1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истрага за Северен тек: Трагите водат во Украина

Михаел Гетшенберг/ (АРД) | Георг Хајл/ (РББ) | Холгер Шмит/ (АРД)
8 март 2023

Германската истрага постигна пробив во разјаснувањето на нападите врз гасоводот Северен тек. Според информации на АРД, нема докази кој го предизвикал оштетувањето, но има траги, а тие водат во Украина.

https://p.dw.com/p/4OOjj
Оштетување на гасоводот Северен тек
Оштетување на гасоводот Северен текФотографија: Trond Larsen/Expressen/TT/picture alliance

Без дилеми, ова е политички најделикатната истражна постапка на германското Генерално обвинителство. Според заеднички истражувања на главното студио на германскиот јавен сервис АРД, политичкиот магазин на АРД „Контрасти“, СВР и весникот „Цајт“, во текот на истрагата можела да се изврши реконструкција како и кога бил подготвен нападот со експлозив врз гасоводите Северен тек. Трагите водат во Украина. Но, истрагата досега не пронашла никакви докази кој е налогодавач за нападот. Ноќта кон 26. септември 2022. година со експлозија беа оштетени три од вкупно четири цевководи на гасоводите Северен тек 1 и 2 на дното на Балтичко Море.

Според информации на споменатите медиуми, истрагата успеала да го идентификува бродот кој веројатно бил користен за тајната операција. Станувало збор за јахта изнајмена од фирма со пријавено седиште во Полска, која очевидно припаѓа на двајца Украинци. Според истрагата, тајната операција во морето ја извршил тим од шест лица - пет мажи и една жена. 

Диверзантската група се состоела од еден капетан, двајца нуркачи, двајца нуркачки помошници и една лекарка, кои го транспортирале и поставиле експлозивот на местата на нападите. Националноста на извршителите не е позната, тие користеле професионално фалсификувани пасоши, уптребени меѓу другото и за изнајмување на бродот.

гасоводи, Северен тек 1 и 2
Експлозии предизвикаа оштетување на двата гасовода, Северен тек 1 и 2

Траги од експлозив во кабината

Сознанијата на истрагата велат дека групата испловила на отворено море на 6. септември 2022. година од Росток. Опремата за тајната операција претходно била транспортирана во пристаништето со возило за испорака. Во понатамошната истрага, јахтата е локализирана следниот ден во Вик (Дарс) и подоцна кај данскиот остров Кристијансо, североисточно од Борнхолм. Јахтата подоцна, неисчистена, му е вратена на сопственикот. На маса во кабината, според истрагата, биле пронајдени непобитни траги од експлозив.

Инвестигативната екипа на германскиот јавен сервис АРД, политичкиот магазин на АРД „Контрасти“, СВР и весникот „Цајт“ дошла до информации според кои западна тајна служба уште есеноска, значи кратко пред оштетувањето на гасоводите, до европските партнерски служби доставила укажување според кое за нападите е одговорна украинска група. Потоа следеле и други разузнавачки укажувања со индиции дека одговороста можеби ја сноси проукраинска група.

Можна е и операција за наведување на лажна трага

Инвестигативната група новинари на германскиот јавен сервис АРД, политичкиот магазин на АРД „Контрасти“, СВР и весникот „Цајт“ разговарала со извори во повеќе земји. Во истрагата за оштетувањето на гасоводите учествуваат безбедносни служби од Германија, Данска, Шведска, Холандија и САД. Германската истрага ја води Генералното обвинителство, со вклученост и на Сојузната криминалистичка полиција и на сојузната полиција.

Иако трагите водат во Украина, истражителите уште не успеале да откријат кој го дал налогот за акцијата на диверзантската група. Во меѓународни разузнавачки кругови не се исклучува можноста да станува збор за „False Flag“ – операција во која вистинските извршители монтираат траги кои водат на друго место, односно во случајов во Украина. Истрагата нема цврсти докази ни за постоење на вакво сценарио.

Северен тек
Северен тек: Истрагата за експлозиите во Балтичко Море сѐ уште траеФотографија: Danish Defence Command/dpa/picture alliance

Киев отфрла вмешаност во нападите

Украинската влада прво не беше достапна за став. На прашање на германскиот јавен сервис АРД, политичкиот магазин на АРД „Контрасти“, СВР и весникот „Цајт“ до советникот на украинскиот претседател, Михајло Подољак, тој изјави дека Украина „се разбира нема никаква врска со нападите врз Северен тек“.

Сојузното јавно обвинителство во Германија одби да даде изјава (во меѓувреме Обвинителството даде потврда за суштински делови од истражувањето на АРД, СВР и Цајт, н.з.), а портпарол на германската влада се огради од коментари поради фактот што истрагата е во тек, со дополнување:

„Освен тоа, за експлозијата продолжува истрагата и во Шведска и Данска, под водство на тамошните надлежни служби. Неодамна Германија, Шведска и Данска го информираа Советот за безбедност на ОН дека истрагата е во тек и досега нема конкретен резултат.“

Извештај: САД претпоставуваат дека зад нападите стои проукраинска група

Во меѓувреме весникот „Њујорк тајмс“, повикувајќи се и на неименуван американски владин службеник, пишува дека американските тајни служби располагаат со нови сознанија според кои одговорноста за нападите врз Северен тек ја има една проукраинска група. Но, нема никакви индикации за вмешаност на украинскиот претседател Володимир Зеленски или на некој од неговото најблиско опкружување, како ни дека диверзантите дејствувале по налог на украинската влада. Материјалот со кој располагаат американските тајни служби укажува на тоа дека извршителите се можеби противници на рускиот претседател Владимир Путин. Но, и натаму нема информации за членовите на диверзантската група, ниту за тоа кој ѝ издал налог или платил за акцијата.  

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи