1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една минута молк за жртвите на Холокаустот

ДТЗ
27 јануари 2023

Ужасот од Холокаустот нè потсетува на одговорноста да градиме демократски општества. Наша цивилизациска одговорност е да градиме свет во којшто има место за сите, порача македонскиот државен врв

https://p.dw.com/p/4Mn2x
Холокауст
Една минута молк во знак на почит кон жртвите што настрадаа само затоа што беа Евреи.Фотографија: DW/K. Delimitov

Ужасот од Холокаустот нè потсетува на одговорноста да градиме демократски општества. Наша цивилизациска одговорност е да градиме свет во којшто има место за сите. Ова е пораката којашто ја испратија претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски по повод Меѓународниот ден за сеќавање на жртвите од Холокаустот – 27 јануари.

„Да кажеме категорично НЕ за антисемитизмот, расизмот, ксенофобијата и кои било облици на нетолеранција“, порача Ковачевски, кој вели дека овој ден е „ехо на ужасната загуба на преку шест милиони невини деца, жени и мажи, меѓу кои и 7144 македонски Евреи, во логорот на смртта Треблинка и порака дека вакви злодела никогаш повеќе не смее да се повторат“.

„Наша цивилизациска одговорност денес е да градиме свет во којшто има место за сите. Република Северна Македонија успешно се развива во Едно општество за сите, со еднакви права, слободи и обврски за сите граѓани и со нашиот пример ќе продолжиме да ја испраќаме пораката дека различностите не се пречка, туку богатство“, наведува Ковачевски во пораката. 

Историска одговорност  

Милионите жртви и ужасот од Холокаустотнè потсетуваат на нашата заедничка историска одговорностда градиме демократски општества во кои антисемитизмот, антициганизмот и расизмот никогаш нема да се повторат, вели претседателот Стево Пендаровски. Во објава на социјалните мрежи, тој вели дека борбата против сите облици на дискриминација е од особено значење.

„Само со постојана борба против сите облици на дискриминација можеме да обезбедиме почитување на различностите и на човековите права и слободи на секој поединец“, додава претседателот. 

Холокауст
Ужасот од Холокаустот нè потсетува на одговорноста да градиме демократски општестваФотографија: DW/K. Delimitov

Во Министерството за надворешни работи денеска беше одбележан Меѓународниот ден во спомен на жртвите на Холокаустот.
Настанот почна со една минута молк во знак на почит кон жртвите што настрадаа само затоа што беа Евреи.

„Евреите ја платија најголемата цена на злосторничката нацистичката идеологија. Таа нивна победа над програмираното и системски спроведувано зло е и наша победа, победа на целото човештво. Таа победа е и предупредување: никогаш, никому и никаде повеќе! И, затоа, 27 јануари е датум длабоко врежан во нашата меморија. Но, не само да остане меморија, туку да биде и завет за иднината“, рече Османи.

Тој истакна дека сеќавањето, образованието и развивањето на вистинските хумани вредности на меѓусебна почит, уважување и толеранција се особено важни за превенирање оваа зло никогаш повеќе, никаде и никому да не му се повтори.

„Северна Македонија, горда на своето мултиетничко и мултикултурно општество, каде што секој граѓанин се чувствува свој на своето, независно од неговото име, потекло, јазик или вера, го чува и ќе го чува споменот на Холокаустот, на 6-те милиони убиени Евреи, меѓу кои и 7.144 наши сограѓани, кои особено ќе ги споменеме повторно и на 11 март, на 80-годишнината од нивната депортација во Треблинка“, истакна министерот.
 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема