Испрашување на Бајден за тајните документи
10 октомври 2023Американскиот претседател Џо Бајден беше испрашуван од специјален иследник за аферата околу чувањето тајни документи во приватни простории. „Доброволното испрашување беше спроведено во Белата куќа во текот на два дена, недела и понеделник, а беше завршено во понеделникот“, се вели од официјалната резиденција на Бајден во Вашингтон. Претседателот и Белата куќа, како што се вели, ќе соработуваат во истрагата. Се нагласува дека „релевантните информации ќе бидат јавно достапни“ до степен до кој што е тоа можно. Бајден беше испрашуван од специјалниот иследник Роберт Хур.
Тајни документи и во приватни канцеларии во Вашингтон
На крајот на 2022 година, доверливи информации од времето на Бајден како потпретседател беа откриени на различни локации, вклучително и во приватни канцеларии во главниот град Вашингтон и во гаража во неговиот приватен дом во Вилмингтон, Делавер. Американскиот министер за правда Мерик Гарланд потоа го назначи Хур за водење на политички чувствителната истрага. Од претседателите и потпретседателите се бара да ги предадат тајните документи на Националниот архив откако ќе ја напуштат функцијата.
Случајот е политички исклучително чувствителен за Бајден, бидејќи неговиот републикански претходник Доналд Трамп, кој води правна борба на неколку фронтови, предизвика скандал со сличен случај. Републиканецот е обвинет дека незаконски чувал многу чувствителни информации од времето како претседател на САД во приватни простории. Федералната полиција ФБИ го пребара неговиот имот во Мар-а-Лаго во август 2022 година и конфискуваше разни доверливи информации. Трамп се изјасни за невин на судскиот процес во Мајами во јуни. Судењето е закажано за 20 мај 2024 година.
Иако на прв поглед случаите на Трамп и Бајден се многу слични, постојат важни разлики. Тимот на Бајден, според сопствени наводи, веднаш ги пријавил откритијата во Националниот архив и ги предал документите. За разлика од случајот на Бајден, на случајот на Трамп му претходеше спор со Националниот архив. Архивот со месеци неуспешно се обидуваше да добие документи од Трамп од времето на неговиот мандат. Тимот на Трамп конечно ги предаде документите на Националниот архив, но не сите, како што се покажа за време на сензационалниот претрес на ФБИ во август 2022 година.