Кавга со Фон дер Лајен: Оставка на еврокомесарот Бретон
16 септември 2024Францускиот еврокомесар Тиери Бретон поднесе оставка од функцијата поради спорот со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. „Поднесувам оставка од мојата позиција на еврокомесар, таа важи веднаш“, се вели во писмото на Бретон до претседателката на ЕК, кое го објави на онлајн сервисот X. Фон дер Лајен претходно побара од Франција да предложи друг кандидат за следната Европска комисија.
Бретон: Со мене не беше разговарано
„Пред неколку дена, во последната фаза од преговорите за идниот состав, побаравте од Франција да го повлече моето име - од лични причини за кои никогаш лично не сте разговарале со мене“, објаснува Бретон во своето писмо. Тој ја обвини Фон дер Лајен дека за возврат ѝ понудила на Франција „наводно повлијателен оддел“ во новата Комисија.
Бретон досега во Брисел беше одговорен за индустриската и дигиталната политика на ЕУ како комесар за внатрешен пазар и, меѓу другото, водеше кампања за посилно регулирање на големите дигитални компании како Гугл, Епл и Мета. Францускиот претседател Емануел Макрон официјално го предложи за втор мандат за еврокомесар во јули. Сепак, врската помеѓу Бретон и Фон дер Лајен долго време се смета за напната.
Половата еднаквост се покажува како тешко остварлива
Реизбраната претседателка на Комисијата побара од земјите-членки да испратат еден маж и една жена во трката, но само една од 27-те земји-членки, Бугарија, се придржуваше до ова барање. Фон дер Лајен сака во вторник во Стразбур да го објави составот на новата Комисија. Назначените комесари и претседателката потоа мора да бидат сослушани пред Европскиот парламент. Околу 32.000 вработени се подредени на раководството на Комисијата на ЕУ, кое, меѓу другото, дава предлози за нови закони на ЕУ и ја следи усогласеноста со европските договори.
69-годишниот Бретон се смета за еден од најистакнатите членови на Комисијата на ЕУ во последните пет години. Во Берлин и другите европски метрополи, сепак, на заминувањето на Бретон веројатно нема да се гледа со големо жалење. Во минатото, владините претставници постојано го обвинуваа Французинот дека еднострано ги застапува интересите на економската политика на неговата матична земја, иако претставниците на Комисијата треба да дејствуваат независно од националните интереси на одделни влади. Исто така, критички се гледаше на тоа што Бретон влезе во спор со американскиот технолошки милијардер Илон Маск без претходно да разговара за тоа интерно во ЕУ.
По повлекувањето на Бретон, францускиот претседател Емануел Макрон го предложи вршителот на должноста министер за надворешни работи Стефан Сежурне за функцијата еврокомесар. Сежурне беше претседател на либералната група Европска обнова (Renew) во Европскиот парламент во последниот законодавен период пред да се пресели во Париз како министер за надворешни работи на почетокот на годината. Во соопштението на Елисејската палата се вели дека Сежурне ги исполнува сите потребни критериуми.