Израел: Да се одбие служење војска е табу
3 јануари 2024Тераса на покрив во Тел Авив, на ветрот се веат црвени знамиња – тоа е зграда на една комунистичка партија. Идо Елам тука се среќава со своите пријатели. Тие се против војната.
„Ако сум против окупацијата, против војната во Газа, ако сакам да живеам во мир, морам да одбијам воена служба. Инаку, ова крвопролевање ќе продолжи до бескрај“, вели Елам.
По единаесет месеци, тој треба да замине во касарна во Тел Авив, на служење воен рок. Терминот е веќе утврден. Но, 17-годишникот сака да ја одбие службата, од здравствени причини, а тоа во Израел не е предвидено.
Воениот рок како кохезионен елемент
Најголем дел Израелци се регрутираат на возраст од 18 години. Воениот рок за мажите трае две ипол години, за жените- две. Исклучок е можен на пример од религиозни причини, така што многу ултраортодоксни Евреи не одат во војска. Исто како и мнозинството арапски Израелци. Според официјалната статистика, во војска се регрутираат околу две третини од мажите и повеќе од половина од жените.
Воената служба е поврзувачкиот елемент во општеството. За многумина млади Израелци е разбирливо само по себе да ја бранат својата татковина. Оној кој не го сака тоа, брзо станува аутсајдер. Елам добро го знае тоа, на социјалните мрежи е конфронтиран со голема омраза.
„Добивам смртни закани, некои доаѓаат од непознати луѓе, некои ги познавам од училиште. Ме нарекуваат идиот, предавник. Ме обвинуваат дека сакам да ја уништам земјата и треба да заминам," раскажува тој.
Пријателите и фамилијата на Елам се загрижени дека неговото одбивање да оди во војска ќе му донесе и професионални непријатности. Зашто во Израел важи – без војска, нема кариера. „За среќа, мојата фамилија цврсто ме поддржува, јас сум израснат во изразито левичарска фамилија“, вели Елам.
Сепак, неговата мајка е против неговото одбивање да служи воен рок. „Нејзина желба е да се обидам да добијам лекарско уверение, дека на пример сум неспособен од психички причини. Се плаши од можноста да одам во затвор, тоа не е шега.“
Оној кој одбива воена служба, прво оди во притвор, а потоа пред воен суд, кој по правило одредува неколку недели затвор. Оној кој и натаму е против одење во војска, завршува повторно во затвор или комисија го прогласува за неспособен од психолошки причини.
Елам сака да биде пример
Не сите во војската се борат на фронт. Многумина од нив работат во канцеларија или на пример како музичари. Елам свири бас гитара и пријателите го советуваат едноставно да оди во некоја армиска музичка група.
Но, за 17-годишниот Елам тоа не доаѓа предвид, со своето одрекување сака да даде пример на другите: „Луѓе кои се против окупацијата, но никогаш не помислувале да одречат служење војска, можеби сега ќе размислат да се приклучат кон нашата борба.“
За него, промената на армијата одвнатре се чини безизгледна. Во неговите очи, водечките офицери се радикални доселеници. Премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговите ултрарелигиозни и десно радикални коалициски партнери тој ги нарекува „фашистички“.
Табу тема
Неговата одлука да одбие служење воен рок ја имал донесено уште пред актуелната војна во Газа, а сега Елам чувствува дополнителна потврда. „Речиси секоја година имаме војна во Газа, а сегашнава копнена офанзива само ми ја зацврсти одлуката. Едноставно не можам."
Во претходните војни постојано доаѓаше до случаи активни војници да ја напуштат службата. Летоска освен тоа, илјадници резервисти најавија дека нема да одат на доброволни вежби, во знак на протест поради планираната реформа на правосудството.
Нема официјални бројки колку луѓе во Израел одбиваат да служат војска од морални причини, само малкумина јавно се изјаснуваат. Медиумите речиси не известуваат за такви случаи. „Не“ за армијата во Израел е табу.