Кондов: Големиот притисок за уставни измени ќе дојде однатре
1 август 2024„Европската перспектива на РСМ во моментов е блокирана. И она за што добиваме поддршка, е дека РСМ нема да направи ниту еден чекор напред додека не ги исполни барањата што сме ги поставиле. И тоа е големата заштита што ја добиваме.“
Вака одговори заменикот министер за надворешни работи на Бугарија, Иван Кондов, при сослушувањето пред собраниската Комисија за политики за Бугарите во странство, на прашањето како ќе се заштити позицијата на Бугарија.
„Друго прашање е заштита на граѓаните на РСМ кои се со бугарско самосознание. Тоа е посложено прашање за кое вложуваме големи напори, но не лесно“, рече тој.
Раскажа за средба со Бугари во бугарската амбасада, кога дошол по повод самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (одржан во Скопје).
„Многу тажна средба (...) Еден од нив се изрази, можеби малку емотивно, можеби малку преувеличено... Рече: ‘Ние сме како Евреите во Германија на времето'", раскажа Кондов.
На средбата некој му се пожалил дека негови двајца пријатели сакале да ги избркаат од Армијата затоа што рекле дека се Бугари. Кондов најави дека се обидуваат да организираат нов механизам за заштита за Бугарите, но било тешко.
„Тешко, затоа што властите во РСМ, како да кажам, се многу добро организирани антибугарски. Во моментот кога ќе изникне нешто бугарско, тие го потиснуваат на секаков начин (...) Навистина не е лесна битката. Но тоа што ние можеме да го гарантираме, е барем дека тие нема да одат напред“, вети Кондов.
Софија во исчекување
А таквата блокада се очекувало да резултира со голем внатрешен притисок во РСМ, пред сѐ, како резултат на реакции на албанскиот фактор.
„Тоа (блокадата/застојот, н.з.) ќе има многу големо влијание, затоа што таму има еден дел од општеството кој е силно проевропски, вклучително и од албанскиот дел и други, кои можеби ќе почекаат уште извесно време. Има такви политички сигнали од страна на некои албански политички фактори - дека ќе почекаат околу шест месеци, и после тоа многу сериозно ќе почнат да го поставуваат прашањето за уставните измени. Зашто, во крајна сметка за нив е важно да се напред на патот кон еворпска интеграција", објасни заменик министерот.
Во таа смисла Кондов „верува дека многу политичари во РСМ ќе биле ставени под многу сериозен притисок".
„Затоа, во моментов, како што кажа колегата (од бугарското МНР, н.з.) можеби малку исчекуваме... Но, во крајна сметка - однатре ќе дојде големиот притисок во Северна Македонија и тие ќе треба да направат некаков избор. Како ќе го решат со оглед дека беа толку тврди во нивната изборна кампања, како ќе го решат тоа актуелните власти, тоа е загатка и за мене“, рече Кондов.
Сите „ја разбираат бугарската позиција“
Она што беше јасно потенцирано пред собраниската Комисија, е дека бугарското МНР презело повеќе мерки за информирање на државите-членки на ЕУ, Европската комисија, Европскиот Совет и неговите подготвителни органи, за позицијата на Бугарија во однос на, како што рече Кондов, „неприфатливото однесување на водечките претставници на новата влада на Северна Македонија“.
Сите посочени адреси биле информирани за: неспроведување на договорите, агресивна антибугарска политичка реторика и изразени намери за редефинирање и предоговарање на постигнатиот европски консензус.
„Шпекулативните хипотези за евентуално повторно отворање и предоговарање на преговaрачката рамка утврдена од сите земји-членки, и од самата Северна Македонија, се отфрлени од сите евроатлантски партнери“, рече Кондов.
Тој пред пратениците изрази уверување дека Бугарија ќе продолжи да инсистира на неопходноста од стриктно придржување кон исполнувањето на сите аспекти од компромисот во јули 2022 година.
„Можам да ви гарантирам дека - од моите разговори со претставници на други држави - во пракса нема држава членка која би сакала некакво предоговарање, ниту би се согласила со такво нешто. Во самата Европска Комисија воопшто не го восприемаат тој пристап. Има полно разбирање на нашата позиција“, уверуваше Кондов.
Тој додаде дека многу држави на неформална средба со земјите од Западен Балкан испратиле јасна порака порака - дека договорите мора да се почитуват.
„Не посочија конкретни земји, но беше многу јасно дека се во прашње земји кои ги ставаат под прашање веќе потпишаните договори“, објасни заменикот министер за надворешни работи на Бугарија.
Тој повтори дека прашањата за неприфатливито поведение и позиции на политичките лидери на Северна Македонија биле адресирани и во официјалниот став на бугарското МНР - објавен на 25 јуни 2024.
И од Белград зависи
Кондов потсети и дека еден од министрите во владата на РСМ е од српско потекло кој тоа со гордост го декларирал, па го компарираше тоа со односот кон друг министер за кој било речено дека му е откриен бугарски пасош, кој морал да го крие и да се откаже од него.
„Тоа ја покажува разликата во односите, и влијанието на таа друга престолнина“, рече Кондов.
Според него, и за другите држави е видливо влијанието на Белград.
„Нашите партнери сè појасно го разбираат влијанието на Белград. Тие го гледаат влијанието врз Босна и Црна Гора. Сè појасна им е улогата на Белград на Западен Балкан“, рече Кондов.
На вчерашното соослушување се расправаше за три точки - неспроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, состојбата со конзуларните и дипломатски услуги на територијата на РСМ, и последниот попис во Албанија и реакциитe од соседните држави.