1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Југословенската „хипотека” и Преспанскиот договор

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
1 јули 2024

И Грците и Македонците треба да се соочат со болното минато, во кое нивната историја била преплетена. Тоа нема да го постигнат доколку уште и двата народи бегаат во историската митологија. Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/4hi1O
Потпишување на Преспанскиот договор во јуни 2018 година
Потпишување на Преспанскиот договор во јуни 2018 годинаФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Знаејќи ја сложената и трагична македонска историја, да си Македонец денес би требало да значи да се поседува  чувство за реалност и голема историска мудрост. Во нашево геополитички сложено време, чувството за реалност и здравиот разум помагаат да не се потпадне на популистичките пропаганди и да се знае кои се најважните темели на  македонската самобитност: македонската националност, македонскиот јазик и македонската култура. Тие беа изборени во НОБ и изградени во југословенскиот период. Тие беа скапоценото наследство од  Југославија кое по нејзиното распаѓање се заштити со прогласувањето на самостојната  држава, која требаше меѓународно да се легитмира со приемот во  ОН. Секако, да не се испречеше блокадата од Грција.

Притоа, Грција имаше долго пријателски односи со Југославија. Меѓутоа, ненадминатите историски трауми и табуизираните историски  искуства се како „злиот дух во шишето”. Излегува од него кога ќе дојде погодна  историска констелација. Македонското барање за прием во  ОН беше за Грција таква констелација.Таа ги потсети ОН дека „поранешната југословенска република Македонија” е онаа преку која во Граѓанската војна во Грција, Југославија ги помагаше грчките партизани. Грција сметаше дека држава со име Република Македонија на  северната граница може да  ја загрози нејзината безбедност. Овој приговор се чинеше најирационалниот во „спорот за името”, но тој  за Грција  беше нејзината ненадмината траума од Граѓанската војна. Зошто ОН и‘ поверува на Грција? Затоа што архивата на ОН е преполна со извештаи на нејзините специјални комисии  за вмешаноста на Југославија во Граѓанската војна. Затоа уследи акронимот „ПЈРМ”, кој не беше име, туку опис на состојба од минатото. Тој беше шифра за ненадмината историска траума на двата народи. За Македонците, пак, таа тема беше табуизираната  историска  „хипотека”  на Југославија од истата војна. Таа „хипотека” остана  потисната во југословенската јавност  затоа што по крајот на Граѓанската војна во 1949-та и во  грчкото и во југословенското општество беа табуизирани одредени содржини од  нејзината историјата. И тоа токму со силата на меѓудржавните договори за пријателство и соработка!

Гигантски проект на „македонизација“ во Грција

Веднаш по крајот на војната во Грција, 1950, САД  направи притисок врз Југославија и Грција да ги обноват  дипломатските односи. Тие беа влошени уште од 1945-та, кога Југославија почна  јавно да ја поддржува  желбата на Македонците во  НРМ да се обединат со Македонците од Егејска Македонија. Тој план на почетокот беше поттикнат од Сталин, со идејата за голема балканска федерација. Од 1945-та, не само Тито, туку и други југословенски политичари говорат за правото на Вардарските Македонци да се обединат со своите браќа во Пиринска и Егејска Македонија. Во   југословенскиот политички жаргон тие беа Пиринци, Вардарци и Егејци. Кога по Граѓанската војна се табуизираше токму тој план, од тој жаргон остана само името „Егејци”. Како име за македонските бегалци од Грција во Југославија, но често и како стигма и  стереотип. Моите роднини првпат го слушнаа тоа име дури кога пребегаа во Југославија.

Југословенската поддршка  на ДАГ, во која имаше многу Македонци,  кои  грчките комунисти ги викаа „Славо-Македонци”, заврши во 1948-та, по конфликтот на Тито со Сталин во Информбирото. Тито тогаш  побара помош од западните сили. САД во 1948 активно се вклучија во борбата на  грчката армија против грчките партизани.Германскиот историчар со грчко потекло, Адамантиос Скордос, на врската на „спорот за името” со ненадминатата траума во грчкото општество од оваа војна го посвети својот обемен докторат. Според него, грчката реакција на осамостојувањето на РМ може „да се разбере само ако се имаат во предвид  40-те години  грчка историска политика, фокусирана врз Граѓанската војна и врз Македонија.”(Adamantios Skordos,“Griechenlands Makedonische Frage. Bürgerkrieg und Geschichtspolitik im Südosten Europas 1945-1992", Wallstein Verlag, Göttingen, 2012) Со посредство на САД, 1950-та, Југославија и Грција воспоставија дипломатски односи. Условот на Грција беше Југославија  повеќе да не го споменува македонското малцинство во Грција. Двете земји го „замрзнаа” тоа прашање. Така 1953 Југославија потпиша договор со Грција и Турција за пријателство и соработка,  а една година подоцна и за воена соработка. Во  60-те  Белград пак го „одмрзна”  прашањето за македонското малцинство во Грција. Во 1962 се обнови „пријателството” со  “Gentlemen’s Agreement“, потпишан  од  југословенскиот МНР Коча Поповиќ и грчкиот МНР  Евангелос Авероф. Пак македонското прашање се табуизираше во двете земји. Во воениот режим, во грчкиот наратив за Граѓанската војна  ги снемува „славомакедонските партизани“, а војната  станува инвазија врз Грција од Северот, од страна на „Словените“. Во исто време во  грчкиот наратив започнува проектот за создавање „Хеленомакедонци“поврзувајќи го грчкиот дел од Македонија само со  царството на Александар. Тогаш во Грција се одиграл гигантски проект на „македонизација“ идентичен со „антиквизацијата“ на Груевски.

Политичкото табу од грчко-југословенските договори важеше додека постоеше Југославија. Само три недели пред  РМакедонија да ја  прогласи  самостојноста, на 27 август 1991,  грчкиот МНР Самарас им укажа  со  „Меморандумот за југословенска Македонија“ на членките на ЕЗ дека  Тито во Граѓанската војна преку таа република  ги помагаше „славомакедонските партизани“. Кога РМакедонија поднесе барање да биде примена во ОН,  во јануари 1993-та грчкиот МНР  Папаконстантину  поднесе  во ОН еден извештај на „Специјалната комисија на ОН за Балкан“,  која беше создадена на барање од Грција 1949. Во него на Југославија и на НОФ им се припишуваат експанзионистички намери кон грчкиот дел од Македонија. Со тоа  грчката држава можеше да бара разбирање  за нејзините стравови од  „иредентистичките стремежи“ на РМакедонија. Парадоксално, затоа што Југославија и Грција се трудеа да  го сочуваат пријателството, табуизирајќи ја „егејската траума”, Грците и Македонците останаа „невидливи” едни за други.

Преспански договор - „болен” и за Грција и за Македонија

Преспанскиот договор ја нуди шансата процесот на запознавање на двата народи конечно да започне. Со јасното разграничување на  разбирањето на  термините „Македонија” и „македонски”  за секоја од двете  држави и култури,  Преспанскиот договор ги почитува реалностите во нив, а не нивните национални митови. Со укажувањето  на македонскиот народ, на македонскиот јазик, како дел од јужнословенските јазици, на македонското културно наследство  како белези на „втората страна”, на РСМакедонија, всушност се набројуваат главните белези на македонскиот идентитет. Грција со векови  не можеше да прифати постоење на Македонци со словенски јазик, зашто за неа Македонците може да имаат само грчки  јазик. А Преспанскиот договор го истакнува македонскиот јазик како јазик од групата на јужнословенските јазици. Во таа смисла, Преспанскиот  е удар врз долгата грчка пропаганда против Словените -  во своите граници и надвор од нив. Со  определбата на македонскиот народ и на македонскиот јазик во Преспанскиот договор, Македонците во Грција добиваат  национална, јазична и културна парадигма според која тие можат да го определуваат својот маедонски идентитет. Тие сега можат да кажат, јасно и гласно, дека се Македонци како Македонците во РСМакедонија. И, на тој начин, да ги бараат своите права како малцинство во Грција. Од траумата на Егејците, кои беа вистинската жртва на Граѓанската војна, сите Македонци би требало конечно да сознаат дека Македонците со словенско потекло од целиот регион Македонија и од  целиот Балкан можат  да се обединат само во ЕУ.

ДВ во Нивици: „Цело село сме Македонци“

Преспанскиот договор е „болен” и за Грција и за Македонија, но така е со сите мировни договори меѓу народи во едно историски конфликтно подрачје како Македонија. Едните ги боли името „Македонија” во името на соседот, другите придавката „северна” крај името Македонија. Кога и едните и другите би помислиле дека ниту РГрција, ниту РСМакедонија не ја поседуваат сета територија на историскиот регион Македонија (но, сепак, секоја од нив му припаѓа со исто право!), тогаш тие би почнале да размислуваат како да му ја вратат славата на тој регион како мултинационален и  мултијазичен простор. Затоа мислам дека местото на  потпишувањето на Преспанскиот договор не е случајно. Во тој дел на Преспа, во Граѓанската војна имаше „слободна територија на ДАГ”. Преку тие планини во Пресапа, егејските бегалци ( и моите родители и роднини!) бегаа во НРМакедонија. Всушност, со Преспанскиот договор  Граѓанската војна конечно заврши. Многумина од потомците на егејските бегалци се убедени дека со Преспанскиот договор биле „предадени” нашите егејски предци. Напротив,  сега постоењето на нивниот и нашиот мајчин јазик, македонскиот, кој за нив во Грција беше забранет, го потврдува еден   меѓународен договор, потпишан со посредство на ОН.

Според европскиот модел за проверка на учебниците, но и за помирувањето на Македонците и Грците, историјата на Граѓанската војна, но и историјата на нејзиното „табуизирање” во Југославија и во Грција, треба да биде важна содржина во идните македонски и грчки учебници. И Грците и Македонците треба да се соочат со болното минато, во кое нивната историја била преплетена. Тоа нема да го постигнат доколку уште и двата народи бегаат во историската митологија. Преспанскиот договор ги присилува Грците да прифатат  дека нивните први соседи се Македонци со словенско потекло. Македонците треба да прифатат дека придавката  „северна” во државното име,  не го менува ниту името Македонија, ниту името Македонци.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.