуство на политичка волја за реформи и уставни измени, а место тоа „во државата се води уште една антибугарска кампања“.
Радев којшто присуствува на состанокот на Европскиот совет во Брисел, во четвртокот (09.02) оцени дека во моментов владее состојба на вето во однос на продолжувањето на евроинтеграциските процеси на Македонија, бидејќи македонските Бугари, сè уште не се внесени во Уставот на земјава, а со тоа и преговорите не се започнати.
Премиерот Димитар Ковачевски не ги коментираше изјавите од Бугарија, наведувајќи дека земјата се наоѓа во предизборен период и секој политичар сака да собере глас повеќе.
ЕК повикува на смирување на тензиите
Европската комисија во меѓувреме ги повика Бугарија и Северна Македонија да избегнуваат непотребни тензии и да промовираат атмосфера на дијалог. Европската комисија која внимателно го следи развојот на настаните меѓу двете земји потсетува на важноста на добрососедските односи.
„Во овој контекст, потребни се напори од сите страни да се промовира атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување и да се избегнуваат непотребни тензии“, истакнале од ЕК за бугарската БНТ.
Во контекст на заладувањето на односите со Бугарија и заострената реторика, извори од ЕУ неколкупати во изминатиот период порачаа дека добрососедските односи се клучен дел од пристапните процеси и во тој контекст се очекува спроведување на билатералните договори како Преспанскиот и на Договорот за добрососедство во добра волја и од сите страни. Брисел не сака да увезува спорови, е пораката која што дојде од Унијата.
Холандија е загрижена
Во пресрет на уставните измени, коишто треба да бидат донесени во македонското Собрание, како еден од главните услови на напредокот а патот кон ЕУ, Холандија изразува загриженост поради најавите на опозицијата дека нема да го поддржи овој процес. Aмбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп, на средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во четвртокот (09.02) изрази својата загриженост дека ВМРО-ДПМНЕ може да го одолжи пристапувањето на С Македонија кон ЕУ.
„Во согласност со декларираните заложби на најголемата опозициска партија, Кралството Холандија повикува на конструктивна соработка кон таа цел меѓу владата и парламентот“, се вели во објавата на амбасадата на Кралството Холандија во Скопје на Твитер.