Премиерот Христијан Мицкоски успешно создава амбиент во државата дека е во големо исчекување за голем пресврт во односите со ЕУ, со својата политика на исправена кичма, без коленичење и понизност. Силно ветување од предизборната кампања која донесе многу гласови. Неправдата која ѝ се прави на Македонија му е најголемиот аргумент иако добро знае дека тоа во политиката на интереси не значи ништо. Лелекот и „плачењето“ за големата неправда што ни се прави сѐ уште дава одлични резултати само во земјата. Надвор никого не трогнува. Напротив, најофицијално стасуваат брзи и отсечни одговори дека нема промени, договореното со соседите и со ЕУ мора да се почитува.
Тогаш, навистина, што чека Мицкоски? Да победи Доналд Трамп идниот месец во Америка и прво што ќе направи силно да удри со тупаница на маса за Македонија да ги продолжи преговорите со ЕУ и да стане експресно членка на ЕУ? Сигурно НЕ. Мицкоски не е толку наивен. Дали чека Бугарија да попушти кога ќе добие политичка влада од седми, или барем од осми обид во наредните години? И тоа НЕ. Знае дека не врви ни таа работа кој и да победи и да формира влада кај братските соседи. И од таму стаса истата телегарама. Нема шанси. Претседателот на Бугарија, Румен Радев вели работата е завршена во 2022 година, се обраќате на погрешна адреса. Точната адреса ви е во Брисел и во вашето Собрание.
И од Германија стаса брза пошта. Канцеларот Олаф Шолц вели дека единствениот пат на земјите од Западен Балкан е исполнување на договорите. Направете го тоа, ние сме со вас, ја имате нашата поддршка. И тоа го знаеше нашиот премиер пред да го соопшти канцеларот Шолц. Го знае и ставот на сите 27 членки на ЕУ. Може ли пријателот и дарителот на 500 милиони евра Виктор Орбан, инаку „многу влијателен“ во ЕУ со замрзнати 19 милијарди евра помош за Унгарија поради своите политики да направи нешто повеќе за нас? Секако, може да ни даде барем уште 500 милиони евра поволен кредит, како што вели европски пари, ама не од замрзнатите милијарди. Или некои други пари за исти намени. И тоа го знае Мицкоски.
Рано е да се заборават предизборните ветувања
Па, што е тогаш работата што премиерот е толку полн со оптимизам и самоувереност? Ако уште не сте насетиле и не ви текнува, сето ова одлагање му оди во прилог. Многу е рано да се заборават предизборните лаги и ветувања, а и опасно да се фатат во костец со спроведување на тешките реформи кои ги содржат преговорите. Затоа Мицкоски пет пари не дава за деблокирање на преговорите со ЕУ. Во моментот, неговиот ангажман и на неговата партиија и партнерите во поделба на власта е предизборната кампања за локалните избори што ќе се одржат догодина.
Кампањата веќе тече со засилено темпо. Откако ќе ги подели 500-те „поволно“ позајмени милиони евра по општините и по компаниите - многу чесно, се разбира - и нешто за партијата и за објективните провладини медиуми, победата е загарнтирана. Таа ќе донесе и убава наклонетост ветувањата да бидат заборавени. Ако се јават некои непредвидени проблеми, како што обично бива во вакви ситуации, ќе стасаат уште 500 милиони евра и за предвремени парламентарни избори. Нема ништо позначајно во Македонија од освојување на власта. Ако и тоа не е доволно, има готов рецепт за уште еден 11-годишен режим, добро познат и применет во практиката.
Значи, стратегијата за иднината на Македонија се сведува на одлагање на преговорите со ЕУ со тоа што постојано ќе се повторува истата мантра: ние сме цврсто определени за членство во ЕУ, ама не по оваа цена и не со бугарски диктат.
Што ако не продолжат преговорите со ЕУ?
Грчкиот диктат е веќе совладан. Преспанскиот договор, тоа големо предавство на националните и државните интереси на сменетото име и знаме на државата, продадената античка историја и идентитет и не бил така лош, како што го плашевме народот. Нема повеќе потреба од негова промена , или некакво си подобрување. Ги снема од јавната сцена и големите критичари на Преспанскиот договор. Остануваат само проблематичните Бугари за влез во македонскиот Устав и новите бугарски блокади и уцени. Тоа ќе се пегла со достинство и гордост, како што повеќепати најавувам со потребата Бугарите и ЕУ да пуштат една сламка на која ќе се фати давеникот, па макар била и само козметичка дека ете нешто од предавствата е спасено. Тоа ќе биде голема победа и со добра кампања ќе се претвори исто како и Преспанскиот договор како прифатливо решение.
Тоа е добрата страна на лебот и покрај откривање на предизборните лаги. Лошата страна е ако Мицкоски и владата останат цврсто на својот став дека ќе нема уставни промени и Бугари во Уставот доколку не се примени формулата за одложена важност на уставните промени со денот на приемот на Македонија како редовна членка на ЕУ. Или ако не се применат пресудите од Стразбур за правата на Македонците во Бугарија. Таквата разврска има повеќе сценарија. Ниедно не е добро.
Влада со визија ќе мора да се посвети на една таква ситуација многу посериозно од предизборните кампањи во битките за власт. Таа цена е многу повисока од отстапките кои се направени. Кои се последиците ако Македонија во наредните неколку месеци не ги продолжи преговорите со ЕУ? Дали тоа може да предизвика дестабилизација во државата? Можни ли се во тој случај меѓуетнички конфликти? Какви ќе бидат економските последици и ќе има ли уште помасовно иселување од земјата на младите?
Не е ништо ново распаѓање на држави и во поновата историја, предупредуваше српската историчарка и познат општественик Латинка Перовиќ за Србија, но и за земјите на Западен Балкан. Ако НАТО е гарант за надворешна опасност, членството во ЕУ е поголем гарант за внатрешна стабилност и побрз севкупен развој. Тоа може лесно да се провери во земјите кои станаа членки на ЕУ ако се види каде беа пред тоа. Научивме ли нешто од крвавиот распад на Југославија, чии последици сѐ уште се присутни? Ова се прашањата на кои ќе мора да посвети внимание не само владата, премиерот, претседателот на државата, институциите на системот, интелектуалните и деловните елити, туку и граѓаните на Македонија, понесени од пропагандите и лажниот патриотизам, со игнорирање на историската шанса Македонија да стане европска држава во вистинска смисла припајѓајки на западната демократија и цивилизација, а не само географски на европскиот континент.
Заробениците на историјата и на географијата не можат да дадат одговори на овие прашања, а уште помалку популистичките повикувања на волјата на народот. Вистинските државници го предводат народот во остварување на државните интереси. Во тоа е разликата со листопадните политичари кои наводно прават сѐ во името на народот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.