1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Не прифаќам уцени и притисоци

ДТЗ
26 декември 2022

Избори ќе има во 2024 година. Прашањето за уставните измени не може да биде предмет на уцена. Не сакам да верувам дека Билал Касами станал заложник на Левица, вели премиерот Димитар Ковачевски

https://p.dw.com/p/4LQnB
Димитар Ковачевски
Избори ќе има во 2024 година. Прашањето за уставните измени не може да биде предмет на уцена, вели Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

Избори ќе има во 2024 година. Прашањето за уставните измени е сериозно и е државничко прашање, кое не може да биде предмет на уцена.  Не сакам да верувам дека Билал Касами станал заложник на Левица, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски, откако деновиве претседателот на БЕСА, Билал Касами како услов за уставни измени побара предвремени избори.

Ковачевски му порача на лидерот на Движењето Беса, да не се обидува поддршката за уставни измени да ја условува со барање за предвремени избори затоа што тој не функционира под уцени и закани. 

„Изборите ќе бидат во 2024 година, а прашањето за уставни измени е сериозно и државничко прашање затоа што значи заокружување на процесот за отворање на кластерите во преговорите со ЕУ. Сега се зависи од нас“, вели Ковачевски. Според него,  ова прашање е прашање на принципи дали некој го поддржува европскиот пат или не.

„Условувања за вакво прашање се неприфатливи. Место тоа повикувам на широк општествен и политички консензус за европскиот пат на државата. Ова не е последната одлука до зачленување на Северна Македонија за ЕУ“, дециден е премиерот.

Тешки одлуки на патот кон ЕУ

Ковачевски вели дека уште тешки одлуки ќе има на патот кон ЕУ. „Следуваат тешки одлуки, следуваат реформи кои ги поминале сите кандидати и тоа е процес кој ќе трае до 2030 година, според она што го зацртавме како цел. Во тој процес ќе има учесници кои и сега се вклучени и експерти и членови на парламентот, кои нема да останат на истата позиција до тогаш, со оглед на тоа дека во меѓувреме ќе има и избори. Но, сите треба да работат за членство на Северна Македонија во ЕУ, тоа е неповратен процес“, дециден е премиерот. Но, тој посочува дека процесот единствено може да биде закочен од партиите кои се противат на тоа како што е партијата Левица.

Билал Касами Беса
Не сакам да верувам дека Билал Касами станал заложник на Левица, вели КовачевскиФотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

„Левица ја зема во заложништво и ВМРО-ДПМНЕ. Јас не сакам да верувам дека Билал Касами станал заложник на Левица и на Апасиев. Условување на тие важни одлуки за идните генерации е кочење на иднината на државата“, смета тој. . 

Касами викендов порача дека доколку власта не го прифати барањето за предвремени избори, ќе преземат порадикални чекори. За постигнување на оваа цел тој вели дека се подготвени за соработка со сите партии од албанскиот опозициски блок, а не ја исклучува можноста за соработка со Алијанса за Албанците и со ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за ДВ потврдуваат дека имаат комуникација со опозициските партии по прашањето за предвремени избори, но заради суптилноста на процесот сметаат дека не е време за јавни коментари.

Политички поени

Шефот на македонската дипломатија од редовите на ДУИ, Бујар Османи. барањето на Касами за предвремени избори следната пролет, Османи ги оцени како дневно-политички кореографии во обид да се добие плус некој политички поен.

„Бидејќи сите се свесни дека уставните измени не се контроверзни, дека нема алтернатива од тој процес, се обидуваат на тоа да добијат некој политички поен. Меѓутоа, тоа е нечесно кон најважното прашање за граѓаните, Европската Унија. Мислам дека ќе увидат во текот на годината дека е тоа погрешен пристап. Јас очекувам дека ќе го завршиме тој процес заради фактот што никој нема ништо против содржината на процесот. Другото е форма, кореографија, партиско-политички став. Тоа ќе го менаџираме, ние сме покажале капацитет за потешки работи да надминеме, а камоли суети на партии“, вели Османи. Тој најави дека идната недела ќе се интензивираат разговорите за обезбедување двотретинско мнозинство, кое е потребно за да се изгласа потребата за отворање на Уставот. Османи верува дека следната година ќе бидат донесени уставните измени бидејќи „нема ништо контроверзно во тоа Бугарите, Црногорците и Хрватите да се внесат во Уставот“.