1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина е подготвена за напад врз Тајван?

Autorenbild | Alexander Görlach
Александар Герлах
3 јануари 2024

Односот меѓу Кина и Тајван е екстремно напнат. Кина се заканува со инвазија на островската демократска држава Тајван. Знаците укажуваат на војна во 2024 година, смета Александар Герлах.

https://p.dw.com/p/4anpB
Кинескиот претседател Ши Џинпинг
Кинескиот претседател Ши ЏинпингФотографија: Yao Dawei/Xinhua News Agency/picture alliance

Кинескиот властодржец Ши Џинпинг во својот новогодишен говор упати силна воена закана: сигурно е дека  Тајван ќе биде „повторно обединет" со Народната Република,  порача диктаторот. Тој не наведе датум, но  нападот на кинеската армија  може да следи уште оваа година. Имено, на 13 јануари во Тајван се одржуваат избори, а кинеските државни медиуми веќе најавија дека немаат високо мислење за очекуваните изборни победници.

Лаи Чинг-те, член на владејачката Демократска партија на Тајван и моментално заменик претседател на земјата, медиумите во Пекинг го оцрнуваат како „уништувач на мирот“. Негов грев е што во телевизиска дебата изјави дека Тајван и Кина можат во секој момент да водат разговори, но на исто рамниште. Освен тоа, истакна Лаи, Тајван е суверена држава уште од 1912 година, иако Ши тврди спротивно. Тогаш е формирана Република Кина, чија последна преостаната територија е Тајван со неколку помали острови во неговата околина, смета Лаи.

Тоа што Ши уште во новогодишното обраќање во игра воведе инвазија врз Тајван, ја покажува  големината на притисокот под кој се наоѓа владетелот.

Невработеноста меѓу младите во Народна Република Кина, поради  промашената политика на Ши, - е висока како никогаш досега. Владетелот им препорача на невработените да се преселат на село и да работат земјоделие. На тој начин, тој го подгреа рецептот од ерата на Мао, кој кај младите досега не наидува на одек. Оваа препорака не е никаков придонес кон решение на проблемот. Кон тоа се надоврзува  пукањето на кинескиот меур на недвижности –  стотици илјади луѓе стравуваат за своите заштеди или за учеството за купување станови, кои сега веќе не можат да бидат изградени. Целосниот размер на штетата ќе биде јасен дури во оваа година.

Во прашање е Тајван и кинеската внатрешна политика

Во ваква ситуација диктаторите се склони кон драстичен надзор над сопственото население и истовремено изнудување солидарност и збивање на редовите преку војна. Со посегнувањето кон оружје, сакаат да го свртат вниманието од сопствените неуспеси.

Изборна кампања - ТВ дебата на тројцата претседателски кандидати во Тајван, лево е фаворитот Лаи Чинг-те
Изборна кампања - ТВ дебата на тројцата претседателски кандидати во Тајван, лево е фаворитот Лаи Чинг-теФотографија: Pei Chen/AP/picture alliance

Така, новата година во светот почнува со изгледи за уште едно воено жариште во источна Азија. Ши Џинпинг, треба да сигнализира  неговиот новогодишен настап, е спремен за напад врз Тајван, доколку според планот на 13 јануари се одржат демократските избори на островот. Лаи Чинг-те води во анкетите, неговата изборна победа се смета за многу веројатна.

Сѐ ќе зависи од САД, најблискиот сојузник на Тајван. Американскиот претседател Џо Бајден во повеќе наврати најави спремност да ги брани 24-те милиони жители на островот во случај на напад врз Тајван. На 14 јануари можеби ќе треба да го одржи ова свое ветување. 

 

Александар Герлах е соработник на Карнеги Советот за етика во меѓународните односи и научен соработник на Интернет институтот во Оксфорд, а предавал и на Институтот за верски и меѓународни студии на Универзитетот Кембриџ, како и на Харвард.

Овој коментар го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.