1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Киев нападнат со руски ракети и дронови

ЖА
2 септември 2024

Во текот на ноќта, Украина извести за нови напади со беспилотни летала и ракети - вклучително и врз главниот град Киев. Во меѓувреме, Русија јави дека една детска градинка била оштетена од украинско гранатирање.

https://p.dw.com/p/4kArw
Руски напад со ракети и дронови врз Киев
Руски напад со ракети и дронови врз КиевФотографија: Thomas Peter/REUTERS

Украинските воздухопловни сили соопштија дека одбиле повеќе од 20 проектили за време на  масовните ноќни руски воздушни напади  врз Киев и два други украински региони. Во ноќта кон понеделник,  Москва изврши воздушен напад  врз регионите на Киев, Суми и Харков „со балистички ракети, крстосувачки ракети и наведувани ракети и нападна со беспилотни летала од типот Шахед“, соопшти украинското воздухопловство, според кое биле соборени девет балистички проектили, 13 крстаречки ракети и 20 нападни беспилотни летала.

Во воздушниот простор на главниот град, „повеќе од десетина крстосувачки ракети и десетина балистички ракети, како и  беспилотно летало“ се уништени при „комбинирани“ руски воздушни напади, соопшти воената администрација на Киев на онлајн сервисот Телеграм. Според неа, проектилите биле истрелани од стратешки бомбардери во рускиот регион Саратов и се упатиле кон Киев од југ по „комплексни маневри“.

Руски напад со ракети и дронови врз Киев
Руски напад со бројни ракети и дронови врз украинскиот главен град КиевФотографија: Gleb Garanich/REUTERS

Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, пријави двајца повредени и штети предизвикани од паѓање на остатоци на ракети, избувнале и неколку пожари.

Според властите, социјален центар за деца и сиропиталиште биле погодени од руски проектил во градот Суми на североистокот на земјата во неделата вечерта. 13 лица се повредени, меѓу кои и четворица малолетни, изјави градоначалникот на Суми, Олександр Лисенко на Телеграм.

Во неделата пак руската војска објави дека пресретнала и уништила 158 украински беспилотни летала кои  нападнале бројни руски региони.  Се вели дека тоа е еден од најголемите украински напади во војната што Русија ја започна со инвазијата на Украина во 2022 година. Во градот Белгород, една градинка е речиси целосно уништена, изјави гувернерот на истоимениот регион, Вјачеслав Гладков. Некои градинки сега ќе останат затворени една недела и затоа неколку училишта треба да одржуваат часови преку интернет. Според Министерството за одбрана во Москва,  погодени се и регионите Курск,  Брјанск и Воронеж.