„Како во хорор филм“: 8 повредени во напад со нож во Англија
29 јули 2024Најмалку осум лица, меѓу кои и деца, се повредени денеска во северозападна Англија во напад со нож, соопшти службата за вонредни ситуации. Нападот се случил во дворот на детски клуб во градот Саутпорт, каде се одржувал час по танц и јога.
Мотивот за нападот не е соопштен. Полицијата соопшти дека повикот го примиле десет минути предпладне, а напаѓачот е уапсен и дека нема поширока закана за јавноста. Кај него е пронајден ножот со кој е извршен нападот.
Од итната помош соопштија дека осум лица со убодни рани биле пренесени во локалните болници, меѓу кои и една детска. Колин Пари, сопственик на автомеханичарски сервис во близина на местото на нападот, рече дека верува оти неколку деца биле избодени со нож. Според други очевидци, децата биле избодени по целото тело и биле на возраст од околу десет години. Британскиот јавен радиодифузен сервис Би-Би-Си цитираше сопственик на локален бизнис кој ја опиша сцената како „како нешто од хорор филм“.
Еден маж изјави за медиумите дека неговата ќерка го преживеала нападот неповредена и се спасила бидејќи побегнала.
Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер го опиша инцидентот во Саутпорт како „ужасен и длабоко шокантен“.