1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Kриза на лидерство, визија, морал или на сѐ заедно?

10 ноември 2022

Во македонското општество се губат моралните граници - сѐ е оставено на „кој како ќе се снајде“, владее морален лаксизам

https://p.dw.com/p/4JIwn
Mazedonien Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Лидерски средби без резултат,  постојани обвинувања меѓу власта и опозицијата, бавно справување со криминалот, институции „скарани“ со нивната надлежност, сеопшта ерозија на моралот... Ова е доминантниот супстрат во македонското секојдневие, кој во пакет со енергетската и економска криза, е на добар пат да произведе „совршена бура“. Граѓаните сѐ потешко се снаоѓаат во таа конфузија и не веруваат дека нешто може да се промени, сѐ додека слушаат ветувања за нови и „поефикасни закони“, како алиби за нефункционирањето на актуелните.

Што е во прашање - криза на лидерството, на институциите, на визијата, на одговорноста, на моралот, или на сето тоа заедно?

„Евидентните кризи во кои често запаѓа македонското општество всушност не се никаква новина“, вели политологот и универзитетски професор Ненад Марковиќ.

„Системот на функционирање на политичката арена во државата е така поставен да подразбира слаба институционализација, а голем степен на волунтаризам на политичките лидери. Честото излевање на политичките процеси во неформалната сфера, преку  фамозните лидерски средби,  понекогаш подразбира ефикасен и ефективен начин за решавање на политичките недоразбирања, но често знае да се претвори во фијаско. Ова особено кога меѓународната заедница не е присутна да прави соодветен притисок за постигнување консензус по одредено прашање. Напати се покажало дека внатрешната политичка ентропија не е доволна за надминување на политичките ќорсокаци, пример кој е потврден во петте најголеми политички кризи - и во 1994, и во 2001, и во 2004, 2014 и 2017 година“, потсетува Марковиќ.

Кога политичките процеси се сведуваат на однос на лидерите на политичките партии, а институциите се туркаат во втор план, вели дека е јасно оти не може да се очекува системско справување со политичките проблеми.

„Ако рамката е волунтаристичка и деинституционализирана, тогаш се зголемува веројатноста и политичкиот процес да биде неуспешен и непријателски настроен. Ова дополнително е засилено со одредена доза на  ‘потрошеност’ на големите политички актери  на македонската политичка сцена, кои според резултатите на последните избори уживаат сѐ помала поддршка“, оценува Марковиќ.

Ни срам, ни перде

Она што континуирано и силно ја иритира јавноста е отсуството на суштинска транспарентност и отчетност, како и одговорност кога политичар,  државен службеник, градоначалник, обвинител, ќе биде фатен во лага или злоупотреба. Во многу такви случаи епилогот е -ништо: нема оставки, нема санкции, нема извинувања, туку постојани обиди тоа да се оправда. На домашната сцена не недостига ни  политички театар,  во која главни реплики може да се „крадец“, „Хитлер“ или „деспот“, а девијантните однесувања се неограничено оставени на „повелете“.

„Нема морална дистанца, нема морални граници“, вели професорот и публицист Ферид Мухиќ.

„Сѐ е дозволено, сѐ е оставено на ‘кој како ќе се снајде’, владее морален лаксизам. Граѓаните не се фактор,  ‘моќта на народот’  се злоупотребува на избори. Не постои дистинкција меѓу приватната и јавната сфера. Колку што јавната сцена е поширока, толку побрутално се стимулираат кавги - ‘виде што му реков, виде како го замолчав’. Постапки кои не се прифатливи, од една страна стануваат предмет на егизбиционизам, а од друга, на воајерство кај граѓаните, што разива патолошки ситуации. Нема нешто во зародиш што ќе ги запре тоа морално паѓање“, оценува Мухиќ.

Вели дека пресвртот треба да се бара во неговото „родно место“ - кај поединецот.

„Поединец со интегритет, е претпоставка за општество со интегритет. Од поединецот мора да дојде пресвртот“, потенцира Мухиќ, нагласувајќи ја важноста на квалитетен образовен процес.

Заложнички модел

Во меѓувреме, на политичката сцена се гради привид на редовност и нормалност - се одржуваат партиски трибини, посети на општини, се даваат нови ветувања. Оваа практика не им ја гарантира на сите очекуваната додадена вредност, бидејќи кај граѓаните доминира впечатокот на „сто пати видено и сто пати слушнато“.

Според Марковиќ, резултатите укажуваат на намалена поддршка на главните експоненти на политиката во последните три декади.

„Тоа, за жал или за среќа - зависно од тоа на која страна на идеолошката поделба и` припаѓате - отвора голем простор за нови играчи на политичката сцена, кои не нужно имаат демократски карактер или намери. Не помалку важни се и екстерните фактори со кои тешко се справуваме, како што се комбинираната енергетска, епидемиолошка и економска криза. Неможноста на локалните лидери успешно да се справат со оваа фатална комбинација на кризи, создава впечаток на слабо лидерство, иако ова е глобална тенденција која не поштедува ниту лидери на многу помоќни и поголеми економии и држави, не штедејќи никого ниту од левицата, ниту од десницата ниту од либералниот центар“, вели Марковиќ.

А во ситуација на криза, објаснува тој, моделот по кој партиите се однесуваат е без исклучок „заложничкиот“ модел, во чија основа не стои никаква проценка на штета по државата или јавното добро, туку исклучиво  краткорочниот интерес на партијата  на која и припаѓа одреден лидер.

„Овој модел подразбира рововски формат на преговарање и политичко пазарење, во кое единствен параметар е репутацијата и рејтингот на партијата, но не и на државата или постигнувањето на одредена среднорочна или долгорочна цел. Мислам дека граѓаните по три декади независност на државата ова веќе го препознаваат, што доведува до резигнација и уште поголемо дистанцирање од политиката и недоверба во какво било политичко лидерство“, констатира Марковиќ.