Колку се Германците задоволни од својата демократија?
28 април 2023Речиси половина од луѓето во Германија се прилично или многу задоволни од состојбата на демократијата. Нешто повеќе од половина се помалку задоволни или воопшто не се задоволни. Дали е чашата полупразна или полуполна? Тоа прашање го поставува фондацијата „Фридрих Еберт“, која порачала студија за довербата во демократија во времиња на кризи.
Довербата во демократијата е порасната од 2019 година
Генералната директорка на фондацијата, Сабине Фандрих, прво зборува за тоа што го смета за позитивно: демократијата се покажа подобра и посилна „отколку што би можело да се претпостави со оглед на бројните кризи“. Во споредба со првите истражувања од 2019 година, има дури и „благо зголемување“ на довербата. Тогаш 46,6 проценти од граѓаните имале доверба во демократијата, а сега се 48,7 проценти.
Сепак, може да се каже дека мнозинството останува незадоволно – повеќе од 50 проценти. Скептицизмот кон демократијатае најголем меѓу луѓето со пониско ниво на образование и пониски примања. Покрај тоа, се забележува дека во источниот дел од земјата довербата во демократијата е многу пониска отколку на западот на земјата.
„Врата за популистите“
Во тој контекст Сабине Фандрих е загрижена за општествената кохезија. Со оглед на сложените кризи и широката распространетост на несигурноста меѓу населението, желбата за едноставни одговори расте. „Секако дека тоа е врата за популистите“, вели генералната директорка на фондацијата „Фридрих Еберт“, која е политички блиска до Социјалдемократската партија на Германија (СПД).
И истражувачкиот тим предводен од политикологот Франко Декер прво ги истакнува позитивните аспекти: „Ако го споредиме тоа со други европски земји, тогаш ситуацијата кај нас, во Германија, е прилично добра.“
АфД послаба во однос на другите европски десничари
Научникот од Универзитетот Бон, Франк Декер, укажува на резултатите кои на изборите и во анкетите ги бележи десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД). Ширум Германија таа партија во просек има поддршка од околу 15 проценти, додека во некои други европски земји сличните партии освојуваат 30 до 40 проценти гласови.
Слободарската партија на Австрија (ФПО) според анкетите е најсилна партија. „Таму луѓето се многу позагрижени за опстанокот на демократијата“, вели Декер, мислејќи на поддршката од околу 30 проценти од избирачите. Во Франција, Марин Ле Пен освои 40 проценти од гласовите на претседателските избори. „А во Италија е формирана десничарска влада која е предводена од постфашистка.“
Дали е Германија поделена?
Имајќи го тоа во вид, работите во Германија изгледаат прилично добро, без оглед на субјективните чувства на луѓето. Врз основа на резултатите на студијата, Декер не гледа толку голема поделеност во општеството каква што постои во САД. Тој зборува за „радикализација на маргините“.
Како индикација за тоа, тој ја наведува сѐ поголемата наклонетост кон теории на заговор: негирање на климатските промени и на пандемијата на коронавирус, тврдења за наводна голема замена на населението по пат на имиграција или „Запад е виновен за војната во Украина, зашто Русија и Путин се испровоцирани“. Во такви приказни веруваат меѓу 18 и 36 проценти од граѓаните.
Сличност меѓу источна Германија и источна Европа
Франк Декер не го изненадуваат понекогаш големите разлики меѓу истокот и западот на земјата, дури и повеќе од 30 години по повторното обединување на Германија во 1990 година. Источните сојузни покраини кои тогаш се приклучија можат да се споредат со другите посткомунистички општества во централна и источна Европа.
И таму постојат разлики во однос на Запад, вели истражувачот на демократијата, мислејќи на успехот на десничарските популистички владејачки партии како Фидес во Унгарија или Право и правда во Полска. „Таму постојат многу силни политички и културни сличности со источните Германци“, вели Франк Декер.
Надеж дека ќе има помалку хистерии на социјалните мрежи
И што треба да се направи за граѓаните на Германија да бидат позадоволни од демократијата? За тоа размислуваат стручњаците од универзитетот во Бон и од фондацијата „Фридрих Еберт“. Генералната директорка на фондацијата, Сабине Фандрих смета дека е потребен посмирен дискурс, посебно на социјалните мрежи, како и повеќе политичко образование.
Кога станува збор за демократија, но и за заштита на климата и сообраќајот, Франк Декер решението го гледа во поголем ангажман на т.н. граѓански совети. Тој меѓутоа не би одел толку далеку „за местото на институциите да го заземат граѓански совети“.
Многумина се за повеќе директна демократија
Франк Декер смета дека такви совети на локално ниво би требало да бидат помош и дополнување. „Но, обврзувачките одлуки на крајот треба да бидат препуштени на парламентот и владата. Со залагањето за претставничка демократија тој меѓутоа застапува малцинско мислење. Во студијата која ја водеше, само една третина од анкетираните поддржала таква форма на владеење.
Речиси 47 проценти од испитаниците се изјасниле за директна демократија, во вид на референдум за сите поважни политички и општествени прашања. Околу 19 проценти од прашаните сакаат т.н. експертократија, во која за судбината на Германија пресудно би одлучувале стручњаци од науката, економијата и други области.