1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Македонски лекари повторно злоупотребени за лажни реклами

Срѓан Стојанчов
28 август 2023

Српски сајт објави лажно интервју со македонскиот лекар Нико Беќаровски во кој тој наводно промовира лек за притисок. Докторот вели дека измамата на очајни пациенти е невидено злосторство.

https://p.dw.com/p/4VRXl
Лажни Вести Лекови Македонија
Исечок од лажната реклама со доктор Беќаровски на лажен српски интернет порталФотографија: Kurier

Српски сајт, кој многу наликува на српскиот информативен портал Курир, објави измислено интервју со токсикологот, доктор Нико Беќаровски, професор на Медицинскиот факултет во Скопје, во кое тој наводно промовира некаков препарат за лекување висок крвен притисок.

На сајтот со чудно име, кој го користи логото на Курир, се објавени фотографии изведени од видеоснимка од неодамнешно гостување на доктор Беќаровски на утринската програма на Канал 5. Поентата на божемното интервју е дека лекот е пет пари, но се крие од граѓаните. Во гостувањето Беќаровски наводно почнал да зборува за препаратот за крвен притисок по што емисијата била прекината, а тој бил исфрлен од обезбедувањето.

„Буквално ништо од тоа не е вистина. Во емисијата разговаравме за сосема друга тема и си протече нормално. Јас дури не сум ни кардиолог, туку токсиколог“, вели Беќаровски во разговор за Дојче веле. 

Веднаш откако му испратиле линк од лажното интервју, тој на Фејсбук ги повика своите пријатели од Србија да му препорачаат адвокат за да го тужи порталот Курир.

„Подоцна разбрав дека не се работи ни за Курир, туку дека е злоупотребено нивното лого. Јасно ми е дека тешко дека ова ќе добие правен епилог, но сакав објавата да се прошири и преку моите српски пријатели за што повеќе луѓе да дознаат и да не го купуваат тој препарат ли е, чај ли е, којзнае што е“, вели тој.

„Измамата на очајни пациенти е невидено злосторство и мора некако да им застанеме на патот“, пишува Беќаровски на Фејсбук на српски јазик.

Српскиот портал воопшто не се отвора од Србија

Сепак, се чини дека рекламата е наменета токму за македонскиот пазар, со оглед на тоа што српските портали се популарни и во Македонија.

Испративме прашања до српскиот портал Курир дали ќе презема мерки за да се заштитат од злоупотребата на нивното лого, но ни одговорија дека воопшто не можат да го отворат сајтот. Други луѓе од Србија ни потврдија дека од Србија воопшто не се отвора тој сајт, исто како да не постои. Ако го отворите лажното интервју од Македонија, цената на препаратот е наведена во македонски денари.

Интернет преполн со лажни реклами за лекови

Веќе пишувавме дека интернетот е преполн со слични вакви реклами за препарати за слабеење, за болки, за потенција, за лекување габички на нозете... Ваквите наводни лекови се порачуваат директно од интернет, а не може да се купат во аптека. Сајтовите преку кои се нарачуваат вообичаено не се регистрирани во Македонија.  

Лекови Реклами Македонија
Интернетот е преплавен со лажни реклами за лекови на кои се користат фотографии од македонски лекари или нивните имињаФотографија: lopermedia.com/mk

Претходно, имињата и фотографиите на познатите доктори Никола Пановски и Вело Марковски беа злоупотребени за Фејсбук-реклами со кои се промовираа наводни лекови против паразити. Двајцата лекари реагираа дека не промовираат никаков лек за паразити и го пријавиле случајот во полиција. 

Претседателот на Македонската асоцијација на уролози, доктор Оливер Станков, пак, пријавил злоупотреба на името на асоцијацијата за  промовирање на препарат кој ниту го одобриле или препорачуваат, ниту пак чуле за него.  

Лекарска комора: Овие производи може да се штетни 

Лекарската комора на Македонија бара од институциите да бидат ажурни и да ги санкционираат ваквите случаи. Тие ги повикуваат граѓаните да не купуваат никакви лекови пред да се консултираат со нивниот матичен лекар. 

„Дополнително ги предупредуваме граѓаните дека ваквите производи може да содржат материи кои сериозно би наштетиле на нивното здравје. Дури и во случај кога препаратите не содржат штетни материи, со самото тоа што им се припишуваат лековити својства кои реално не ги поседуваат, граѓаните намерно се доведени во заблуда и со тоа се загрозува нивното здравје“, реагира Лекарската комора. 

МВР соопшти дека постапувале по три пријави од лекари дека биле злоупотребени нивните лични податоци како наводни промотори на одредени препарати за здравствена употреба и оти поднеле три кривични пријави. 

Истрагата поскапа од предвидените казни 

Експертот за компјутерска безбедност Мане Пиперевски вели дека е можно да се открие кој стои зад ваквите страници или да се изгаснат, и покрај тоа што се регистрирани во странство, но тоа бара големи ресурси – и пари, и време и луѓе, од надлежните органи, па потрагата е неисплатлива. Ако се работи за посериозен криминал, МВР ќе ги стави сите ресурси на располагање, но ваквите дела не се приоритет, вели тој.

„Некогаш тоа се прави за да се наруши нечиј углед, некогаш за да се продаваат некакви производи, а некогаш намерно за да се одвлечат ресурсите на Единицата за борба против компјутерски криминал кај нас во МВР или на други институции, да се зафатат со нешто што нема да даде посакуван резултат“, вели тој.

„Единствено што може да направиме е како што е во ЕВРОПОЛ и во Европската агенција за информациска безбедност (ЕНИСА), а ние одиме натаму, да направиме јавно гласило за вакви информации, каде што по пријава и испитување ќе се објавуваат вакви информации. Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ЦИРТ) има таква задача, да дава советодавни услуги за вакви инциденти и да им помага на граѓаните. За жал немаат ресурси, немаат луѓе, но тоа е целта на тој орган“, вели Пиперевски.

Тој вели дека вакви работи се случуваат во целиот свет и затоа е многу важно луѓето да се едуцираат да не веруваат во сè што ќе прочитаат на интернет.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема