1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какви последици има смртта на Раиси за Иран

20 мај 2024

Раиси се сметаше за изгледен кандидат за наследник на ајатолахот Хамнеи, кој e во лоша здравствена состојба. Какви последици има смртта на претседателот за внатрешнополитичката ситуација во Иран?

https://p.dw.com/p/4g3ug
Ебрахим Раиси, претседател на Иран
Ебрахим Раиси, претседател на Иран кој загина во хеликоптерска несреќаФотографија: Iranian Presidency/AFP

Не се очекува смртта на иранскиот претседател да ја втурне земјата во нова криза.  Ебрахим Раиси,  кој, како и ајатолахот Али Хамнеи, потекнува од источниот ирански град Машад и (и поради оваа причина) беше многу близок со духовниот водач, најверојатно ќе биде официјално оплакан и погребан со сите почести на Исламската Република. Тој најверојатно, на претседателски избори кои ќе бидат распишани во рок од 50 дена, ќе добие наследник согласно со правилата на системот, што значи – ултраконзервативен, строго исламистички и ригиден.

Брутален и безмилосен

Мнозинството од иранското население, кое не ни учествуваше на неговиот избор за претседател пред три години, веројатно нема да пушти ни солза за 63-годишникот. Зашто, на неговите раце имаше премногу крв, бидејќи Раиси, кој прво беше државен обвинител на Техеран, подоцна заменик министер за правда и на крајот државен обвинител на Иран, се сметаше за немилосрден кога беше во прашање каузата на Исламската Република и беше одговорен. за смртта на безброј  противници на режимот.

Разнишана внатрешно политичка ситуација

Ајатолахот Хамнеи веројатно лично ќе се погрижи за изборот на наследник на Раиси како претседател да тече без проблеми. Духовниот водач премногу добро знае дека  домашната политичка ситуација  во неговата земја е сè само не стабилна и дека мнозинството од иранското население, доколку може, би ја укинало Исламската Република, што го покажаа долготрајните масовни протести иницирани од  смртта на Курдката Џина Махса Амини  од септември 2022 година, кои режимот се обиде  да ги задуши со сите можни средства.

Наследник на духовниот водач

Она што сега е поважно од прашањето кој ќе биде новиот ирански претседател е наследувањето на духовниот водач. Се смета дека 85-годишниот ајатолах Хаменеи е во лоша здравствена состојба, а Ебрахим Раиси се сметаше за еден од двајцата можни наследници, додека другиот е синот на Хамнеи, Мојтаба.

ајатолах Хаменеи Иран
Клучно прашање во Иран е кој ќе го наследи 85-годишниот ајатолах ХаменеиФотографија: Iranian Supreme Leader's Office/ZUMA Press Wire/dpa/picture alliance

Како и Раиси, тој е тврдокорен и е ученик на ултраконзервативниот ајатолах Мохамад Месбах-Јазди. За него се вели и дека располага со одредена бруталност. Додека базата на моќ на Раиси беше судството и моќната фондација Имам Реза, 55-годишниот Мојтаба се потпира на тајните служби и на пропагандниот апарат.

Дали Мојтаба Хамнеи ќе биде повидлив во јавноста?

И покрај тоа што се вели дека Мојтаба Хамнеи поседува силна желба за моќ, тој досега делуваше во позадина. За тоа можеби се погрижил и неговиот татко. Бидејќи, дури и ако Али Хамнеи би сакал раководството на Исламската Република да остане во неговото семејство, обидот за наследување од татко на син се смета за ризичен. Меѓутоа, можно е името Мојаба сега почесто да се споменува и синот на духовниот водач почесто да се појавува во јавноста. Покрај тоа, Револуционерната гарда, која одигра клучна улога во задушувањето на сите протести во последните години, веројатно ќе има важен збор кога станува збор за иднината на Исламската Република. Внатрешната политичка ситуација во Иран нема да се смири наскоро.

(Улрих Пик, СВР)