Карневалистите во Рајнската област „без влакна на јазикот“
12 февруари 2024Поворките на т.н. Розенмонтаг се врвот на карневалот во Рајнската област во Германија. Поворката во Келн, која е најдолга (осум и пол километри), стартуваше прва, а потоа тргнаа и поворките во Диселдорф и Мајнц. Келнскиот организациски комитет на карневалот соопшти дека годинава на стотиците илјади гледачи ќе им бидат фрлени околу 300 тони слатки, меѓу кои и 700.000 чоколада. Мотото на карневалот во Келн е „Каков тетатар - каква луда игра!“, а го отсликува расположението на карневалистите кои со вчудовидување го следат она што се случува во светот во последните години: пандемија, војни и природни катастрофи. Тоа изнудува воздишка кај карневалистите, кои се прашуваат беспомошно - како натаму?
Поради тоа, во фокусот на поворките традиционално се колите со фигури и пораки упатени до политичарите. Еве дел од нив:
Келн - кола со две риби. Помалата како симбол на десните екстремисти со натпис „Ние сме народот“ и поголема, шарена, со знаме на Германија и натпис „Ние сме повеќе“.
Мајнц - кола со фигури на партиските шефици на деснопопулистичката АфД, Алис Вајдел и на левичарската БСВ, Сара Вагенкнехт, чии разголени нозе висат од возило со кое управува рускиот претседател Владимир Путин со раскрвавени раце. „Барбиките не ги интересира што еден злосторник ги 'шофира'“, гласи пораката на карневалистите во Мајнц.
Диселдорф - кола со фигура на канцеларот Олаф Шолц кој има дупка во главата и натпис кој содржи игра на зборови со името на канцеларот „Холаф“ наместо Олаф (hohl - во превод шуплив)
Што е Розенмонтаг?
За потеклото на името Розенмонтаг има различни теории - една од нив вели дека името нема врска со розите, туку со глаголот „разен“, односно да се биде весел, смешен, палав. Според друго објаснување, пак, името датира од 19-ти век. Имено, во 1823-та година во Келн е основан „Комитет за фестивали“, кој имал за цел да донесе одредби за текот на карневалот. Генералното собрание на овој Комитет се одржувало секогаш во понеделник по третата недела. Оваа недела од 11-ти век наваму се нарекува и Розензонтаг, затоа што папата на тој ден осветувал една златна роза и ја предавал на личност со заслуги. Комитетот кој во понеделникот што следувал ја организирал поворката се нарекувал „Здружение Розенмонтаг“. Името прво се однесувало само на поворката, а потоа се пренесло и на целиот ден.
Порано во Рајнската област, вечерта на Розенмонтаг се отворале прозорците за ангелите да можат да земат нешто од оброците. Луѓето верувале дека постите на небото се држат многу строго и затоа сакале да им дадат можност на ангелите уште еднаш „добро да се најадат“ пред да почнат со долгите Велигденски пости.