1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последната света крава во политиката

1 декември 2022

Политичарите лажат и крадат. Најчесто пред избори. И новинарите лажат и крадат, пред и по избори, зависно од победникот. Епилог- се повеќе граѓани повеќе веруваат на политичарите отколку на медиумите. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4KJjw
Медиуми и новинари
Политичарите кај нас одамна ја имаат научено лекцијата: не чепкај ги новинаритеФотографија: Mihajlo Maricic/PantherMedia/picture-alliance

Доколку низ интернет пребарувачите побарате информации за мафијата и новинарството, првото име на кое ќе наидете е Роберт Савиано, младиот новинар и писател кој ја разоткри италијанската мафија и со децени живее во илегала и под постојана закана на убиство. Не помал број вести има и за  Дафне Каруана Галиција,  храбрата новинарка од Малта, убиена од тамошниот преплет на корумпирана политика и организиран криминал. Или пак за  младиот новинар од Словачка, Јан Куциак,  сурово убиен, заедно со неговата свршеничка, од платен убиец на мафијата

Она што помалку ќе го најдете се вестите за новинари на платен список на мафијата и врски со организиран криминал. Ќе наидете на името на Миао Јингчун, новинар и директор на телевизиска станица од Монголија обвинет за корупција, суров напад на вработен и помагање на организираниот криминал. Благодарение на популарниот серијал „Наркос" дознавме и за неславната улога на Вирџинија Валехо Гарсија, популарна новинарка, љубовница и соработник на колумбискиот нарко бос Пабло Ескобар. Доколку навистина запнете, ќе наидете на уште неколку имиња од полусветот меѓу новинарството и криминалот, но далеку помалку во споредба со написите за новинарите жртви на мафијата. 

Адвокати на злото 

За чудо, токму овде на Балканите се почесто читаме наслови и поднаслови за спрегата помеѓу, видни по популарност и скарадни по професионалност, новинари осомничени за врски со организираниот криминал во спрега со државата. Во слободните разговори, уште почесто ќе слушнеме како името на овој или оној новинар се декорира со типизација од стилот „новинар на мафијата, перо на криминалот”, вклучително и убедувања за цели медиумски куќи осомничени како адвокати на криминалното зло. Во соседна Србија, цели документарни серијали се снимани со, повеќе отворено помалку увиено, сомничење на медиуми и новинарски пера како доушници и соработници на мафијата. Во  Албанија,  тековниот мега-скандал е искористен за расветлување кои моќни медиумски куќи решија да одмолчат за скандалот и бидат обвинети за поткуп. Во  Косово,  видни новинарски имиња кои се истакнуваа за борба проти корупција на крај завршија на столб на срамот поради корупција. Додека пак некои други, отворено и бесрамно блиски до поранешниот режим, не се ни обидуваат да го скријат своето прилично фрапантно богатство во имоти и пари. Во Македонија – немаме таков проблем. 

-Повеќе од авторот: Колонијална карамкаша

Се разбира дека сум саркастичен. Попрво би било да започнеме со прашањето колку од нашите медиумски куќи и водечки бардовски пера се немаат еднаш, двапати, трипати, напати офајдено од држење свеќа на справедливост во одбрана на правата и ликовите на екс-политичари и криминалци во континуитет. Овој пристап е далеку почовечен и поефикасен бидејќи тргнува од премисата на народната мудрост за „трагите кои смрдат по нечесност” и имотната и парична скромност од бавење со новинарство. Барајќи ги тие чесни исклучоци ќе стекнеме поголема доверба во нивните написи и ќе добиеме шлагворт за статусните богатства на новинари и медиуми кои се едноставно во конфликт со здравиот разум и логиката. 

Велам, разум и логиката, бидејќи воопшто нема сомнеж дека сите тие ќе изјават и докажат дека нивните вили, бесни коли, станови, богатства се стекнати на чесен, макотрпен и правно-издржан начин. Нема да стигнете да си ги дигнете веѓите во зачуденост, а веќе пред вас ќе има фајлови и фасцикли, досиеја и лелекања за незаслужениот сомнеж во нивната професионалност и предаденост кон професијата. Доколку се дрзнете на глупаво прашање „зошто некои се збогатија, а некои останаа социјала во новинарство”, ќе добиете експресен одговор во форма на „стара искусна ку*ва” или „на време купив акции” или „не се продавам за ситни пари” и на крај „па кој им е виновен кога се глупави”. Муабетот, традиционално, ќе биде заокружен со заклучок за сеирџиство и љубомора.

Суицидален гест 

И тоа е во ред. Се додека истиот новинар или бард уште утредента на некој џандарски декориран портал ќе извезе срцепарателна колумна или вест за досега невидената корупција на „овие на власт” и бруталната сурова харанга против „оние претходните”. А во момент на инспирација дури и ќе ви одржи лекција за тоа како треба новинарството да биде, како треба правдата да дејствува и како треба политичарите да бидат обесени, со глава надоле, таму на плоштад, на последното исушено дрво. Така, само така со смрадовите политички, тврдо.

-Повеќе од авторот: За будалите и предавниците

Има еден мал(ку) поголем проблем во таа поедноставена приказна. Имено, веќе одамна не е никакво табу да ставиш било кој политичар на столб на срамот и колумна на осуда за корупција, криминал, непотизам, неспособност, скандал итн. Но, сеуште кај нас опстојува табуто дека одреден новинар, медиум, бард јавно да се етикетира како новинар на мафијата, како перо диригирано од организиран криминал и наемник на длабоката држава на службите и мафијата. Кој воопшто смее, кој има храброст да се дрзне на таков суицидален гест?!  

Никој. Можеби некој третокласен портал со некаква провинцијална замлата во обид да се наметне, некој исфрлен од поделбата на колачите. Пречекан со цинично изглумени изливи на самосожалување поради нанесената неправда „од сеир или љубомора” и  повик до ЗНМ  да ги земе во заштита. Имаше еден, Али Ахмети се вика, кој љубеше да блуе помии против „аналитирачи и колумнисти” и ги фали конструктивните новинари со конструктивни прашања по тв-студија кои за двесет години „лидерство” не се осмелија барем еднаш (со бројки: 1) да го прашаат, на пример, за неговите денови и методи на преживување во Швајцарија. Имаше еден друг, Зоран Заев,  кој се дрзна да стави корелација помеѓу суета и новинарство и на крај изеде магарешки ќотек од ЛГТБ заедницата. Политичарите кај нас одамна ја имаат научено лекцијата: не чепкај ги новинарите. Службено: тоа е знак за почит кон слободата на зборот. Логично: водечките новинари кај нас се покорумпирани од водечките политичари па затоа: зошто со сила кога може со пари, нели. 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Солидарност со корупцијата 

Секоја сакрализација на крај завршува во догма. Чинам дека таа реалност одамна се има одомаќено кај нас. Нашиот, општествен, институционалн, политички молк за таа скарадна улога на одреден број привилегирани пера е доказ дека некогашната светост на заштита на слободниот збор има дегенерирано во насилничка, уценувачка догма без никаква контрола. Домашните и особено меѓународните организации за  заштита на новинарите  се ревносни во реагирање кон секоја, дури и најблаго перцептирана или искажана закана или навреда кон новинарите. Но, нивниот молк за далеку побројните шиканирања, понижувања и сатанизација на политичарите или јавните дејци укажува дека нивното разбирање на слободата на говорот е еднострано, унилатерално, самоугодно, некоректно и во служба на табуизација и догматизација на смислата на слободниот печат. Па затоа веќе никој и не се потресува кога ЗНМ и суријата меѓународни федерални адвокатури на новинарството ќе опнат некоја осуда за овој или оној лошо кажан или лошо пренесен став кон одреден новинар или медиуми. Осуда без морална вертикала е ништо повеќе од политика. Религијата одамна се соочи со порозноста на индулгенцијата врз светиот збор и дух. Новинарството, се уште не сака да се соочи со сопствените индулгенции како причина за губењето на сопствената улога и подемот на социјални „самиздат” медиуми.

-Повеќе од авторот: Жешкиот компир на Анџела Агелер

Низ светот убиваат новинари поради вршење на својата должност. Тоа не е дискутабилно. Но низ истиот свет убиваат и политичари, поради вршење на својата должност. Понекогаш политиката влијае за да некој новинар ја плати цената со живот. Не помалку се и оние политичари кои ја плаќаат најскапата цена поради „независното новинарство” на некое платено перо на мафијата или криминалот во спрега со државата. Благодарение на монополот врз интерпретацијата, секое убиство или напад врз новинар станува глобална тема на протест. Што не може да се каже и за убиствата на политичари, дехуманизирани и подготвени за убиство благодарение на криминалците во медиумите. Да се потсетиме на убиството на Ѓинѓиќ и медиумската харанга која водеше кон атентатот. Да се потсетиме за  Борис Трајковски  и јавното медиумско силување до самиот час на смрт кога весниците беа принудени срамните страници да ги прекриваат со црна боја. Да се потсетиме колку политичари беа принудени на предвремено заминување поради еден гаф, скандал, афера и колку новинари со дисаѓи полни злато опстојуваат скраја сите скандали и афери поврзани со нив.

Политичарите лажат и крадат. Најчесто пред избори. И новинарите лажат и крадат, пред и после избори, зависно од политичките победници. Епилогот е што денес има се повеќе граѓани кои попрво им веруваат на политичарите отколку на медиумите. Бидејќи со политичарите барем знаат на што се и од чија милост зависиме. Башка, колку и да не е популарно (и баш поради тоа) политиката има покажано и докажано повеќе спремност и храброст за саморегулација отколку новинарите кои напати и тврдокорно докажуваат дека не сакаат кај себе да го спроведат она за што инсистираат во политиката. А тоа е самопрочистување, самокритика и самоелиминација на „стари ку*ви и компромитирани бардови”. Во секоја политичка партија ќе се најде еден портпарол спремен да излезе на прес конференција со прашање „од каде на тој пратеник/министер пари за таква вила, куќа, кола, зимување во Цермат итн”. Во ниеден медиум нема да најдете новинар спремен да го стори истото кон колегите во медиумите. Поради колегијалност, демек. Кое е ништо повеќе од солидарност со корупцијата во сопствени редови. И тоа е сведоштвото за реалноста досега и невеселата иднина пред нас. Ваквото новинарство е гарант дека ваквата политика ќе продолжи и понатаму. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач