1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Истражување за Буча: „Кој ги уби овие луѓе?“

Петер Мике | АРД
4 јануари 2023

По повеќемесечно истражување во Буча, Њујорк Тајмс тврди дека има докази за извршителите на злосторството. Во април 2022, над 460 мртви Украинци беа пронајдени во предградијата на Киев по повлекувањето на руската армија.

https://p.dw.com/p/4Liru
Убиени цивили во Буча. Фотографија од 6 април 2022 година
Убиени цивили во Буча. Фотографија од 6 април 2022 годинаФотографија: Diego Herrera Carcedo/AA/picture alliance

Треперливо видео снимено со мобилен телефон на еден преживеан, откако руските војници ја напуштија Буча: тој брои четири, пет, шест тела додека оди по улицата Јаблонска. „Ова е навистина патот на смртта“, вели тој. Филмот на Њујорк Тајмс започнува со оваа сцена.

Според украински извори, над 460 тела се пронајдени во предградието на Киев по повлекувањето на руската војска. Злосторствата над цивилното население предизвикаа згрозување ширум светот. Русија ја негира одговорноста за злосторствата и тврди дека снимките со мртви тела се лажни.

Во Буча по повлекувањето на Русите дојде и Јусур Ал-Хлу, новинарка на Њујорк Тајмс. „Истата вечер разговаравме со нашите уредници во Њујорк и заедно одлучивме да останеме подолго бидејќи ни требаше повеќе време да го истражиме тоа на лице место“, вели таа. „Сакавме да дознаеме кои се тие луѓе чии тела со недели лежат на улица. Што им се случило? Кој ги убил?“

„Овде е мојот дом“ - жителите се враќаат во уништената Буча

Изјави на сведоци и снимки од дрон

Тоа беше почеток на осуммесечната истрага. Заедно со другите колеги оваа новинарка разговараше со преживеаните и ги документирше нивните изјави. Уредниците во Њујорк и во Вашингтон ги прегледаа снимките од надзорните камери во Буча и од дроновите на украинската војска и ги анализираа владините документи.

„Успеавме да идентификуваме конкретен полк", вели Ал-Хлу. Нејзиниот тим има видео снимки од војници кои извршиле повеќекратни убиства. „Значи, можеме да кажеме: не само што мислиме дека е веројатно, туку имаме докази дека одредена единица и тоа - 234 воздухопловно десантна дивизија - е всушност одговорна за овие убиства што ги истражувавме по улицата Јаблонска.“

Војниците користеле мобилни телефони на жртвите

Иако војниците очигледно се обиделе да ги сокријат ознаките на своите возила, тие сеедно делумно можат да се препознаат на снимките од надзорните камери. Војниците зад себе оставиле и некои документи. Тие преку радио врска разговарале со надредените користејќи псевдоними кои укажуваат токму на таа единица - и дека злосторствата се вршени систематски и се нарачани од командата.

Масовен погреб во Буча, Украина
Масовен погреб во Буча, Украина Фотографија: Sergei SUPINSKY/AFP

„Но, посебен дел од нашата работа се телефонските протоколи на војниците“, вели новинарката. Користејќи ги, нејзиниот тим успеал да докаже дека мобилните телефони на 6 жртви ги користеле руските војници. „Успеавме да ги идентификуваме овие војници, а потоа пронајдовме докази на интернет оти тие ѝ припаѓаат на оваа единица: објави на социјалните мрежи, фотографии, беџови или знамиња.“

„Иако не можеме да кажеме дека токму овие војници ги извршиле убиствата, тие во свој посед ги имале телефоните на жртвите неколку часа откако се убиени тие луѓе и биле во близината на местото на злосторството“, вели американската новинарка.

„Непобитни докази“

Сосема е можно овие откритија да можат да дадат важен придонес во меѓународните истраги за воените злосторства во Украина. Особено што новинарите за првпат успеаја да идентификуваат конкретен полк и поединечни војници. „Нема да поднесеме тужба ниту да презентираме докази на суд. Ние сме новинари“, објаснува Ал-Хлу. 

Буча: Сè повеќе докази за злосторства врз цивилите

Но, таа се надева дека некој што е заинтересиран ќе го искористи нејзиниот материјал. „Моето семејство е сириско-американско. Војната во Сирија се смета за прва војна документирана на социјалните мрежи. Ние повеќе не можеме да кажеме како општество или како свет: не сме знаеле за тоа. Ова важи и за војната во Украина.“ Американската новинарка нагласува дека сѐ е документирано. „Со нашата приказна објавивме непобитни докази. Оваа информација е достапна за секој кој сака да ја искористи за некои повисоки цели.“