1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Кои се последиците од пресудата за синот на Џо Бајден?

12 јуни 2024

На Хантер Бајден му се заканува затворска казна до 25 години за прекршување на Законот за оружје. За демократите таа пресуда е доказ дека судството функционира. За републиканците тоа е тактика на замајување.

https://p.dw.com/p/4gxZe
Хантер Бајден
Хантер Бајден беше прогласен за виновен за кршење на Законот за оружје по сите три точки од обвинениетоФотографија: Ryan Collerd/AFP

Во Соединетите Американски Држави, една судска одлука повторно е во центарот на медиумското внимание. Пред две недели стануваше збор за пресудата против поранешниот американски претседател Доналд Трамп , а овој пат за синот на претседателот, Хантер Бајден. Тој беше прогласен за виновен за прекршување на Законот за оружје по сите три точки од обвинението.

Ова е првпат во светот да биде осудено дете на актуелен претседател. Специјалниот истражител Дејвид Вајс по објавувањето на пресудата нагласи дека никој не е над законот. Хантер Бајден се соочува со парична казна од 750.000 долари и до 25 години затвор. Сепак, тешко дека казната ќе биде толку драстична, со оглед на тоа што синот на претседателот досега не бил казнуван. 

Не се чекаше долго за реакцијата на американскиот претседател Џо Бајден. Тој во писмена изјава порача дека ја прифаќа пресудата за неговиот син. Истовремено, му понуди поддршка на синот, нагласувајќи дека е горд за тоа каков човек станал Хантер откако ја надминал зависноста од дрога. Минатата недела во интервју за ТВ АБЦ, претседателот изјави дека ќе ја прифати пресудата и нагласи дека нема да го помилува својот син. 

Џо Бајден
Џо Бајден претходно најави дека нема да го помилува својот синФотографија: Elizabeth Frantz/REUTERS

Доказ дека судството функционира? 

За Демократската партија, пресудата против Хантер Бајден е доказ дека американското правосудство функционира. Водечките републиканци, пред сè претседателскиот кандидат Доналд Трамп, го тврдат спротивното. Тие ги обвинуваат Џо Бајден и демократите дека го злоупотребуваат судството за да ги елиминираат политичките противници.

Демократскиот пратеник Џим Мекговерн, по изрекувањето на пресудата, праша како по таа судска одлука, секој републиканец може да тврди дека администрацијата на Бајден го користи судството како оружје за да им наштети на републиканците и да им помогне на демократите?

За прогресивната демократска република Александрија Окасио-Кортез, начинот на кој претседателот Бајден се справува со ситуацијата ја покажува разликата меѓу демократите и републиканците. „Не сме тука да ги оспоруваме резултатите. Ја почитуваме законската процедура“, рече политичарката од редовите на демократите. 

Републиканците продолжуваат да го критикуваат судството 

Но, за водечките републиканци, пресудата изречена на синот на претседателот не е доказ за фер правосуден систем во САД. Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, на прашањето на новинарот на Си-Ен-Ен дали со оваа пресуда е побиено неговото мислење дека американското правосудство има двојни стандарди, одговори: „Не“. 

Во исто време, тој додаде дека доказите во овој случај биле цврсти и дека не смета дека така било и во судската постапка против Трамп. Според неговото мислење, сите тужби против Трамп очигледно биле поднесени од политички причини. Хантер Бајден е посебен случај, рече Џонсон.

Доналд Трамп
Републиканците, односно изборниот штаб на Доналд Трамп, секако ќе се обидат да ја искористат пресудата на Хантер Бајден во предизборната кампања.Фотографија: Justin Lane/EPA

Десничарските медиуми како Фокс Њуз се согласуваат со тоа мислење. Презентерот Џес Вотерс оцени: само затоа што еден демократ е осуден, тоа не значи дека судството не се злоупотребува. А, екстремно десничарската републиканска пратеничка Марџори Тајлер Грин на платформата Х напиша дека единствената причина за донесување ваква пресуда против Хантер Бајден е да се создаде лажен впечаток дека постои независно судство. 

Штета за кампањата на Бајден 

За Тејлор Грин и другите републиканци, целиот судски случај за кршење на Законот за оружје е само тактичка измама во секој случај. И предизборниот штаб на Трамп објави дека ова судење не е ништо повеќе од одвлекување на вниманието од вистинските злосторства на семејството Бајден. Изборниот штаб го обвинува Хантер Бајден за корупција, во која наводно е вмешан Џо Бајден, но досега не се приложени докази за тие обвинувања.

И покрај тоа, Џо Бајден мора да води сметка и за тоа дека републиканците ќе се обидат да му наштетат, користејќи ја пресудата изречена на неговиот син. Од друга страна, во анкетата на колеџот Емерсон минатата недела, речиси две третини од испитаниците рекоа дека тоа дали Хантер Бајден ќе биде осуден или не, нема да влијае на нивната одлука на изборите.

Следниот судски спор против синот на Бајден се очекува во септември. Овој 54-годишник во Калифорнија е обвинет за затајување данок во милионски износи.