1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како југословенските војни ја променија Германија

19 август 2023

Југословенските војни беа катализатор за трансформацијата на германската армија- Бундесверот, а со тоа и за меѓународната улога на Германија, се вели во студијата што ја презентираше „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

https://p.dw.com/p/4VJwp
германските бомбардери „Торнадо“
На 21 јануари 1999 година, германските бомбардери „Торнадо“ полетаа од Лехтфелд во Баварија до базата на НАТО во Пјаченца, Италија; два месеци пред почетокот на бомбардирањето на СР Југославија беа пренесени вкупно осум такви авиони на БундесверотФотографија: picture-alliance/dpa

„Деведесетите години беа клучна деценија за надворешната и безбедносната политика на Германија. Во тој период беше редефинирана нејзината меѓународна улога. Обединета Германија ја врати старата геополитичка позиција како централна сила во срцето на Европа, но ја редефинираше во свесно одвојување од минатото“, пишува Мајкл Штак во воведниот текст на Франкфуртер алгемајне цајтунг. Станува збор за претставување на книгата „Бундесверот на Балканот. Помеѓу војната и зачувување на мирот“, од авторот Агилолф Кеселринг. 

Во краток дел за периодот по Втората светска војна до повторното обединување, авторот наведува дека (Западна) Германија преку „доброволна интеграција“ во Европската заедница, НАТО и КЕБС „сакала да придонесе за интеграцијата на Европа како целина, вклучително и Русија и цела централна и источна Европа“. Во исто време, „се развиваше пошироката лидерска улога на Германија во Европа“, иако сè уште беше цврсто закотвена во сојузот со Франција воспоставен во 1963 година. Улогата на Берлин во меѓународната одбранбена и безбедносна политика „беше дефинирана првенствено како реакција на кризи и конфликти“. 

Во 1991 година, војната се врати во Европа 

„Со агресијата врз Словенија и Хрватска од страна на ЈНА под српско раководство, војната се врати во Европа во 1991 година“, пишува Штак и наведува дека „меѓународниот ангажман доминиран од Западот, со цел да се стави крај на војните во Југославија, стана централен катализатор за трансформацијата на Бундесверот - од застрашувачка сила во конфликтот Исток-Запад, во армија која е активно вклучена во борбени операции“.

Штак потоа пишува дека авторот Агилолф Кеселринг сака во својата книга да претстави воено-историска реконструкција на мисиите на Бундесверот на Балканот и дека е особено заинтересиран „дали тие 25 или нешто поединечни мисии се засновани на сопствената стратегија на Германија за Југоисточна Европа“.

Министерот за одбрана Фолкер Рие
Министерот за одбрана Фолкер Рие на аеродромот во Келн (фото од 1995 година)Фотографија: dpa

Фокусот на студијата е на вклученоста на Бундесверот во Босна и Херцеговина до 1998 година. „Исклучително важниот конфликт во Косово и конфликтите во и околу денешна Северна Македонија се третираат само површно. Во оваа смисла, насловот на книгата е погрешен, бидејќи не дава целосен опис на операциите на Бундесверот на Балканот“, смета авторот на текстот за франкфуртскиот весник, Мајкл Штак (1959), политиколог и професор на Универзитетот Бундесвер во Хамбург.

Штак наведува дека во осумдесеттите, по смртта на Јосип Броз Тито (1892-1980) , експертите од Запад „го гледале сценариото за распадот на Југославија како најверојатен развој на настаните, вклучувајќи го и ризикот од насилна ескалација“. Сепак, како што истакнува, настаните во Југославија останаа во сенка на епохалните пресврти во Советскиот Сојуз, а потоа и во целиот поранешен Источен блок.

„Кога всушност се случи колапсот, меѓународната заедница се покажа главно неподготвена. Се покажа дека дипломатските инструменти се исто толку бескорисни како и мисиите на Сините шлемови“. 

Пресвртна точка за германската политика и Бундесверот  

Во текстот понатаму се наведува дека „меѓународните актери морале чекор по чекор да го зголемуваат опсегот и интензитетот на воениот ангажман, и секогаш како реакција на ескалацијата на насилството што српското раководство под Милошевиќ го изврши крајно брутално, вклучително и криминалната стратегија за етничко чистење. .

НАТО, се оценува, со тоа добил нова задача. Бундесверот не бил вклучен во мисиите на Сините шлемови, но учествувал во операциите на Алијансата речиси од самиот почеток, пишува франкфуртскиот весник. За ова, Германија прво мораше да создаде политички и правни предуслови. Откако (Западна) Германија се приклучи на ОН (1973), ставот на Берлин секогаш беше дека „Бундесверот може да ја брани само територијата на НАТО“.

Штак потоа наведува дека „пресвртот дошол со пресудата од 12 јули 1994 година, кога Сојузниот уставен суд го отворил патот за целиот спектар на германски воени мисии во странство“. 

Крај на доктрината на Кол  

Во текстот понатаму се вели дека „во својот извештај за жестоките дебати за ова прашање, Кеселринг јасно кажува дека припадноста на одредена генерација е повеќе важна од партиско-политичките линии на поделба“.

Бундесвер
Министерот за надворешни работи Јозеф Фишер (Зелени), министерот за одбрана Рудолф Шарпинг (СПД) и канцеларот Герхард Шредер (СПД), 22 декември 2001 година.Фотографија: picture-alliance/dpa

Таканаречената доктрина на Кол , оневозможувањето на операциите на Бундесверот во земјите нападнати од нацистичкиот Вермахт за време на Втората светска војна „веќе не можеше да се одржи“. „Наместо тоа, мисијата на Бундесверот на Балканот, односно воената акција на Германија, стана инструмент за да се натера Германија да биде рамо до рамо со САД, Франција и Велика Британија во безбедносната политика“.

Стак за  „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ оценува дека Кеселринг „ убедливо тврди дека германската политика на Балканот не се засновала на никаква сеопфатна стратегија“. Меѓутоа, „Германија за време на мисијата се разви од актер на работ на воените настани, до важен дипломатски и воен играч, особено во косовскиот конфликт“.

Штак вели и дека Кеселринг со право истакнува дека „и покрај големата вклученост на Европската Унија и НАТО во Босна и Херцеговина и Косово, сега таму нема војна, но нема ни траен мир“. Затоа, уште една лекција од балканското искуство на Бундесверот е дека „при започнување на мисии во странство, мора да се земат предвид границите на нивната ефикасност“, заклучува Мајкл Штак во статија за Франкфуртер алгемајне цајтунг.

КФОР Косово
Германски војници во Призрен (архивска фотографија)Фотографија: AP

Студија „Бундесверот на Балканот. Помеѓу војната и зачувување на мирот“ е создадена за Центарот за воена историја и општествени науки на германските вооружени сили, а објавена е од V&R во Гетинген во 2023 година. 

Авторот на книгата, Агилолф Кеселринг (1972) е потполковник на Бундесверот, специјалист за беспилотни летала и историчар. На Универзитетот за национална одбрана во Хелсинки, тој предава историја на европското војување, се занимава со Финска и балтичките држави, како и историја на Југоисточна Европа, особено Косово, Босна и Херцеговина и Северна Македонија. Неговиот татко, Рајнер Кесерлинг, работел во германската амбасада во Токио, каде што е роден авторот, а подоцна бил потпретседател на БНД. Неговиот дедо, Алберт Кеселринг (1885-1960), фелдмаршал на Вермахтот и Луфтвафе, бил воен злосторник, лојален на Хитлер до крај. Тој беше осуден на смрт од британскиот воен суд во Италија, но подоцна неколку пати беше помилуван, па почина во слобода.