Инфлацијата во еврозоната на ново рекордно ниво
29 јули 2022Инфлацијата во 19-те земји од еврозоната порасна за рекордни 8,9 отсто во јули, поттикната од високите цени на енергенсите кои растат поради руската војна во Украина, покажуваат најновите податоци на Европската агенција за статистика, Евростат, кои се објавени денеска.
Тоа е натамошен раст во однос на јуни кога инфлацијата беше, исто така, рекордно висока - 8,6 насто. Инфлацијата во мај беше 8,1 отсто, а во април 7,4 отсто.
Со тоа, Европската централна банка и натаму очигледно значително ја пропушта зацртаната цел за висината на инфлацијата. ЕЦБ се стреми кон инфлација од два проценти како идеална вредност за економијата во заедницата од 19 земји.
Европската централна банка на чело со Кристин Лагард веќе иницираше историски пресврт на каматните стапки поради големиот пораст на инфлацијата. Во четвртокот пред една недела, ЕЦБ ја зголеми референтната каматна стапка за првпат по единаесет години и направи неочекувано силен чекор против ескалирачката инфлација.
Банката ја зголеми референтната каматна стапка за половина процентен поен на 0,50 отсто. Со тоа, зголемувањето на каматната стапка беше двојно повисоко од првично планираното. Некои финансиски експерти веруваат дека се можни дополнителни силни зголемувања на референтната каматна стапка. Следниот состанок на ЕЦБ за одредување на каматната стапка ќе се одржи на 8 септември во Франкфурт.
Инфлацијата во ЕУ во изминатите месеци достигнува највисоко ниво од 1997 година кога започна водењето на податоците. Според Евростат, цените на енергенсите во јули годинава споредено со истиот месец минатата година се зголемија за 39,7 отсто, додека цените на храната пораснаа за 9,8 насто и останатите стоки за 4,5 отсто.