1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сменет кинескиот министер за надворешни работи

ЖА / агенции
25 јули 2023

Кина го менува шефот на својата дипломатија: со месеци „исчезнатиот“ Чин Ганг официјално е разрешен од функцијата, а шпекулациите за причините не стивнуваат

https://p.dw.com/p/4UMYV
Кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг
Кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг е сменет од функцијатаФотографија: Thomas Trutschel/photothek/picture alliance

По еден месец жестоки шпекулации околу мистериозното отсуство на кинескиот министер за надворешни работи, Пекинг сега официјално го соопшти неговото сменување: Чин Ганг е отстранет од должноста, јави државната кинеска телевизија ЦЦТВ. Во извештајот се наведува дека одлуката била донесена од надлежната комисија на Народниот конгрес на денешна седница, а должноста повторно ја презема неговиот претходник Ванг Ји. 

Засега нема официјално образложение за смената. Во изминатите недели се множеа жестоки шпекулации околу судбината на 57-годишниот Чин Ганг, кој на својот последен официјален термин се појави на 25 јуни во Пекинг, за оттогаш да не е веќе виден во јавноста. Кинескиот дипломат Ванг Ји, чија позиција во хиерархијата е се`уште повисока од онаа на Чин Ганг, во повеќе наврати настапи на местото на министерот за надворешни работи.

 Чин Ганг,  Ванг Ји  Кина
Должноста повторно ја презема претходникот на Чин Ганг, Ванг Ји Фотографија: Sergei Karpukhin/picture alliance/dpa/TASS

Првично, портпарол на Министерството за надворешни работи во одговор на поставено прашање изјави дека Чин Ганг е спречен во извршувањето на функцијата од здравствени причини. Но во заднина тлееја и шпекулации околу можна вонбрачна афера, на што портпаролка во Пекинг одговори дека „нема никакви информации“ во таа насока.

Исчезнувања на високи по ранг службеници,познати личности и бизнисмени во Кина не е ретка појава. Често потоа се соопштува нивна вмешаност во истрага или други контроверзи.

Еден од најмаркантните случаи од минатата година е оној на поранешниот кинески шеф на Интерпол, Менг Хонгвеи, кој исчезна на време на патување во Кина во 2018 година. Две години подоцна, кинески суд го осуди на долгогодишна затворска казна поради примање мито.

Чин Ганг својата секавична кариера ја почна во март, когакинескиот државен и партиски претседател Ши Џинпинг го назначи за министер за надворешни работи.