ХПВ вакцина: Лаги опасни по живот
6 февруари 2023Во 2009 година имаа 12 години. Беа првата генерација на девојчиња кои требаше да примат задолжителна вакцина против ХПВ (хуман папилома вирус). Огромен дел од нив не ја примија. „Одлуката“ за нив ја донесоа дезинформациите. По 16 години откако беше воведена како доброволна, и по 14 години откако стана задолжителна, вакцината против ХПВ до денес е единствената со најмал опфат, во споредба со сите други вакцини од имунизацискиот календар во земјата.
А требаше да биде поинаку. ХПВ вакцината е регистрирана и се користи во Европа од 2006 година. Стана достапна на пазарот во Македонија од 2007 година. Во октомври 2008 година започна кампања за вакцинација на девојчиња на возраст од 9-26 години, како препорачана, необврзувачка и на доброволна основа, а од 2009 година беше вклучена во календарот како задолжителна за сите девојчиња на возраст од 12 години.
„Македонија е петта земја во Европа која воведува задолжителна ХПВ вакцина", сведочат наслови од тоа време. Но таа огромна предност во превентивата, остана неискористена.
„Не е тестирана, не се знае каков е квалитетот на вакцината, опасна е, предизвикува неплодност и други опасни последици. Не дозволувајте вашите деца да бидат експериментални глувци. Таа служи за политичка контрола врз размножувањето на човечката популација“. Ова беше само дел од арсеналот дезинформации со кои во 2009 година беше „пукано“ врз вакцината против ХПВ.
„Вакцината против ХПВ е тестирана, сигурна и безбедна. Одлуката не е политичка, туку медицинска и стручна, мора да се започне од една генерација“, повикуваа здравствените власти, посочувајќи дека вакцината се базира на современи испитувања и дека ги има поминато сите тестови на најреномираните и најрелевантни институции. Клиничките студии кои се спроведуваа десетина години пред одобрувањето на вакцината, упатија дека ХПВ вакцината има голема ефикасност во превенција од најчестите и најинвазивните соеви на хуман папилома вирусот кои предизвикуваат карцином на грлото на матката (цервикален карцином) и други видови на рак. За научното откритие со кое се потврди директна асоцираност помеѓу инфекцијата со хуман папилома вирусот и развојот на карциномот на грлото на матката, германскиот виролог Харалд цур Хаузен беше еден од добитниците на Нобеловата награда за медицина во 2008 година.
Скромни резултати
Во Македонија, земја каде што карциномот на грлото на матката кај женската популација на возраст од 15 до 50 години е на второ место по зачестеност, веднаш по карциномот на градите, превенцијата преку вакцинација се нудеше како најбезбеден начин да се спречи развој на ова заболување. Но, во време кога факт-чекингот сѐ уште не беше доволно присутен во јавниот дискурс, ретко кој се осврнуваше на откритието на нобеловецот. Јавниот простор беше освоен од бројни дезинформации - микс од неедуцираност, лажни вести, шарлатанство...
Во такви услови, на 21-ви октомври 2009 година почна задолжителното вакцинирање. Стартот го одбележа тогашниот министер за здравство, Бујар Османи, во Поликлиниката Чаир, каде почна вакцинирањето на шестоодделенките од ОУ „Петар Здравковски Пенко“.
„Свесни сме дека вакцината е скапа, но поважно е здравјето на нашите деца“, порача министерот Османи.
Но, последиците од дезинформациите брзо станаа евидентни. Три месеци од почетокот на задолжителното вакцинирање, во јануари 2010 година билансот беше скромен. Тогашната раководителка на Секторот за превентивна здравствена заштита, Јованка Костовска, изјави дека одѕивот е многу слаб.
„Од онаа редовна задолжителна вакцина кај девојчиња на 12 годишна возраст вакцинирани се 2.600, што значи околу 20 отсто од вкупно 14.000, кои е потребно да се вакцинираат. Како незадолжителна вакцина во заводите за здравствена заштита вакцината ја примиле 120 девојки. Од сите досега дадени вакцини во државата нема ниту едно пријавено несакано дејство“, изјави таа во јануари 2010 година.
Силата на дезинформациите
Според македонскиот календар за имунизација кој е усогласен според светските препораки и календари на сите земји, вакцината се дава на 12-годишна возраст со можност да се прими до 15 години. На возраст по 15 години вакцината исто така може да се прими, но тогаш повеќе не ја обезбедува државата, туку родителите треба да ја платат. И додека во почетокот вакцините во други земји се плаќаа приватно, а и покрај тоа интересот бележеше висок одѕив, задолжителните и бесплатни вакцини во Македонија остануваа неискористени.
Поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, денес добро се сеќава на тој период.
„Убедливоста на лажните приказни, налепува многу граѓани, кои за жал, повеќе веруваат на непроверени лажни вести, отколку на советите на лекарите и експертите. Најчесто се користат измислени, но убедливи, приказни пласирани од целосно нестручни и некомпетентни лица, кои потоа стануваат вирални по социјалните мрежи. Ефектот од лажните приказни е предизвикување на страв и недоверба во вакцините, а ефектот од стравот и недовербата е одвраќање на граѓаните од вакцинација. Таков беше случајот со ХПВ вакцината. За жал, дезинформациите не се пласирани само од антиваксери, туку и од други центри кои имаат политички, економски, безбедности и други мотиви. Иако дезинформациите и лажните вести, покрај поткопувачи на демократијата се и алатка за остварување на некои цели, кои најчесто се политички, економски, но и воени, пласирањето на дезинформациите за вакцинацијата и вакцините има за цел и поткопување на системот за здравствена заштита, со што директно се доведува во опасност животот и здравјето на граѓаните“, вели Тодоров.
Најголем дел од дезинформациите во 2009 година доаѓаа од социјалните мрежи и ставовите кои ги ширеа противници на вакцини, но таа во почетокот не беше прифатена и од дел од здравствените работници. Тоа мобилизираше голем родителски отпор кон вакцината, без разлика на нивниот степен на образование.
Стравот предизвикан од дезинформации и од одредени резерви на гинеколози, ги споил во ист „фронт" В.С. (52) наставничка и Ј.М. (56) машински инженер. Двете сосетки, се мајки на девојчиња врснички, кои во 2009 година биле првата генерација што требало да ја прими задолжителната вакцина против ХПВ. И двете тогаш решиле дека нема да го дозволат тоа.
„Мојата ќерка навреме ги имаше примено сите други вакцини. Но, кога дојде на ред онаа против ХПВ, тоа што ме предомисли, или поточно кажано, ме исплаши, беа јавни настапи на возрасни, значи искусни гинеколози, кои искажуваа големи резерви кон вакцината. Што да помислам како родител, кога слушам дека лекари не се сигурни во неа? Многу брзо на тоа се надоврзаа и разни блогери, кои ги ‘побиваа’ стручните студии за вакцината, но и родители кои споделуваа наводни примери за лоши искуства со вакцината во странство. Се разбира, ништо од тоа не беше проверено, ни потврдено, но стравот што го произведоа го направи своето“, објаснува Ј.М.
Зошто дел од гинеколозите имаа резерви кон вакцината, кога токму од нив најмногу се очекуваше да ја промовираат, имајќи предвид дека секојдневно во нивната пракса ги гледаа последиците од ХПВ инфекцијата?
„За жал, не сите, но дел од гинеколозите не застанаа со цврст став за оваа вакцина. Можеби во дел тоа се должеше и на нивната недоволна едукација и информираност во овој сегмент, но и на нивниот поглед повеќе ориентиран кон лекување, отколку кон превентива. Оттука е извонредно битно сите здравствени работници кои треба да бидат промотори на вакцинацијата да бидат добро запознаени и едуцирани за сите научно потврдени придобивки од неа“, вели Александра Грозданова, национален координатор за имунизација.
„Зарем секс на 12 години?“
Покрај дезинформациите, кај В.С. големо влијание извршила и почетната возрасна граница за вакцината, ставена во корелација со заштита од сексуално преносливи болести.
„Прво, многу гинеколози даваа неповолни мислења околу потребата за вакцинирање, вклучувајќи опасност од неплодност. Второ, прифаќањето на таа вакцина за 12-годишно девојче, тогаш ми изгледаше како давање ‘амин‘ дека на таа возраст може да се почне со сексуални односи, и тоа ми предизвикуваше голем немир и отпор. Реков - не“, ги објаснува таа причините.
Грозданова потврдува дека и овој аспект имал соодветно влијание, бидејќи за разлика од другите, оваа вакцина се користи со цел да се спречи инфекција кој се пренесува преку сексуален контакт, било директен или индиректен. Заради возраста на која се прима вакцината, дел од родителите сметале дека тоа не е период во кој нивните деца имаат сексуални контакти и затоа не нашле оправданост за неа.
„Но тоа не е така, бидејќи генерациите сѐ порано имаат сексуален контакт, а ефикасноста на вакцината е многу поголема доколку се прими во пораната возраст. За прифаќањето на оваа вакцина дополнително имаше многу стигма и дезинформации кои беа во делот на влијание на недоволна сексуална едукација и потреба за разговор меѓу родителите и децата за влијанието на можната ХПВ инфекција. Како фактор кој најмногу влијае на недовербата во вакцинацијата се дезинформациите и лажните вести кои се шират на социјалните мрежи. Родителите се жртва на овие дезинформации и често и самите подлегнуваат на нив. Најголем дел од тие родители ги имаат примено сите вакцини кога биле деца, и немаат реално објаснување зошто сега не се сигурни за истото. Ставот на јавноста кон вакцинацијата и превентивата во најголем дел ја отсликува здравствената едукација на населението, но и решеноста на здравствениот систем и здравствените авторитети да влијаат во овој сегмент“, потенцира Грозданова.
(продолжува: Како дезинформации ја минираа ХПВ вакцината: Кампањите растат, опфатот не!)
Овој текст е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот „Користи факти", кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.