Луѓето ширум светот со сѐ повеќе психички проблеми
10 октомври 202210 октомври е Светски ден на менталното здравје. Целта на денот, прогласен од Светската здравствена организација (СЗО), е „да се подигне свеста за проблемите со психичкото здравје и да се зголеми поддршката за подобро менталното здравје.“
Оние кои се залагаат за добро ментално здравје, вклучително и СЗО, веќе со децении активно бараат реформа на заштитата на менталното здравје. Годинава главниот фокус е ставен на тоа дека има вистинска бура настани - од пандемијата на коронавирусот сѐ до економските кризи - кои имаат големо влијание врз менталното здравје на луѓето ширум светот.
Според Светскиот извештај за ментално здравје на СЗО, објавен во јуни, депресијата и анксиозноста во првата година од пандемијата се зголемиле за 25%, со што бројот на луѓе кои живеат со некакво психолошко пореметување достигна речиси една милијарда.
„Покрај тоа, грижата за менталното здравје е сериозно нарушена во последниве години, а многу зголемени се и дупките во терапиите на психичките заболувања“, објаснува за ДВ портпаролот на СЗО.
Посебна иницијатива за ментално здравје
Како се реагира на сето тоа? СЗО во 2020 година основаше „Посебна иницијатива за ментално здравје“. Тоа е најамбициозната програма на СЗО за ментално здравје досега и има за цел да го зголеми пристапот до психосоцијални услуги за 100 милиони луѓе во 12 земји. Меѓу нив се и Украина, Јордан и Зимбабве.
„Многу земји имаат доста застарени протоколи во службите за ментално здравје. Со нив работиме на промена на нивниот пристап со цел да се зголеми достапноста на поддршката,“ вели за ДВ Алисон Шефер, консултантка во Одделот за ментално здравје на СЗО.
Според податоците на Светската здравствена организација, од почетокот на оваа иницијатива, од јануари 2020 година, пет милиони луѓе повеќе имаат подобар пристап до психсоцијална поддршка отколку порано. Тоа вклучува и креирање на семејни и локални мрежи околу луѓето на кои им е потребна таквата поддршка.
„Ни беа потребни две и пол години да ја покренеме иницијативата, но сега очекувам сѐ поголем напредок во проширување на услугите во областа на менталното здравје со цел што повеќе луѓе да добијат пристап до ваквата поддршка,“ вели Шефер.
Еден од најголемите успеси досега е обезбедувањето услуги за ментално здравје и психосоцијална поддршка за време на кризи како што е Ковид-пандемијата, или за луѓето погодени од сериозни конфликти, како во Украина или на Филипините.
„Тука имаме најдиректно влијание врз луѓето“, додава Шефер. Таа се осврнува и на почетните успеси во земји како Парагвај. Таму се овозможени консултации со психијатри преку видео-повици, што, особено за време на Ковид-пандемијата, се покажало како доста ефективно во одржувањето на поддршката на заедницата.
Сеопфатен пристап за психичкото здравје
Уникатноста на специјалната иницијатива на СЗО за психичко здравје лежи во сеопфатниот пристап, убедена е Шефер. „Нема само еден пристап за психосоцијални услуги и поддршка. Потребна ни е поширока перспектива отколку досегашната, перспектива која не се концентрира само на поединечни мерки или групи. Тие мора да се концентрираат на цел систем на психички и сродни здравствени услуги, кои треба да бидат понудени во здравството, но и во училиштата, општинските организации, верските групи и компаниите“, вели Шефер.
Цел на иницијативата е да се концентрира на поддршката на ризични групи, во кои, меѓу другото, спаѓаат и лица кои се изложени на дискриминација или повреди на човековите права, како и лица кои се идентификуваат како ЛГБТ.
„Забележуваме први успеси, на пример кога создаваме разбирање за тоа дека сексуалната привлечност меѓу луѓето од ист пол не е психичко пореметување, туку дека тие лица поради стигматизацијата и дискриминацијата се изложени на повисок ризик од психички заболувања и дека итно им е потребна поддршка", вели Шефер.
Според неа, успехот на иницијативата се должи на тоа што поддршката на психичкото здравје се потпира на научни сознанија, децениско учење и правата на луѓето со психички заболувања и психосоцијални попречувања. Но, иницијативата се соочува и со политички предизвици.
„Некои земји веќе бележат успеси“, вели Шефер. „Специјалната иницијатива на СЗО за психичко здравје се залага за тоа да олесни такви промени. Само така развојот на психосоцијалните услуги ќе може да биде одржан, но и подобруван.“
Трајна поддршка нудат пред сѐ програми кои се финансираат од заедниците.
Иницијативата на СЗО бележи први успеси, но проектот треба да заврши во 2023 година. Нејасно е што ќе се случува понатаму со мрежите за психичка поддршка потоа.
- повеќе: Секој петти Ковид - пациент може да развие психички проблеми
Рене Елунду, советничка за антидискриминација на берлинската организација „Извори на надеж”, е критички настроена спрема иницијативи за психичкото здравје кои се со ограничено времетраење.
„Помошта која им е потребна на луѓето не знае за крај. Психичката нестабилност во која се наоѓаат луѓето е многу тешко да се надмине. Потребно е време за да се отворат и да зборуваат, но и за да се изградат мрежи за поддршка“, уверена е Елунду.
Организацијата нуди советување и помош за заедниците на мигранти во Германија. Елунду вели дека е фрапантна поврзаноста помеѓу психичките проблеми и дискриминацијата. „Луѓето кои доживуваат дискриминација често се срамат и се сметаат себеси за дел од проблемот. Се чувствуваат отуѓени од државните структури, што пак ги изолира и ги прави подложни на психички проблеми“, вели Елунду.
- повеќе: Депресијата повеќе ги погаѓа жените
Тимот на организацијата се состои од 98% црнки кои дошле како возрасни жени во Германија. Елунду нагласува колку е важна психосоцијалната поддршка од луѓе кои потекнуваат од истите заедници како и оние на кои се обидуваат да им помогнат и на кои им е потребна таквата помош.
„Заедничкото дејствување е задолжително. Членовите на нашиот тим имаат сопствени слични искуства со дискриминацијата. Тие лесно може да се стават на местото на друг и да ги анализираат сигналите за психички проблеми. Тоа помага да се гради доверба“, вели Елунду.
„Ако сакате да се справите со здравствени проблеми мора да соработувате со заедниците и експертите кои ги имаат потребните квалификации“, појаснува таа. „Само така може да се постигне трајна промена.“