Руска одмазда - без струја големи делови од источна Украина
12 септември 2022Целта на руските гранати не беа воени објекти, туку желбата да му се украдат топлината и светлото на украинскиот народ, напиша украинскиот претседател Володомир Зеленски на Твитер. Регионите Харков и Доњецк се останати во целосен мрак, без електрична струја.
Москва демантира дека нејзината војска целно врши напади врз цивили и цивилни објекти.
На големи области во североисточниот регион Харков, според тамошниот гувернер, по целните руски напади врз инфраструктурата, им се заканува и прекин на снабдувањето со вода.
Руската војска ја гранатираше клучната инфраструктура во градот и регионот Харков, напиша Олег Синегубов на Телеграм, јавувајќи и за избивање пожари на одделни места. Гувернерот на регионот Днипропетровск исто така ги обвини руските трупи за напади врз критичната инфраструктура. Руската армија со овие напади сака да се одмазди за својот пораз на бојното поле, напиша Валентин Режнишенко на Телеграм.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во големата контраофанзива во регионот Харков гледа можна пресвртница во повеќемесечната војна со Русија. В зима украинската војска би можела да поврати натамошни територии, доколку Украина добие повеќе и поефикасно оружје, истакна Зеленски во интервју за СиЕнЕн, објавувајќи ослободување и на градот Исјум.
Украинската војска, како што тврди нејзиното раководство, од почетокот на септември ја повратила контролата на повеќе од 3.000 квадратни километри претходно окупирани од Русија, а својата офанзива ја проширува и во околината на градот Харков во североисточниот дел од Украина. Големи успеси во реосвојувањето на територии се постигнати првенствено кај вториот по големина украински град, каде украинската војска продрела до 50 километри до руската граница, соопшти главниот заповедник на украинските трупи, Валериј Залушниј, дополнувајќи дека украинските трупи напредуваат и во јужниот и во источниот дел од земјата.