Ковачевски бара широка поддршка за уставните измени
26 август 2022Премиерот Димитар Ковачевски побара поддршка од сите 120 пратеници во македонскиот парламент за уставните измени коишто следат, како услов за понатамошно напредување кон ЕУ. Оценувајќи дека опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица се против европската иднина на земјата, тој се надева дека кај пратениците коишто ги застапуваат интересите на граѓаните, сепак ќе успеат да ја обезбедат потребната поддршка за промени во Преамбулата на Уставот.
„Пратениците се враќаат на работа, уставните измени ќе поминат низ процедура на дискусија и мислам дека сите пратеници треба да ги поддржат, бидејќи во Уставот треба да влезат и други народи коишто живеат тука, а изразиле желба за тоа“, вели Ковачевски и додава: „Постојат држави со дури 25 народи во Уставот, како Хрватска и тоа само ја збогатува општествената кохезија“.
Идејата е македонскиот Устав да се дополни и со еврејскиот народ, затоа што еврејската заедница е веќе вградена во листа на верски заедници во Уставот, на која се застапени МПЦ, ИВЗ, Католичката, Методистичка и Еврејската заедница. Египќаните и Торбешите исто така побарале да бидат вклучени во уставните измени коишто ќе треба да ги направи земјата. На тој начин ќе се амортизира политичкиот притисок и внатре во земјата, но и од страна на Бугарија, којашто го наметна прашањето за бугарското малцинство да се наметне како важен услов за европската интеграција. Ова е шанса за Владата да добие поширока поддршка за вклучување повеќе заедници во Уставот, за што е потребно двотретинско мнозинство, коешто тешко ќе се оствари без широк консензус во парламентот.
Две спротивставени коалиции
Ковачевски вели дека во земјата јасно се издиференцирани две коалиции – една која е за европска Северна Македонија и која заедно со доминантниот дел од граѓаните сака да ја види државата како дел од ЕУ, и ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои се противат на членството во ЕУ. „Затоа постојано изнаоѓаат нови причини кои немаат никаква врска со реалноста, ниту имале во 11 години кога беа на власт и кога државата не се помести ни милиметар во евроинтеграциите, а беше и заробена во однос на демократијата и владеењето на правото“, вели Ковачевски.
Втората коалиција, според премиерот, не нуди никаква алтернатива. „Всушност, едниот коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ нуди некаков азиски сојуз со централно-азиски држави, што сметам дека е нонсенс во однос на евроинтеграциите“, заклучува тој.
Претседателот Стево Пендаровски, пак, е скептичен дека сегашната опозиција во парламентот има расположение да гласа за уставните измени. Тој смета дека во досега потпишаните документи нема никаква опасност кон македонскиот идентитет и јазик, а дека ставот на опозицијата е наметнат од внатрешнопартиска логика. „Вие не можете со сила никого да натерате (да гласа), ако од сегашната опозиција мислат дека документите се опасност за македонскиот народ. Јас не мислам така. Моја проценка е дека многу тешко ќе се дојде во овој парламентарен состав до 2/3, затоа што, колку што јас можам да проценам, опозицијата во македонскиот Парламент го чита договорот со Бугарија, односно преговарачката рамка со ЕУ, низ партиска диоптрија“, вели Пендаровски во интервју за Агенцијата Анадолија.
Три опции за референдум
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја искористи оваа изјава на претседателот за да ја потврди својата цврста позиција - дека нема да ја поддржат промената на Уставот, со цел вклучување на дел од бугарскиот народ во Преамбулата. „Има поедини размислувања во јавноста околу тоа дали ќе има промена на Уставот или ќе нема, еве и Пендаровски тоа го констатира конечно тоа што јас го најавив - дека во моментот под овие околности ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка на промена на Уставот, а со цел вклучување на дел од бугарскиот народ во Преамбулата“, порача деновиве Мицкоски.
Тој не се откажува од идејата за одржување референдум за ова прашање, за што се можни три опции и во тек се консултации со коалициите. „Една од опциите за референдум е со 44 пратеници од пратеничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Втората опција е да се соберат 150.000 граѓански потписи или да се вклучат двете опции заедно. Ќе одиме на седница на Извршен комитет, повеќе време ќе се посвети во консултации со експерти околу дефинирање на референдумското прашање, а потоа ќе се одбере една опција“, вели тој.