Кремљ: Во посета на Херсон беше Путин, а не негов двојник
20 април 2023Кремљ ги отфрли шпекулациите дека негов двојник, а не рускиот претседател Владимир Путин неодамна бил во посета на окупираните украински области во Херсон и Луганск.
„Можам само да кажам дека овие изјави се прилично чудни“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Од Москва пред неколку дена стигна информација дека рускиот претседател Владимир Путин бил во воените главни штабови во украинските региони Херсон и Луганск,кои се под контрола на руската армија, но не ги посетил ниту војниците на фронтот, ниту пак се сретнал со цивили.
Секретарот на националниот украински Безбедносен совет, Олексиј Данилов синоќа посетата на шефот на Кремљ на регионот Херсон ја стави под сомнеж гледајќи во неа чисто инсценирање. Човекот кој беше прикажан во медиумите всушност е двојник на Путин, изјави Данилов за телевизијата: „Таму не беше Путин, туку негов двојник, тоа е општо познато“, тврдеше Данилов, според кого Путин е „еден заплашен човек", а самата помисла тој да се одлучил да го посети фронтот е едноставно невозможна.
Меѓутоа, не постојат докази дека наместо Путин на официјални термини се појавува негов двојник. Путин во февруари 2020 година самиот изјави дека од безбедносни причини, му било предложено користење на услугите на негов двојник на официјални настапи, што за него не било прифатливо: „Идејата постоеше, но јас тоа го одбив“.
Гласините за појавување на наводен двојник на Путин упорно се одржуваат со години, исто како и за неговата здравствена состојба, а беа засилени поради неговото ретко излегување во јавноста за време на пандемијата на коронавирус. На телевизијата од тој период Путин обично е прикажуван сосем сам во неговиот кабинет при учество на видео конференции.