Камбаните пак бијат за Клепало
27 март 2024Илустрација за односите меѓу две соседни земји во голема мера е инфраструктурата што ги поврзува. Врз основа на овој показател, Северна Македонија и Бугарија немаат голем простор за фалење. Еден од синонимите за тридецениското тапкање во место е и долго највуваниот, но до денес неотворен граничен премин Клепало (Струмјани - Берово).
И покрај тоа што влади во двете земји циклично ја најавуваа изградбата на овој граничен премин, тој остана функционален најмногу на хартија, иако македонската страна во овој случај предничеше во реализација на обврските.
Неговото отворање би значело многу за флуктуацијата на луѓето од двете земји и за развојот на пограничниот и транзитниот туризам во тој регион. За илустрација, за да стигнат до Струмјани жителите на Берово треба да поминат 130 километри преку граничниот премин Делчево. А преку Клепало до блискиот град Сандански би имале 45 километри или 66 километри до преминот Кулата на бугарско-грчката граница.
Рампа обрасната во трева
Токму на застојот во овој проект се осврна Димитар Ковачевски во последните денови од неговиот премиерски мандат, кога на 23-ти јануари годинава го пушти во употреба на реконструираниот и рехабилитиран пат Крива Паланка - Деве Баир. Во таа пригода тој побара медиумите и амбасадорот на ЕУ во РСМ, Дејвид Гир, да пренесат порака до бугарските власти.
„Е, сега сакам да му кажам на амбасадорот Гир и на медиумите, да му пренесат не сегашниот премиер на Бугарија и на поранешниот премиер на Бугарија, Кирил Петков, дека тие нивната работа не си ја завршија. Ниту го завршија делот на патот кај Ќустендил ниту го завршија делот на патот на страната на Бугарија кон граничниот премин Клепало. Така што, амбасадоре Гир, можете преку Брисел да им кажете дека ние нашата работа ја завршивме, а тие нивната работа не ја завршија“, порача Ковачевски.
Од македонска страна активностите за отворање на овој граничен премин датираат од 1992 година, а веќе следната година беа поставени 4 кабини и гранична рампа, но и изградена административна зграда за полициските и царински службеници. Вработените кои во тој почетен период биле ангажирани да го чуваат објектот сега се во пензија, а ‘рѓосаната рампа со години е обрасната во трева. Административната зграда, која одамна никој не ја чува, е руинирана и претворена зграда „на духови“ - со искршени стакла, пајажини, птичји гнезда, откорнати плочки и смет.
Реализацијата - почнува!
Патот до Клепало е изграден и асфалтиран од македонска, но не и од бугарска страна. Најава дека нештата ќе мрднат од мртва точка вчера стигнаа од Благоевград, чија Регионална администрација заедно со Царинската управа на Северна Македонија се корисници на средствата од Програмата Interreg VI-A ИПА Бугарија - Северна Македонија 2021-2027, наменети токму за изградба на овој граничен премин.
„Започнува реализацијата на најголемиот проект од програмата Бугарија-Северна Македонија“, објави бугарското Министерство за регионален развој на својата веб страница.
Инвестицијата вредна повеќе од 11 милиони евра е опишана како најголемиот проект на ова министерство, во рамки на програмите за прекугранична соработка.
„По четврт век почнуваме со реализација на овој долгоочекуван проект“, најави заменик-министерката за регионален развој Ангелина Бонева по вчерашната информативната средба во Благоевград, на која присуствувал и Вулнет Арифи, раководител во македонското Министерство за локална самоуправа.
„Се надевам дека проектот во сите фази ќе биде придружен со стручност и професионалност, како и досега, и да не дозволуваме емоциите да го успорат. За мене тоа е мост кој ќе станува сè понеопходен и важен за да ги поврзе локалните заедници од двете страни на границата на уште еден начин. Инвестицијата е неповратна, и за неа имаме целосно обезбедено финансирање - како европско, така и национално. Неслучајно е избран за стратешки проект од нашата програма“, посочува Бонева.
Две фази
И по пропуштени 25 години, проектот сепак нема да биде завршен толку брзо колку што очекуваат граѓаните од двете земји. Според објаснувањето, инвестицијата е поделена во две фази. Во првата - проценета да заврши во 2026 година, ќе се спроведат подготвителни активности поврзани со планирање, проектирање и избор на изведувачи. Во втората фаза - од 2027 до 2029 година, ќе се спроведуваат градежни активности на инфраструктурата на граничниот комплекс. Тогаш на бугарска страна ќе се изградат неколку згради и ќе се доврши патот до граничниот премин, а на македонската страна од границата ќе се модернизираат постоечките конструкции и објекти. Приоритет во активностите ќе биде инсталирањето на обновливи извори на енергија и употреба на енергетски ефикасни материјали. Посебно внимание ќе се посвети и на зачувување на богатата животна средина во регионот, бидејќи локацијата потпаѓа во областа „Натура 2000“ - мрежата на заштитени подрачја.
Од претходни средби на оваа тема беше посочувано дека локацијата предвидена за изградба се простира на површина од околу 11.000 метри квадратни, на надморска височина од околу 1.290 метри и на терен кој е наклонет, што ќе подразбира изградба на потпорни ѕидови на некои места. Сепак, создадени се услови процесот да се одвива низ олеснети процедури.
„Инвестицијата е прогласена за ‘национален објект’ за да се обезбеди нејзино побрзо спроведување. На овој начин се применуваат поедноставени административни процедури. Се очекува бројот на луѓе кои ја минуваат границата меѓу Бугарија и Република Северна Македонија да се зголеми од 657.000 на 722.700 луѓе годишно, по пуштањето во употреба на новиот граничен премин“, проценува бугарското Министерство за регионален развој.
Поминувањето преку овој граничен пункт освен што ќе заштеди растојание и време, ќе значи олеснување на сообраќајот на луѓе и стоки меѓу двете земји, но и ќе го отклучи економскиот потенцијал во Малешевскиот крај. Поради убавите шуми и близината на Беровско Езеро, подрачјето е привлечно за туристи, а истото веќе располага со понуда од сместувачки капацитети - околу 400 легла кои се искористени во сите сезони и може да помогнат за развој на транзитен туризам.