1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСоединети Американски Држави

Катастрофални пожари на Хаваи: „Лахаина веќе ја нема“

Тагесшау | ЕМФ
11 август 2023

Најмалку 55 загинати, стотици изгорени домови и илјадници бездомници - обемот на катастрофалните пожари на Хаваи е особено видлив на островот Мауи. Многумина сега сакаат да го напуштат островот.

https://p.dw.com/p/4V1yn
Хаваи пожари Лахаина
Пустош во Лахаина, на островот МауиФотографија: Rick Bowmer/AP Photo/picture alliance/dpa

Пилотите во хеликоптерите не можат да поверуваат во она што гледаат на дневна светлина. Постепено станува јасно колкав е обемот на уништувањето на западниот дел на островот Мауи. „Погледнете ги куќите“, вели пилот кој лета над градот Лахаина. Изгледа како воена зона. Стотици изгорени објекти, остатоци од бродови и автомобили. Лахаина е најпогодениот град од пожарите. Во историскиот пристанишен град живееја околу 13.000 луѓе, а тој беше и многу популарен меѓу туристите.

Хаваи пожари
Стотици објекти се пеплосаниФотографија: Senator Brian Schatz via Instagram/REUTERS

Конгресен центар како сместувалиште во нужда

„Лахаина веќе ја нема. Не остана ништо. Банките, супермаркетите, црквите... Сè исчезна“, вели Хари Доненфелд. Тој живее на Мауи, неговата куќа е поштедена. Тој прими луѓе кои станаа бездомници. „Но, повеќето едноставно спиеја покрај патот“, вели Хари.

Државниот конгресен центар на Хаваи е претворен во засолниште за итни случаи. „Тоа беа два супер интензивни дена“, изјави една жена од засолништето за локалната телевизија. „Снема струја, бензинската пумпа експлодираше. И оттогаш само се обидуваме да избегаме од пожарот.“

Спас од огнот со скок во вода

Се чувствував како во пекол, неописливо, вели човек за локална телевизија. Се спасил скокајќи во вода. „Повикав полиција и скокнав во водата.“ Крајбрежната стража успеала да го извлече него и другите од водата.

Хаваи пожари
Осумдесет проценти од пожарите на западниот дел на Мауи сега се локализираниФотографија: Andrew Jackson/ US Department of Defense/AFP

Американскиот претседател Џо Бајден прогласи катастрофа. Со тоа се овозможува, на пример, да се ослободат средства за финансирање на итни засолништа и поправки на куќи. Американската војска на Хаваи испрати хеликоптери, тимови за пребарување и спасување.

Истовремено илјадници луѓе се обидуваат да го напуштат островот. Од островот веќе се евакуирани 14.000 луѓе, до вечерва треба да се однесат уште 14.500. Властите ги советуваат оние кои не мора нужно да одат во Мауи да го откажат патувањето или да направат нова резервација.

Во потрага по засолништа за итни случаи

Осумдесет проценти од пожарите на западниот дел на островот сега се локализирани, а така е и со 70% од двата пожара на истокот. „Мораме да сместиме илјадници луѓе“, изјави на прес-конференција гувернерот на Хаваи, Џош Грин, обраќајќи и се на целата земја: „Ако имате простор дома, ако можете да сместите некој од западен Мауи, ве молиме направете го тоа“.

Хаваи пожари
Во очекување на лет: Аеродромот во Кахулуи Фотографија: Rick Bowmer/AP Photo/picture alliance/dpa

Мауи е една од најпопуларните дестинации за одмор во Америка и во голема мера се потпира на туризмот. Ќе помине некое време додека луѓето можат и сакаат повторно да одат на островот, претпоставува жителот Хари Доненфелд. „Ја изгубивме нашата економска основа“, оценува тој. Тоа е едно, додава Хари, а друго се многуте трагични приказни, многуте жртви, големите загуби. Негов пријател во понеделникот (7.08) отворил галерија, а во вторникот изгорела. Сè за што работел цел живот, сега го нема.