Ковид-19: Какви се штетите од вакцините против коронавирус?
4 јули 2023За колку тужби станува збор?
Од почетокот на кампањата за вакцинација во Германија беа дадени 192 милиони дози на вакцини. Сојузната влада во тоа време експлицитно се залагаше за вакцинација. Критичарите пак стравуваа дека во населението масовно ќе се појават штети од вакцините. Во однос на дадените дози, бројот на тужби е прегледен. Пред сѐ две адвокатски канцеларии, кои според сопствени информации ги застапуваат најголемиот дел тужители, бараат отштета поради можни штети од вакцините. Тие до јуни според, новинската агенција ДПАподнеле околу 350 тужбени барања.
За што точно се води процесот во Ротвајл?
Еден од тужителите е Дитмар С. кој од компанијата Бионтек бара отштета во висина од 150 илјади евра. Покраинскиот суд од Ротвајл расправа за случајот. С. речиси целосно го загубил видот на едното око и смета дека причина за тоа е вакцината „Комирнати” која ја примил кратко пред тоа. Портпаролка на компанијата Бионтек пак вели дека „внимателно ги разгледавме сите претставени здравствени импликации кај тужителот врз основа на информациите кои ни беа ставени на располагање и дојдовме до заклучок дека тужбата е неоснована”.
Кои правни аспекти се клучни?
Пред судовите во овие случаи ќе се третираат пред сѐ две точки: дали штетите на кои се повикуваат тужителите се повеќе од веќе познатите нуспојави. Само ако тоа е така и штетите по здравјето се и де факто последица на вакцинацијата против Ковид, би станувало збор за „вистински” штети од вакцината.
Кога не станува збор за штета од вакцината?
Според член 84 од Законот за лекови, производителот на лек е обврзан да исплати отштета доколку лекот (или во случајов вакцината) при наменска употреба има штетни влијанија кои „според сознанијата на медицинската наука ја надминуваат прифатливата мера”. Но, според судската пракса, тука не влегуваат веќе познати нуспојави, ако лекот е дозволен за употреба. „Затоа не се исплатуваат пари за повреди кои оценети според соодносот на корист и ризик, важат за социјално адекватни, односно за општо прифатени”, пресуди Врховниот суд во Карлсруе. Штетата на која се повикуваат тужителите според ова мора да биде „повеќе” од само веќе позната нуспојава на која било однапред посочено. Во случајот за кој одлучуваше судот во Карлсруе, не се работеше за вакцина против Ковид-19, но истите принципи важат аналогно и за овие случаи. Адвокатот Томас Клинт од Минхен, стручњак од областа на правото за одговорност на производителите, објаснува дека „најголемиот дел лекови и вакцини може да имаат нуспојави, но тоа за нас е прифатливо, затоа што користа го надминува ризикот”. Но, ако навистина дојде до некоја од нуспојавите, не може да бараме за тоа отштета од производителот.
Каузалност меѓу штетата и вакцината
Во втор чекор мора да се разјасни дали вакцината е предизвикувач за штетата. Тука вториот став на членот 84 им ја олеснува работата на тужителите. „Ако применетиот лек според околностите на индувидуалниот случај е кадарен да ја предизвика штетата, тогаш се претпоставува дека штетата е настаната како последица на примањето на тој лек”, се вели во став 2. Каузалноста меѓу штетата и вакцината по закон се претпоставува, но предуслов за тоа е вакцината фармаколошки да е воопшто во состојба да предизвика таков тип на штета.
Претпоставената поврзаност може да биде и негирана, ако во конкретниот случај и друга околност доаѓа во предвид за да предизвика таква штета. „Околу оваа точка во процесот ќе мора да бидат изнесени опширни медицински вештачења”, вели Клинт и додава дека „тужителот и тужениот ќе спорат околу тоа дали се можни и други причини за конкретната штета”.
Дополнителни опции за надомест
Покрај тужбите против производителот, жртвите може да бараат и пари од државата. Во овој процес експлицитно не се бараат такви обесштетувања. Но, тие се предвидени во Законот за заштита од инфекции, каде според член 60, државата плаќа за лекувањето и третманите, а можеби дури и пензија. Тоа се нарекува и „право на надомест заради пожртвуваност”, а идејата е дека луѓето не се вакцинираат само за сопствена заштита, туку и во интерес на државата за заштита на трети лица. Затоа треба да бидат згрижени ако нешто им се случи. Предуслов е вакцината да била препорачана од државна институција во чии ингеренции потпаѓа вакцинацијата.
„Штета од вакцината" подразбира последиците да ја надминуваат вообичаената мера на реакции на вакцината. Тоа значи дека осип, температура, главоболка не спаѓаат во штети.
Дали има таква штета мора да биде утврдено во секој случај поединечно, дури и кај лица кои веќе се соочувале со страшни нуспојави. Што се однесува до барањата спрема државата, прашањето дали нуспојавата била претходно позната, не игра никаква улога. Дури и по коректно објаснување и дадена согласнот, правото на отштета не отпаѓа.
Но, можноста за барање пари од државата заради претрпена штета, како што е предмет на тужбеното барање во актуалните процеси, тука не постои.