1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се измери политичкиот неуспех

6 мај 2023

На локалните избори во Англија владејачките конзервативци доживеаја катастрофа. Но опозицијата не повика на предвремени избори, таа се подготвува за регуларниот термин. Зошто кај нас е поинаку? Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/4QyZq
Nordmazedonien Skopje
Фотографија: Micha Korb/pressefoto_korb/picture alliance

Навистина има големи разлики меѓу актерите во политиката од земја во земја во Европа. Некаде политичарите се нестрпливи, некаде внимателно градат победничка стратегија, некаде ја претвораат целата сцена во голема врева, некаде бодат многу остро без многу да викаат. Македонија, секако, си има своја специфика, која повеќе се води од наследените стандарди без многу да се мисли за други формати.

Во четвртокот во 70 отсто од општините во Англија се одржаа локални избори (Шкотска не беше во овој турнус) и политичката и другата јавност тоа го гледаа како голема проверка на работата на владата на конзервативниот премиер Риши Сунак. И како изборен лакмус за парламентарното гласање што треба да се случи најдоцна до крајот на 2024.

Ден пред гласањето, Сунак им изјави на своите сопартијци – „Нѐ чека тешка ноќ“. Сунак беше искрен, знаеше дека неговата неговата Конзервативна партија ќе се соочи со потоп. И навистина се случи тоа. Само што потопот беше катастрофален, најголем во последниве 25 години.

Конзервативците загубија 48 совети и повеќе од 1.000 советници, што ги надмина сите нивни најлоши предвидувања. Опозициските лабуристи ја презедоа контролата на уште 22 совети и добија над 600 нови советници. Размерот на поразот на конзервативците се гледа и по тоа што по ова гласање тие ќе раководат со 33 совети, а лабуристите со 71. Да биде ситуацијата за владата на Сунак уште полоша, третата по важност партија, либерал-демократите освоија нови 12 совети и дури 417 советници повеќе. Кога ќе се собере и резултатот од делумните локални избори лани во мај, тоа покажува дека за прв пат од 2002 година лабуристите ги надминаа конзервативците во целата локална власт. И дека ваков резултат на локални избори немале уште од времето на Тони Блер во 1997.

Анкетите за владата на премиерот Риши Сунак се уште потегобни – лабуристите во овој момент имаат предност од дури 21 процентен поен, 48 наспроти 27. Па, сепак, никој од раководството на Лабуристичката партија, ниту лидерот Кир Стармер, ниту неговите главни аѓутанти, не повикуваа вчера на предвремени избори. Тоа не го правеа ниту политичките аналитичари или влијателните новинари. Сите зборуваа дека победата на лабуристите на следните парламентарни избори е сосем извесна и дека прашањето е само дали партијата на Стармер самата ќе освои апсолутно мнозинство.

Сунак призна дека резултатите се „разочарувачки“, но рече дека не забележал „огромно движење на теренот кон Лабуристичката партија“. Кир Стармер тврди дека „фантастичните“ резултати покажале дека неговата партија е добро поставена да ги собори ториевците од владата на националното гласање следната година.

„Да нема забуна, ние сме на пат за мнозинство на лабуристите на следните општи избори“, им рече тој на приврзаниците.

Во 2021 година во Франција се одржаа регионални избори за сите 17 области во државата. Тие беа како генерална проба за претседателските и парламентарните избори лани. На тие регионални избори партијата на претседателот Емануел Макрон доживеа вистинска катастрофа, не озвои ниту еден регион, дури не беше ни блиску до тоа. Па, сепак, никој во Франција не побара предвремени парламентрани избори. Една година подоцна Макрон го освои вториот мандат, а неговата партија победи на парламентарните избори еден месец подоцна, иако го загуби апсолутното мнозинство.

Зошто таа политичка култура е поинаква од македонската? Зошто на локалните избори се гледа поинаку отколку на парламентарните? Прашањата се едноставни, одговорите комплицирани. Многу од објаснувањата се поврзани со скромното демократско наследство и демократската инсуфициенција. Во тоа скромно демократско наследство сигурно влегува и нестрпливоста. Желбата на Кир Стармер да стане британски премиер не е ништо помала од онаа на Христијан Мицкоски. А можеби дури е и поголема. Не само затоа што ќе стане еден од важните глобални играчи (како што е и неговата земја), туку затоа што сака идеолошките премиси по кои сега се води неговата Лабуристичка партија да донесат нов концепт во британското општество по 13 години конзервативна власт, а не само ново владеење.

Повторувањата на Мицкоски

По локалните избори кај нас есента 2021 на девет од 10 прес-конференции на партијата или изјави на Мицкоски се повторува, и повторува, и повторува дека мора да има предвремени избори. Тоа го покажувале резултатите од локалните избори и анкетите. Дали тоа беше загубено време за нив? Во многу нешта – да. Наместо да подготвуваат сеопфатна програма со идеолошки анкери, ВМРО-ДПМНЕ се фаќа само за лостовите на денот. А нив ги има само три-четири. Корупцијата, владеењето на правото, инфлацијата и преговарачката рамка на ЕУ и со неа врзаните уставни измени. Тоа се многу важни работи, суштествени, но има и други исто така важни кои се дел од целиот мозаик. За нив сега опозиционерите не зборуваат – ќе ги кажеле кога ќе ја подготвеле изборната програма. Веројатно ќе биде така, но дали може да биде предоцна за тоа? Како, на пример, едно од најважните прашања – што би правела потенцијалната идна вмровска влада ако не се усвојат уставните измени и патот кон ЕУ биде блокиран.

Христијан Мицкоски ВМРО ДПМНЕ
Христијан Мицкоски пред некој ден пак се наврати на својата омилена тема последнава година: лидерска телевизиска дебата со Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Бидејќи поминаа сите тајминзи кои Мицкоски ги одредуваше за формирање техничка влада и потоа за сто дена одење на избори, и на тоа потроши голема енергија, тоа во основа нема да биде лошо за неговата партија и за стратезите што седат во нејзиниот врв. Сега ќе можат да се сосредочат на она што ќе им го понудат на гласачите на општите избори следната година, од идеолошки, коцепциски, економски и солидарен аспект на општеството. Но и тука навиката победи над проекциите. Мицкоски пред некој ден пак се наврати на својата омилена тема последнава година: лидерска телевизиска дебата со Димитар Ковачевски, овој пат за договорот со „Бехтел и Енка“.На телевизија која премиерот сам ќе ја одберел. Ден потоа и партијата во официјалната изјава нагласи дека „Димитар Ковачевски мора да ја прифати понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за ТВ дуел посветен на договорот за коридорите“.

Мицкоски толку многу пати го вика Ковачевски на телевизиски дуел што ваквите понуди станаа стара, многу стара вест. Само малку да се обѕрнат наоколу партиските стратези и да се обидат да соберат некој пример ќе се најдат во чудо – во ниедна земја каде што нивни сестрински партии се на власт (а и онаму каде што не се) премиерот и лидерот на опозицијата (или неколку од нив) немаат телевизиски дуели. Тие обично се случуваат (ако воопшто се случат) во последните десетина дена од изборната кампања. Нека проверат, на пример, кога Андреј Пленковиќ во Хрватска имал телевизиски дуел со опозицискиот лидер и дали тоа некој од опозицискиот камп воопшто го барал. Тоа никогаш не се случило.

Па тогаш зошто партијата и нејзиниот лидер непотребно ја троши енергијата на вакви повици? Едно од објаснувањата е дека професорот од Машинскиот факултет мисли дека може вистински да поентира во јавноста и да се стекне со предност која ќе биде ненадоместлива во периодот до одржувањето на изборите, кога и да се. Тоа е лизгав терен и тоа не клучот што решава кој ќе победи на изборите. Мицкоски неодамна призна дека направил грешка, стратешка грешка, што не беше на кандидатската листа за избор на пратеници во 2020, веројатно убеден дека победата на неговата партија е неизбежна онака како што изгрева сонцето. На крај тоа се испостави како погрешна калкулација и сега шетајќи по вмровските општини преку изјави се обидува да биде во чекор со секојдневната политичка агенда. А можеше преку собраниската говорница да диктира многу агенди. Ни можниот телевизиски дуел тоа не може да го надокнади. Ниту пак неговите ветувања како да е и обвинител и суд, дека самиот тој гарантира дека некои од сегашните функционери ќе лежат во затвор.

Димитар Ковачевски Северна Македонија
Премиерот Димитар Ковачевски треба да најде излез од многу заплеткани ситуацииФотографија: Petr Stojanovski/DW

Владата во дефанзива

Неговиот архетип што седи во Владата, речиси да не се обѕрнува на ваквите повици за дуели. Тој има други маки. Треба да најде излез од многу заплеткани ситуации – тука е договорот со „Бехтел и Енка“ за коридорите, постојаните прекори од ЕУ и САД дека корупцијата само што не го изела општеството, за колапсот на правосудниот систем, особено по скандалозните случувања во Судскиот совет, неверојатното зголемување на платите на функционерите, неизвесните уставни измени... и што уште не. Ковачевски постојано се обидува да држи еден самоуверен настап дека неговата влада и самиот тој може да се справи со сите овие проблеми (и таму каде што може да влијае и таму каде што не може), но тоа не е доволно. Петнаесет месеци од неговото владеење истекоа, годината до изборите ќе протече уште побрзо, а неговата влада ќе мора да испорача нешто што може да ја сврти плимата во анкетите во корист на СДСМ. Или барем да се изедначи со опозицијата.

Што поради лоша стратегија, што поради отсуството да се размислува и за неколку чекори нанапред, договорот со „Бехтел и Енка“ ја доведе Владата во постојана дефанзивна позиција. Таа ќе одговори на едно прашање на јавноста, потоа следуваат уште три други. И постојано ги гасне пожарите, наместо да излезе на чиста ледина. Во американската политика има една константа – ако нешто е заплеткано и можно компромитирачки не обидувај се да го криеш подолго време, туку во краток разумен термин објави го тој материјал за да ја намалиш силината на бурата, која и онака се крева. Договорот за коридорите може да се објави со некои зацрнети параграфи, па јавноста нека чита стотици страници. А во овој случај првичната грешка раѓа други и од нив се формира некаков венец без крај.

Љупчо Поповски, автор на колумната
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Додека почне расправата за петте изменети закони во Собранието и прегледот на класифицираниот договор на Владата ѝ треба некаков успех. Тој успех би требало да биде со вистинското почнување на работите на 12 мај на автопатот Прилеп-Битола. Досега Владата и самиот Ковачевски ги лечат раните од недовербата на јавноста и нападите на опозицијата за договорот со „Бехтел и Енка“, првите пари се веќе префрлени, за наводната корупција се зборува како да е неизбежна, а изградбата на автопатите е само виртуелно. За очекување беше дека големиот градежен потфат би почнал токму во Пелагонија, на терен кој е лесен за проектирање и изведување на градежните работи, па за кусо време таму може да се покажат големи резултати. Да се види дека македонските градежници таму вистински и во голема мера се ангажирани. Тоа да биде еден од адутите за изборите – дека Владата знае што прави и знае да испорача.

Доколку во Прилеп на 12 мај навистина има многу работници и голема механизација, која е подготвена да го „меле“ теренот, Владата ќе може малку да здивне, а расправата во Собранието да падне во интензитетот. Ако тоа биде само пропагандна фото можност, проблемите за неа околу договорите само ќе се зголемат. Со неизвесна политичка разврска.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи