Курти зборува за нови избори во северно Косово
2 јуни 2023По последните безредија на северот од Косово, премиерот Албин Курти зборува за нови избори: „Повлекување на насилната толпа пред општинските згради (...) е пат кон деескалација сѐ до одржување нови избори“, напиша Курти на Твитер.
По изборот на нови градоначалници во општините во северно Косово, каде мнозинството го сочинуваат етнички Срби, избија протести. Милитантни Срби во понеделникот (29.05) во Звечан, со камења и молотови коктели нападнаа припадници на мировните трупи на НАТО. Повредени беа 30 италијански и унгарски војници, како и над 50 Срби.
Косовските Срби ги бојкотираа локалните избори во северно Косово, поради што во северна Митровица и три други општини победија кандидатите на албанските партии. На бојкот повика партијата Српска листа, која чекорот го образложи со сѐ уште несоздадените услови за основање Заедница на српски општини.
Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Молдавија вчеравечер водеа разговори за олабавување на тензиите во повторно ескалираниот конфликт во северно Косово.
„Интензивно разговаравме со Косово и со Србија“, изјави Шолц синоќа по средба со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовската претседателка, Вјоса Османи. Макрон соопшти дека било побарано одржување нови избори најбрзо што е можно, на кои би морале да учествуваат и косовските Срби. Истовремено, Косово мора веднаш и приоритетно да го реши прашањето со формирање на Заедница на српски општини. Тие барања се содржани и во она што го твитна првиот европски дипломат, Жозеп Борел, кој исто така присуствуваше на средбата:
Денеска, на вонредна седница на косовскиот парламент, единствена точка е расправа за ситуацијата на северот на Косово. Истовремено, Србите и натаму протестираат пред зградите на општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, противејќи се новите градоначалници да влезат во тие згради. Меѓународната заедница ја повика владата на Косово веднаш да ја деескалира ситуацијата, градоначалниците да работат во други објекти, а полицијата да ги напушти општинските згради.
Курти инсистира на тоа дека избраните градоначалници немаат каде да работат освен во официјални јавни објекти, кои, како што рече, се во сопственост на Косово.