Задоцнета помош за Сирија со катастрофални последици
3 април 2023„Беше како крај на светот“, се сеќава Луај Јунис од сирискиот град Јадариса. Веднаш по земјотресот, доброволци се обиделе да стигнат до преживеаните со секири и клешти. „Имаше многумина кои што беа живи два-три дена под урнатините, но бидејќи помошта од странство бавно стигнуваше, тие починаа“, вели Јунис за ДВ.
Обединетите нации објавија дека во земјотресот во северозападна Сирија загинале повеќе од 4.500 луѓе, повеќе од 8.700 се повредени, а над 11.000 останале без покрив над главата.
Зошто помошта траеше толку долго?
Кога станува збор за тоа зошто помошта пристигнала толку доцна во делот на Сирија кој е под контрола на бунтовниците, се наведуваат различни причини. На пример, хуманитарните организации лоцирани веднаш преку границата во Турција исто така беа погодени од земјотресот - хуманитарните работници беа убиени, штабовите беа уништени, а некои патишта во Сирија беа оштетени.
Конкретно, ОН се критикувани како организација за координација, бидејќи не поканиле меѓународни тимови за пребарување и спасување во градовите да се вклучат во страшната ситуација во тој дел на Сирија. Обединетите нации чекаат дозвола од сириската влада на чело со диктаторот Башар ал-Асад, иако правните експерти веќе подолго време укажуваат дека на светската организација не ѝ е потребна дозвола за ваква прекугранична помош. Во исто време, реалноста на теренот беше игнорирана, бидејќи владата во Дамаск и онака не ја контролира таа граница. Ја контролираат сириските бунтовнички групи и Турција.
Шефот на одделот за помош на ОН, Мартин Грифитс, претходно се извини на социјалните мрежи за неуспехот на неговата организација.
Раед Салех, шеф на сириските сили за цивилна одбрана „Бели шлемови“, за новинарите изјави дека ОН не помогнале доволно брзо и побара извинување, но и истрага.
„Нема сомнеж дека неуспехот да се одговори во северозападна Сирија, вклучително и од ОН, директно предизвикаа смртни случаи и повреди што можеа да се избегнат“, потврдија група истражувачи во мартовското издание на британското медицинско списание „Лансет“ . Тие, исто така, побараа „независна комисија под мандат на ОН да спроведе истрага“.
Комисијата на ОН исто така сака ревизија
Претходната недела, на ваквите барања се приклучи и независната меѓународна истражна комисија за Сирија, која е тело на ОН. Основана е во 2011 година за да го следи кршењето на човековите права во Сирија и неодамна го претстави својот 27. извештај до Советот за човекови права на ОН во Женева. За време на состанокот, претседателот на Комисијата, Пауло Пинеиро, рече дека тие ги поддржуваат „повиците на многу Сиријци и други за темелна проверка на ефективноста на Обединетите нации и хуманитарниот одговор на пошироката меѓународна заедница на катастрофата“.
Поканата на комисијата ја пофалија многумина од Сирија. Но, како би изгледала таа ревизија? И дали таквата истрага може некогаш да донесе правда за Сиријците?
Новинарите на ДВ разговараа со повеќе агенции и канцеларии на ОН и, и покрај неодамнешниот предлог на Комисијата за Сирија, останува нејасно како точно би можела да изгледа таа истрага или дали воопшто ќе може да се спроведе.
Како ОН ќе се истражат себеси?
Во одговор на ДВ, Комисијата за Сирија соопшти дека не може ништо повеќе, бидејќи секоја таква ревизија е надвор од нејзиниот мандат, а тоа е следење на кршењето на човековите права во земјата. Комисијата нема да биде соодветен орган да спроведе таква истрага, истакна нејзината портпаролка.
Претставник на Канцеларијата за координација на хуманитарни прашања (OCHA), Кирстен Милдрен, тело на ОН што работи со хуманитарни организации со седиште во близина на турско-сириската граница, објасни дека најверојатно ќе биде спроведена внатрешна истрага.
„Стандардна практика е OCHA да спроведе внатрешна ревизија на својот одговор на кој било голем итен случај“, објасни Милдрен. „Тоа ни помага да го подобриме начинот на кој треба да одговориме на идните кризи и да направиме промени во системот кога е потребно.
Советот за човекови права на Обединетите нации (УНХРЦ) исто така може да ја поддржи идната истрага, изјави за ДВ Метју Браун, портпарол на тој совет. Советот го водат 47 земји-членки, а не администраторите на ОН, објасни Браун. Ако која било земја-членка сака да ги убеди другите земји да побараат независна истрага, тогаш тоа ќе биде еден од начините да се започне истрага, рече Браун. Во моментов идејата за истрага за доцнењето на помошта за Сирија не е на агендата на УНХЦР.
Направете притисок врз раководството
Друг начин да се покрене таква истрага би било да се поднесе барање до Генералното собрание на ОН. Меѓутоа, тоа би било потешко, бидејќи тогаш мнозинството од 193 земји-членки ќе треба да се согласат на резолуција дека е неопходна истрага на ОН од страна на ОН.
Но, и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, има моќ да нареди таква истрага. Притисокот врз раководството на ОН помогна во слични ситуации во минатото. На пример, Хаиќаните добија одредена компензација по избувнувањето на колера во 2010 година во нивната земја.
Меѓутоа, кога станува збор за потенцијална истрага за одложување на помошта веднаш по земјотресот во северозападна Сирија, ниту една од тие опции не се користи.
А што се однесува до Сиријците како Луај Јунис од Јандарис, кои ги загубија пријателите и семејството во катастрофата, тие немаат друг избор освен да ги сносат последиците од одлуките донесени далеку од нив.