Данскиот бенд Ефтеркланг инициран од „Македониумот“ почнува соработка со македонски музичари. На иницијатива на МКЦ влегуваат во музичка авантура
„На мое гостување во Копенхаген, преку Live Europe мрежата се сретнав со членовите од Ефтеркланг и нивни пријател на раката го имаше истетовирано споменикот Македониум. Тука се роди идејата за филмот и целата наша идеја околу нашата заедничка авантура“, вели Владица Младеновиќ, МКЦ.
„И потоа ние видовме фотографии од местото бидејќи ние не го знаевме до тогаш и бевме инспирирани бидејќи е вистински импресивен споменик. И што повеќе го проучуваш местото, повеќе го чувствуваш“, дополнува Расмус Столберг од Ефтеркланг.
„Ефтеркланг се бенд кој што сака да настапува во маркантни сали, споменици, монументи. Тие имаат свирено во Сиднеј опера хаус и кога го видоа споменикот беа фасцинирани и едноставно се вљубија во споменикот и рекоа дека ние мораме концертот да го направиме овде и го направивме,“ објаснува Владица Младеновиќ.
Проектот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ е исплетен со звуци на македонските народните инструменти.
„Се дојде до идејата сепак да се употребат изворните инструменти како што се кавалот, тамбурата, гајдата, тапанот, но да не бидат многу доминантни во изведбата, како што е зурлата. Да не бидат многу бучни и гласни,“ вели Стевче Стојковски од Македониум бенд.
„За мене и за сите од Ефтеркланг овој проект е многу значаен, затоа што на многу начини ја прикажува нашата суштина, нашата уметност. Начинот преку кој се создава медиум или платформа за создавање музика и музичка комуникација и да се обединат луѓето преку музиката“, нагласува Расмус Столберг од Ефтеркланг.
Во реализација на документарецот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, покрај бендот учествуваат и...
Женскиот младински хор, Дина Јашари, Мартина Бараковска, Ива Дамјановски, Дејан Спасовиќ, Стевче Стојковски.
Но, носечката улога ја има споменикот, како што вели Расмус Столберг:
„Споменикот во шоуто и во филмот е на некој начин главен актер. Споменикот е таму и вие може да го посетите, да ве инспирира, но да ја имате можноста и да свирите пред него е нешто што нема да го заборавам и беше прекрасно“.
„Со овој наш проект практично оддаваме почит на ова грандиозно дело. 50 години Македониум. Се надеваме дека со овој наш проект, со овој наш филм ќе дојдат луѓе од целиот свет да го посетат овој наш споменик“, заклучува Владица Младеновиќ.