1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран: „Ќе ги масакрираат демонстрантите“

Шабнам фон Хајн
23 септември 2022

Растат стравувањата дека властите во Техеран повторно само со насилство ќе реагираат на бранот протести поради смртта во полициски притвор на младата Курдка, Махса Амини.

https://p.dw.com/p/4HEyj
Фотографија на Махса Амини на насловната страница на техеранскиот весник „Џахане Санат“
Фотографија на Махса Амини на насловната страница на техеранскиот весник „Џахане Санат“Фотографија: Majid Asgaripour/REUTERS

Смртта на 22-годишната Махса Амини, која почина под мистериозни околности минатата недела, откако беше уапсена од страна на иранската „полиција за морал“ за наводно неправилно носење шамија, предизвика бран протести низ Иран. Ситуацијата е напрегната. Според иранските власти, во последните денови во протестите загинале уште најмалку пет лица. Се вели дека загинале и полицаец и член на провладината милиција.

Махсa Амини на 21 септември требаше да наполни 23 години
Махсa Амини на 21 септември требаше да наполни 23 годиниФотографија: privat/UGC

Курдот Рибин Рахмани, пак, за ДВ изјави: „Само во провинцијата Курдистан, бројот на убиени демонстранти е поголем од она што е официјално наведено за цел Иран“. Рахмани живее во Лондон и работи за мрежа на курдски активисти за човекови права. 22-годишната Махса живеела во малиот град Сагес, во западната провинција Курдистан. Први протести имаше уште за време на нејзиниот погреб минатата сабота. „Имаме имиња, фотографии и адреси на најмалку осум демонстранти кои до вчера беа убиени од страна на безбедносните сили“, објаснува Рахмани. „Во провинцијата Курдистан, безбедносните сили користат масовно насилство против демонстрантите. Тие сакаат брзо да ги задушат протестите.“

„Полошо отколку во 2019 година“

Во целата држава од вчера интернетот е строго ограничен. Мобилните мрежи се „во голема мерка исклучени“, известува НетБлокс, организацијата основана во 2017 година, која ја следи слободата на интернетот во Иран. Пристапот до Инстаграм, единствената голема социјална мрежа која сè уште е дозволена во Иран, е ограничен, а некои мрежи на мобилни телефони се комплетно исклучени. „Иран сега е подложен на најстрогите ограничувања на интернетот по масакрот во ноември 2019 година“, соопшти  НетБлокс. Според организациите за човекови права, околу 1.500 луѓе биле убиени во протестите против поскапувањето на бензинот во 2019 година.

„Стравувам дека ни претстојат полоши работи од она што го доживеавме во 2019 година“, изјави за ДВ Саед Дехган, адвокат за човекови права од Техеран. „Ситуацијата е многу напрегната. Многу луѓе се лути и очајни. Имаат чувство дека речиси и да немаат што да загубат. Страдаат од економската криза и од секојдневните репресалии. Сега смртта на една млада жена за наводно прекршување на обврската за носење шамија предизвика гнев и незадоволство кон политичкиот систем. Тоа е длабока внатрешна криза и владата нема друг одговор освен натамошно угнетување“, вели Дехган. Адвокатот за човекови права отсликува мрачно сценарио: „Имаме политички систем кој е во постојана војна со сопствено население. Исклучувањето на интернетот има јасна цел: полицијата и безбедносните сили со сета снага ќе ги разбијат протестите и ќе ги масакрираат демонстрантите. Светот не смее да ги види сликите од тоа“.

Демонстрации против смртта на Махса Амини во центарот на Техеран
Демонстрации против смртта на Махса Амини во центарот на ТехеранФотографија: AP/dpa

Вршителот на должноста шефица за човекови права на ОН, Нада Ал-Нашиф, во меѓувреме ја изрази својата „загриженост за смртта на Махса Амини во притвор“ и за „насилниот одговор на безбедносните сили против демонстрациите што следеа“. Во вторникот, Ал-Нашиф повика на „брза, независна и ефикасна истрага“ за смртта на Махса Амини и за „обвинувањата за тортура и малтретирање“ против полицијата. „Иранската влада нема да одговори на тоа“, сигурен е адвокатот за човекови права Дехган. „Тие негираат сè и се однесуваат како ништо да не се случило. Како што направи претседателот Раиси во неговиот говор пред Генералното собрание на Обединетите нации“.

Настапот на Раиси пред Генералното собрание на ОН

Во својот говор на Генералното собрание на ОН во Њујорк, иранскиот претседател Ебрахим Раиси го истакна правото на народите на самоопределување. Во врска со смртта на Махса Амини, Раиси го обвини Западот дека користи „двојни стандарди“ кога станува збор за правата на жените. Меѓу другото, тој укажа и на смртта на домородните жени во Канада во минатото. 

За Азадех Пурзад , иранска истражувачка за човекови права и авторка, со седиште во Лондон, говорот на Раиси беше уште еден очаен обид да се тврди дека Исламската Република е правна држава, која е погрешно разбрана од Западот. Пурзад за ДВ изјави: „Факт е дека Раиси е опасен криминалец во бегство. Криминалец кој се крие зад дипломатскиот имунитет на шеф на држава“. Иранката во егзил ја образложува својата изјава со посочување дека Раиси сноси соодговорност за вонсудските масовни егзекуции на илјадници политички затвореници меѓу јули и септември 1988 година. Раиси во тоа време бил заменик-јавен обвинител на Техеран.

За време на говорот на Раиси во Њујорк, стотици Иранци во егзил протестираа пред зградата на ОН барајќи правда. Некои од нив носеа фотографии од Махса Амини со натпис: „Раиси се обиде да звучи како државник пред ОН и тврдеше дека е ирански претставник во време кога луѓето ширум Иран извикуваат 'смрт за диктаторот'“.