Македонски државјанин убиен со колец во Бугарија
28 април 2023Македонски државјанин бил убиен со колец во Сончев Брег, а осомничен за убиството е малолетник кој веќе е приведен од страна на бугарската полиција. Според првични информации кои Амбасадата на Северна Македонија во Бугарија ги доби од надлежните институции на Република Бугарија, безживотното тело на 49-годишниот македонски државјанин со иницијали И.Н. е пронајдено во четвртокот (27.04) во Бугарија.
Како што соопшти МНР, Амбасадата на Северна Македонија во Софија продолжува да биде во редовна комуникација со надлежните органи во Бугарија, од кои се очекуваат повеќе информации во врска со случајот и за текот на постапката за целосно расчистување на случајот.
„Амбасадата останува на располагање на семејството на починатиот граѓанин за евентуални потреби“, се вели во соопштението на МНР.
Кои се мотивите за убиството?
Бугарската телевизија БТВ, повикувајќи се на полицијата во Бургас, објави дека 14-годишник е приведен за убиство на македонски државјанин во Сончев Брег. Во четвртокот околу 11 часот, регионалната канцеларија на Несебар добила порака дека машко тело со видливи повреди на главата е пронајдено во шумски предел до ресторанот „Бачвата“ на Сончев Брег, Запад.
„Форензичарите од Бургас утврдиле дека телото е на 49-годишен македонски државјанин. По извршени бројни оперативни активности и процесно-истражни дејствија меѓу кои распити, одземање на видео снимки од безбедносни камери, утврдено е дека извршител на убиството е 14-годишник од Несебар. Тој е задржан во полиција 24 часа“, наведуваат бугарските медиуми.
БТВ повикувајќи се на полицијата во Бургас наведува дека македонскиот државјанин бил претепан до смрт со кол.
Македонски државјанин влегол во Бугарија преку граничниот премин Ѓуешево на 24 јануари годинава. Се истражуваат мотивите за убиството.