1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како се креира „стварност“ со штетни наративи

19 јануари 2024

Истражувањето „Мерење на политички штетни наративи“ има за цел е да понуди емпириски материјал за тоа како се креираат и се шират штетните политички наративи во Северна Македонија

https://p.dw.com/p/4bRcY
Стотици објави со штетни наративи биле регистрирани на официјалните веб страници на македонските политички партии во септември и октомври
Стотици објави со штетни наративи биле регистрирани на официјалните веб страници на македонските политички партии во септември и октомвриФотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Goldman

Политичките актери во Македонија и медиумите се соучесници во креирање „стварност“ која е исполнета со штетни наративи. Првите, подзабораваат на поставените норми и стандарди за јавна комуникација - транспарентност, етичност, професионалност и непристрасност, комуникација базирана на докази, негување на културата на говорот и воздржување од дискриминаторски говор, а вторите, подзабораваат на етичките кодекси и на основните новинарски правила за информирање на јавноста. Ова е заклучокот од првиот извештај на Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамки на истражувањето „Мерење на политички штетни наративи“ (ШТЕТ-НА), чија цел е да понуди сеопфатен емпириски материјал за тоа како се креираат и се шират штетните политички наративи во Северна Македонија.

„Специфично е дека како главен извор на штетни наративи најчесто се јавуваат мал број политички партии, како и дека дел од медиумите со еднострано и некритичко известување помагаат овие токсични наративи да добијат ехо во медиумската средина“, наведува ИКС.

Во рамките на истражувањето се реализираат два паралелни мониторинга: првиот е мониторинг на комуникациските практики на политичките актери преку следење и анализа на официјалните интернет-страници и официјалните страници/профили на Фејсбук на партиите од актуелниот парламентарен состав кои имаат повеќе од еден пратеник; официјалните страници/профили на Фејсбук на претседателите на политичките партии, како и на министрите. Вториот е мониторинг на 11 информативни онлајн-медиуми и 9 телевизиски станици. 

Мониторирани биле и објавите на Фејсбук на македонските политичари, во кои биле забележани десетици штетни наративи и злоупотреби
Мониторирани биле и објавите на Фејсбук на македонските политичари, во кои биле забележани десетици штетни наративи и злоупотребиФотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Обвинувачка реторика

Главна тема во штетните наративи за мониторираниот период во септември и октомври е внатрешната политика, а актуелни настани и процеси за кои најчесто се продуцираат штетни наративи се измените на Кривичниот законик, случајот со Клиниката за онкологија, македонско-бугарските односи визави предложените уставни измени и ЕУ-интеграциите, Законот за игри на среќа, Законот за амнестија, но често и за состојбите во образованието, економијата и инфлацијата, корупцијата, особено во правосудството и следните избори.

„Мониторингот и анализата на политичката јавна комуникација покажуваат дека во јавниот дискурс застапен на интернет-страниците и објавите на социјалните медиуми на политичките актери во Македонија, најчесто се користи реторика во која се изнесени наводи за корумпираност, нетранспарентност/неотчетност,  непрофесионалност, злоупотреба на службената должност без обид за поткрепа на тие тврдења и непроверени наоди (или наоди што тешко можат да се проверат) и се користат како основа за обвинување на политички противници, за развивање штетни наративи на популизам, поткопување на довербата во институциите, пристрасно селектирање на податоци што доведува до погрешни заклучоци и поттикнување општествено-политички поделби во јавноста“, е еден од заклучоците од истражувањето. 

Според истражувањето, мониторираните содржини укажуваат на постоење ниска култура на изразување во јавниот дискурс од страна на политичките актери во македонското општество

„Во септември, на интернет-страниците на политичките партии и на нивните фејсбук-страници се идентификувани вкупно 143 објави (на интернет 123 и на Фејсбук 20) кои содржат штетен наратив. Речиси по половина од објавите со штетни наративи на интернет-страниците се од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, а помалку од Левица, додека на Фејсбук најмногу објави со штетни наративи се забележуваат на профилите на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, и на партијата Левица. Многу помалку се забележани на профилот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски (2), и една од профилот на партијата Алтернатива“, се наведува во истражувањето.

Многу тврдења и непроверени информации во јавниот дискурс застапен на интернет-страниците и објавите на социјалните медиуми на политичките актери во Македонија,
Многу тврдења и непроверени информации во јавниот дискурс застапен на интернет-страниците и објавите на социјалните медиуми на политичките актери во Македонија,Фотографија: Imago Images/Panthermedia/O. Le Moal

Во текот на октомври од мониторирањето на интернет и на фејсбук-страниците на политичките актери биле идентификувани вкупно 136 објави со штетен наратив, од кои 87 се на интернет-страниците на партиите, и вкупно објави на 49 фејсбук-профили на партиите и на владините членови. Анализата покажува дека партиите најмногу штетни наративи „произведуваат“ кога комуницираат преку соопштенија за јавноста, без разлика дали се пласирани на интернет- или на фејсбук-страница (вкупно (73), а потоа следуваат прес-конференциите (16), говорите на политичарите (15) и сл.

Прекршување на владиниот Етички кодекс

Генералниот заклучок од анализата на комуникацијата на владините министри преку официјалните фејсбук-страници е дека мнозинството од министрите не употребуваат штетни наративи, но забележително е присуство на објави во кои министрите споделуваат партиски информации. Во октомври министерката за култура во еден случај ја употребила официјалната министерска страница за пристрасна партиска комуникација, а истото во еден случај го направила и министерката за труд и социјална политика. Фејсбук-страницата на министерот за правда се користела подеднакво и за официјални информации од ресорното министерство за правда и за партиска комуникација. Во септември 2023 година, на фејсбук-страницата на претседателот на Владата, од вкупно 85 објави во септември, забележани биле 5 објави со кои се злоупотребува официјалниот профил на премиерот за партиска пропаганда. На  фејсбук-страницата на министерот за внатрешни работи од вкупно 85 објави во септември, нотирани биле 11 злоупотреби на официјалниот профил за партиска пропаганда. Кај министерката Каја Шукова од вкупно 26 објави во септември нотирана била една објава за партиски активности, а кај заменик-претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, забележани биле чести објави за партиска пропаганда, но и употреба на профилот за лични афинитети како објави за албанската фудбалска репрезентација, објава за партискиот настан во Чаир со фотографии на кои е присутен и претседателот на владејачката партија ДУИ, Али Ахмети. Фејсбук-страницата на министерот за правда слично како и во септември, и во октомври се користела и за партиска и за институционална комуникација.

„Со овие објави за партиска промоција и пропаганда на официјалните фејсбук-профили, премиерот и министрите директно ги прекршуваат начелата на професионалност и непристрасност во комуникацијата на владините претставници, но се прекршува и владиниот Етички кодекс за јавни службеници“, се посочува во наодите од истражувањето.

Еднострано информирање кај дел од медиумите

Анализата од следењето на медиумските содржини кај 11 информативни онлајн-медиуми и 9 телевизиски станици покажала дека со приближувањето на датумот за избори се заострува реториката на политичките актери и бројот на изјави кои содржат штетни наративи. Медиумското известување на онлајн-медиумите во октомври изобилувало со голем број содржини со штетни наративи. „Идентификувани се 154 прилози со штетни наративи, а во нив фреквенцијата (бројноста) на тие наративи изнесува 386 пати, односно во голем број прилози се јавуваат повеќе штетни наративи. На ваквата слика, доминантно влијаат два онлајн-медиума (од вкупно 11 анализирани), Вечер.мк и Република, во кои далеку најбројни се негативните наративи (...) Притоа, фактот што најголемиот број од објавите во овие два медиума немаат автор, а жанровски најчесто се дефинирани како пренесен говор на политичар и пренесено соопштение, упатува на сознанието дека нивни ‘креатори' се политичките субјекти додека порталите/новинарите се јавуваат во улога на „голи“ преносители на нивните пораки, соопштенија, говор“ се наведува во резимето од мониторингот.

И телевизиите и информативните онлајн-портали не се воздржуваат од негативни и штетни наративи
И телевизиите и информативните онлајн-портали не се воздржуваат од негативни и штетни наративиФотографија: Fotolia/picsfive

Во текот на септември исто така била голема, дури загрижувачка, бројката од 209 прилози со штетни наративи во анализираните онлајн-медиуми за период од осум дена мониторинг.

„Фреквентноста, односно повеќекратното повторување на штетните наративи во еден прилог, додатно се засилува и со нивното присуство во насловите на прилозите. Овие наративи најчесто се препознаени, во пренесените говори на политичарите и соопштенијата на политичките партии. Најбројни се оние со тврдења за корумпираност, непрофесионалност, неточност (без нивна поткрепа) како и непроверени наоди како основа за обвинување на политичките противници. Од сите анализирани онлајн-медиуми се издвојува Република со најголем број прилози со штетни наративи (вкупно 59), а Нова ТВ со најмал, занемарлив број (само 2) штетни наративи.

Небалансиран и пристрасен однос

Кај телевизиските станици во анализираниот период од осум дена во октомври биле идентификувани вкупно 66 прилози кои содржат штетни наративи.

„Повеќе од половината се регистрирани кај ТВ Алфа (34 прилози или 51,5 %), кај ТВ Сител се забележани 8 такви прилози (12,1 %). Кај другите телевизиски станици има помалку прилози во кои се детектирани штетни наративи. Политичките актери кои доминираат во ваквите прилози најчесто доаѓаат од најголемите политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, што може да значи две работи - дека тие се најчестите креатори на ваквите наративи или дека помалите партии не добиваат подеднаков простор во главните вести на ТВ-станиците“, се вели во анализата.

Во неа се посочува дека едностраното информирање кај дел од медиумите, односно претставувањето на само една страна во прилогот, е сериозен проблем кој упатува на непрофесионално известување и небалансиран и пристрасен однос.

Во вкупно осумте дена кои биле предмет на мониторингот во септември, регистрирани биле вкупно 76 прилози во кои е забележан еден или повеќе штетни наративи. Тие биле најчесто во сферата на обвинување за непрофесионалност и корупција без да се понудат докази, но неретки биле и прилозите во кои се навредуваат и етикетираат политичките противници.

Истражувањето се реализира во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија: Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје, и го опфаќа временскиот период од први септември 2023 до 31 јули 2024 година.