1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Индекс на среќа: Младите во РСМ посреќни од возрасните

20 март 2024

Истражувањето разгледува шест клучни варијабли - БДП по глава на жител, социјална поддршка, здрав животен век, слободата да се прават животни избори, дарежливост и перцепции за корупција.

https://p.dw.com/p/4dvOH
Србија е на 17-то место меѓу земјите со најголем раст на индексот на среќата за периодот 2021-2023 година, во споредба со периодот 2006-2010 година.
Србија е на 17-то место меѓу земјите со најголем раст на индексот на среќата за периодот 2021-2023 година, во споредба со периодот 2006-2010 година.Фотографија: MIA

Северна Македонија е на 17 место во топ 20 земји каде има најголем раст на индексот на среќата од 2021 до 2023 година, во споредба со периодот 2006-2010 година. Но, тој раст не е доволен земјата да се најде погоре во рангирањето или барам во првата половина од листата со над 140 земји во светот, во Светскиот извештај за среќа за 2024 година.

Северна Македонија е рангирана на 84-то, а Финска по седми пат на прво место во годинешниот светски извештај за среќа, реализиран во партерство на Галуп, Истражувачкиoт центар на Оксфорд и Мрежата на ОН за решенија за одржлив развој.

Со оглед дека извештајот вклучува и одделни рангирања по возрасна група, најоптимистичкиот податок е дека посреќни во Северна Македонија се младите. Според рангирање на среќата кај младите на возраст под 30 години, Северна Македонија е на 67-мо место, со сличен резултат како и кај младите во Албанија, која е рангирана на 66-то место. Според среќата кај лицата од пониска средна возраст РСМ е на 76 -то место, на 85-то место кај лицата од повисока средна возраст, но е на 98-мо место кога станува збор за среќата кај луѓето на возраст од 60 и повеќе години.  Слични резултати кај ова категорија бележи и рангирањето на Црна Гора (97 место) и Албанија (100).

Предничат Словенија и Косово

Од земјите во соседството и регионот, во вкупниот резултат највисоко е рангирана Словенија (21-во место), Косово (29), Србија (37), Хрватска (63), Грција (64), БиХ (65), Црна Гора (76), Бугарија (81), а единствено Албанија (87) е подолу на листата од Северна Македонија (84).  

Србија е на прво место меѓу земјите со најголем раст на индексот на среќата за периодот 2021-2023 година, во споредба со периодот 2006-2010 година, а веднаш по неа се Бугарија и Латвија. Северна Македонија во оваа категорија е на 17-то место.

Истражувањето разгледува шест клучни варијабли за да помогне во објаснувањето на оценките: Бруто домашен производ (БДП) по глава на жител, социјална поддршка, здрав животен век, слободата да се прават животни избори, дарежливост и перцепции за корупција.

Врз основа на анкети во повеќе од 140 земји, направено е рангирање засновано на просечните проценки на животот во текот на трите претходни години - од 2021 до 2023 година. Првото место во рангирањето седум години по ред го држи Финска, а по неа во топ 10 земји според индексот на среќата се Данска, Исланд, Шведска, Израел, Холандија, Норвешка, Луксембург, Швајцарија, Австралија.

Седми пат на „тронот"

Зошто Финска? Балансот меѓу приватниот живот и работата, еден од најдобрите образовни системи, симбиотичката врска на Финците со природата, честото престојување на отворено, здравиот начин на живот, рекреирањето во природа - беа дел од одговорите и во изминатите години.

Слично е и годинава. Новинските агенции ја пренесуваат оценката на Џенифер Де Паола, истражувач од Универзитетот во Хелсинки, специјализирана за оваа област, според која, блискоста до природата и добриот баланс помеѓу работата и животот се клучни за задоволството на Финците.

„Финците можеби имаат посоодветно сфаќање за тоа што е успешен живот во споредба со САД, на пример, каде успехот често се поврзува со финансиска добивка", вели Де Паола.

Никој не е толку среќен како Финците
Никој не е толку среќен како ФинцитеФотографија: Jussi Nukari/Lehtikuva/AFP via Getty Images

Сепак, значење има и довербата во институциите, ниската корупција и слободниот пристап до здравството и образованието се исто така клучни.

„Финското општество е проткаено со чувство на доверба, слобода и висок степен на автономија“, посочува таа.

Спротивни трендови

И додека во РСМ, дел од соседството (генерално во Централна и Источна Европа) младите се посреќни од возрасните, тој тренд е спротивен во други земји.

Ниските оценки за среќата кај младите придонесе САД за првпат откога се објавува Извештајот да излезат од топ 20 земји на оваа листа. Во САД и Канада, оценките за среќа кај луѓето под 30 години се пониски од оние на луѓето на возраст од 60 и повеќе години. Според среќата кај луѓето помлади од 30 години, САД се рангирани на 62-то место, а според среќата кај луѓето на 60 и повеќе години се рангирани на 10-то место. Канада е на 58-мо место според среќата на младите, а на 8-мо според среќата на категорија лица од 60 и повеќе години.

САД (на 23- то место) и Германија (24) отпаднаа од топ 20 делумно и поради порастот на индексот на среќата меѓу други земји - Чешка (18), Литванија (19) и Словенија (21).