1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Квантен скок на Кина - Мејд ин Џермани

Естер Фелден
13 јуни 2023

Најстариот универзитет во Германија веќе 20 години истражува на полето на квантната физика со елитен универзитет од Кина. Но, тој одржува контакти со кинеската армија. Сега сѐ е под лупа.

https://p.dw.com/p/4SVb3
Кинески истражувачки тим предводен од Пан Џијан-Веи претставува прототип на квантен компјутер
Декември 2020 година: Кинески истражувачки тим предводен од Пан Џијан-Веи претставува прототип на квантен компјутерФотографија: Xinhua/picture alliance

Во февруари 2022 година, во НАТО се расправа за Универзитетот во Хајделберг. Попрецизно кажано, најстариот универзитет во Германија е тема на вебинар од САЦТ. САЦТ е кратенка од „Supreme Allied Commander Transformation“. Тоа е командата на НАТО која се занимава со војувањето во иднина.

Едночасовниот виртуелен настан на САЦТ се врти околу достигнувањата на Кина во квантното истражување. Тука во игра влегува Хајделберг - како долгорочен партнер за истражување на елитен кинески универзитет кој одржува контакти и со индустријата за вооружување.

Уште во 2019 година, американската безбедносна компанија „Страјдер“ го опиша Универзитетот во Хајделберг како „веројатно најважниот странски партнер кој стои зад брзиот напредок на Кина во квантните технологии за двојна употреба“. Технологиите за двојна употреба може да се користат и цивилно и воено.

Од наодите на квантните истражувања веќе профитираме во секојдневниот живот - кога користиме мобилни телефони или уреди за навигација. Идните квантни технологии веројатно ќе го променат светот уште повеќе од интернетот.

Заедно со истражувачкиот центар КОРЕКТИВ, Дојче веле го реконструираше случајот Хајделберг.

Надарен научник, неуморен вмрежувач

Сè започнува во 2003 година, кога кинескиот квантен физичар Пан Џијан-Веи формира своја истражувачка група на Универзитетот во Хајделберг. Неговата репутација е одлична, тој е опсипан со награди и добива милионски средства.

За време на неговите пет години во Хајделберг, Пан одржува близок контакт со својата алма матер, Универзитетот за наука и технологија во Кина, или скратено УСТЦ. Оттаму тој регрутира надежни млади истражувачи. И тие во Хајделберг добиваат средства од германски и европски истражувачки извори.

Во 2008 година, Пан се враќа во УСТЦ. Тој не само што зема некои од своите ученици со себе, туку и својата лабораторија и проекти. Притоа, ЕУ штотуку има одобрено дополнително финансирање од 1,4 милиони евра за неговата истражувачка група во Хајделберг.

Хајделберг Германија
Хајделберг е дом на еден од десетте најдобри германски универзитетиФотографија: Stefan Czimmek/DW

Германец во УСТЦ

Тесната врска меѓу универзитетите ќе остане. Пан продолжува да испраќа таленти кои подоцна се враќаат во УСТЦ. Во 2011 година, двете страни и официјално потпишуваат договор за академска размена. Вакви соработки во тоа време во Германија се политички и економски посакувани. Кина е важна како трговски партнер.

Во 2013 година, физичарот од Хајделберг, Матијас Вајдемилер, е еден од ретките западни истражувачи што ја прифаќа понудата да истражува во УСТЦ како дел од државната кинеска програма 1000-таленти.

Во тоа време, тој си дефинирал јасни услови за себе, објаснува Вајдемилер: „Никој нема да ми се меша во она што го истражувам“. Сите резултати се објавуваат целосно отворено, неговата лабораторија е достапна за секого. Нему му се важни независноста и транспарентноста.

До денес, Вајдемилер е почесен професор на УСТЦ. Исто како Пан во Хајделберг. Но, политичката рамка драматично се промени - и тоа не само поради Ковид.

Матијас Вајдемилер е почесен професор на УСТЦ
Матијас Вајдемилер е почесен професор на УСТЦФотографија: Stefan Czimmek/DW

Од партнер до ривал

Денес, од партнер кому му се додворуваа, Кина стана „системски ривал“ на Германија, кој настапува сè посамоуверено. Зад сцената, сојузната влада со месеци расправаше за својата нова стратегија за Кина.

На меѓународен план, Кина се бори со САД за квантна доминација. Во Кина „воено-цивилната фузија“ е државна доктрина, а сè мора да ѝ служи и на националната безбедност. Пекинг сака до 2049 година да ја има најмодерната армија во светот.

Во рамките на квантните истражувања најнапредната е квантната комуникација. Станува збор за безбедноста на податоците и за шифрирана размена на информации - исклучително интересна од воен аспект.

„Тајм“ 100

Кина води во квантните комуникации - поради Пан Џијан-Веи. Американскиот магазин „Тајм“ го избра извонредниот квантен истражувач меѓу 100-те највлијателни личности во светот во 2018 година. Една година подоцна, американската безбедносна компанија „Страјдер“ објави дека Пан имал врски со кинески компании за вооружување.

Пан Џијан-Веи Киен технологија
Во 2018 година, американското списание „Тајм“ го рангираше Пан Џијан-Веи како еден од 100-те највлијателни луѓе во светотФотографија: Xinhua/IMAGO

Самиот Пан писмено ги уверува ДВ и КОРЕКТИВ дека од неговото враќање од Германија „ниту еден негов проект не бил поддржан од војската“.

Во исто време, тој вели: „Дури и ако одредени технологии можат да се користат воено, тоа е нешто што НИЕДЕН научник не може да го контролира или предвиди“. Одлучувачкиот збор го пишува со големи букви.

„Цврсто верувам дека овие нови технологии на крајот ќе донесат огромни придобивки за човештвото“, нагласува Пан.

Ангажман во Шинџијанг

Но, при истражување, брзо се наидува на името Квантум ЦТек. Набргу по своето враќање од Хајделберг, Пан го кооснова овој старт-ап. До денес, тој е вториот најголем акционер - зад УСТЦ.

Компанијата, која е специјализирана за квантна комуникација, има филијала во Шинџијанг од 2017 година. Северозападната кинеска провинција е дом на муслиманското малцинство Ујгури, кое е шиканирано од страна на централната влада, испраќано во кампови за превоспитување и надгледувано на секој чекор.

Кина зборува за „центри за обука“ на Ујгурите - фотографиите кажуваат друго
Кина зборува за „центри за обука“ на Ујгурите - фотографиите кажуваат другоФотографија: Greg Baker/AFP

Населување во таков регион е „неслучајно“ и е „за осуда од морален аспект“, вели Јангјанг Ченг. Физичарката, родена во Кина, студирала на УСТЦ, но живее во САД повеќе од 10 години. „Фактот што на толку млада компанија ѝ е дозволено да отвори филијала таму, сугерира дека има многу, многу блиски врски со кинескиот безбедносен апарат.“

Пан Џијан-Веи пишува дека не знае зошто Квантум ЦТек има филијала во Шинџијанг. Од 2011 година тој „веќе не е вклучен во управувањето со компанијата, освен како акционер“. Самата компанија не одговара на прашањата.

Американски санкции

САД ја санкционираа Квантум ЦТек во ноември 2021 година. Исто како и големиот лабораториски комплекс на УСТЦ, на кој му припаѓа и Матијас Вајдемилер. Причина: тоа се единици кои „ја поддржуваат воената модернизација на Народноослободителната армија“. Санкциите имаат за цел да спречат американската технологија и знаење да дојде во Кина.

„Не може да ви биде сеедно, инаку не би биле реални“, вели Вајдемилер. Сепак, тој не гледа никаква поврзаност со сопствената работа. „Преку начинот на кој истражувате, можете сами да одредите колку сте блиску или колку далеку од примената“. Вајдемилер, како истражувач на основите, се чувствува многу далеку од Квантум ЦТек.

Пан Џијан-Веи во Пекинг
Врските на Пан со индустријата за вооружување ја заматуваат сликата за исклучителниот научникФотографија: Zhang Yuwei/ZUMAPRESS/picture alliance

Но, глобалната политичка ситуација создава притисок. Од почетокот на 2022 година  на Универзитетот во Хајделберг има и оддел за контрола на извозот, кој ги проверува меѓународните истражувачки проекти во врска со можна воена употреба. УСТЦ е партнер на Хајделберг кој на полето на квантно истражување соработува и со големи кинески компании за вооружување и со најважниот кинески воен универзитет (НУДТ).

Слобода на истражување и научна одговорност

Најстариот германски универзитет се бори со фундаментално прашање: дали е дозволено да се соработува ако истражувачките партнери имаат „близина до воени институции кои, поради системот, тешко можат да ги избегнат?“ И ако да, како? На тоа треба да одговори Ања Зенц. Синологот Зенц, како и Матијас Вајдемилер, е дел од Ректоратот на Универзитетот во Хајделберг.

Зенц не сака да „дефинира црвени линии“ како такви, а сепак сака критички да размислува за „технолошките импликации“. На директно прашање за Пан Џијан-Веи, таа нагласува дека во одреден момент човек треба да се запраша: „Која е улогата на личноста во овој систем?“

За Матијас Вајдемилер, преовладува потребата да се продолжи со истражување на големите прашања на природата: „Дали треба во светски рамки да престанеме да разменуваме мислења за овие прашања?“