Избори во Берлин: Дебакл на СПД, победа на ЦДУ
13 февруари 2023Христијанско демократската унија (ЦДУ) е убедливо најсилна партија по повторените избори во градот-покраина Берлин со 28,2 проценти гласови, што е нивен најдобар резултат во германската престолнина во овој век и зајакнување од десет проценти во однос на претходните избори.
Избирачите ја казнија пред се` Социјалдемократската партија и актуелната градоначалничка Франциска Гифај – СПД во неделата го оствари својот најлош резултат во повоената историја со 18,4 проценти гласови.
Но, дебаклот сепак би можел да ги остави Социјалдемократите на пол-позиција за формирање на власта, зашто според неофицијалните резултати, СПД има 105 гласови повеќе од Зелените (чиј резултат исто е 18,4 проценти). Тие две партии, заедно со Левица, која освои 12,2 проценти, досега ја сочинуваа владејачката коалиција во Берлин.
Во градското собрание влегува уште и Алтернатива за Германија (9,1 процент), додека Либералите останаа под цензусот со освоени 4,6 проценти гласови.
Можни се и други коалиции
Со овие резултати постои можност, покрај продолжување на досегашната коалиција, градот да го раководи ЦДУ во коалиција со СПД или со Зелените.
Кандидатот на ЦДУ за градоначалник, Кај Вагнер најави дека ќе води сондирачки разговори од понеделник, а притоа ќе инсистира на класичните демохристијански теми – безбедност, економија, проблемот со „криминалните мигранти“. Берлин стигна во насловите на медиумите по инцидентите во новогодишната ноќкои им се припишуваа на млади мигранти.
Градоначалничката Гифај, без оглед на жестокиот пад, има желба и натаму да го води градот.
Бламажа со претходните избори
Изборите во Берлин беа повторени по налог на Уставниот суд, од причина што во септември 2021 година беа проследени со редица гафови.
Судот изнесе поразувачка оценка на тогашниот изборен ден во Берлин: граѓаните со часови чекале пред гласачките места зашто недостигале гласачки ливчиња, на некои имињата на кандидатите биле погрешни, дел од гласачките места предвремено затвориле, додека вратите на други останале отворени подолго од дозволеното.
За бламажата свој придонес имаше и масовниот берлински маратон кој се одржуваше истиот ден, предизвикувајќи несносни гужви и логистички проблеми.
За ваквата бламажа, невидена во германската историја, граѓаните очигледно најмногу ги обвинија Социјалдемократите.
Овојпат излезноста на изборите беше 63,1 процент, додека минатиот пат гласале 75 проценти од берлинчаните, но тогаш истовремено се одржуваа и сојузните избори.