1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Кои се водечките личности на Хамас?

Томас Лачан
25 ноември 2023

Уништувањето на Хамас е една од главните цели на Израел во воената офанзива во Појасот Газа. Најбараниот човек: Џихија ал-Синвар, шеф на Хамас во Газа. Но, тој не е единствениот влијателен лидер на Хамас.

https://p.dw.com/p/4ZPkS
Шефот на Хамас во Појасот Газа - и моментално најбараниот човек во Израел: Џихија ал-Синвар
Шефот на Хамас во Појасот Газа - и моментално најбараниот човек во Израел: Џихија ал-СинварФотографија: Mohammed Abed/AFP

Кога на 7 октомври 2023 година неброени борци на Хамас упаднаа во Израел преку граничните утврдувања од Појасот Газа, убија повеќе од 1.200 Израелци и зедоа околу 240 луѓе како заложници, тој важеше за најважен мозок на операцијата. Џихија ал-Синвар, командантот на милитантниот исламистички Хамас во Појасот Газа, е најбараниот човек во Израел во моментов. Декларирана цел на израелската армија во актуелната војна против Хамас е да го елиминира Синвар. Тој е само една од неколкуте водечки фигури во палестинската терористичка организација. Преглед:

„Касапот од Кан Јунис“: Џихија ал-Синвар

Тој се смета за харизматичен и високо интелигентен, но и брутален и бескрупулозен: 61-годишниот Синвар го води Хамас во Газа со железна рака. Роден во 1962 година во бегалскиот камп Кан Јунис, на југот на Појасот Газа, тој е еден од основачите на Хамас во доцните 1980-ти години. Синвар беше вклучен во формирањето на неговото воено крило, бригадите Ал-Касам, кои извршија бројни самоубиствени напади во Израел. Тој, исто така, презеде мерки против осомничените соработници на Израел во неговите редови - толку брутални што стана познат како „Касапот од Кан Јунис“.

Жена готви храна во шатор во бегалскиот камп Кан Јунис во Газа - тука е роден и Џихија ал-Синвар
Жена готви храна во шатор во бегалскиот камп Кан Јунис во Газа - тука е роден и Џихија ал-СинварФотографија: Middle East Images/ABACA/picture alliance

Во 1988 година, израелскиот суд го осуди на четири доживотни затворски казни за убиство на неколку осомничени соработници и двајца израелски војници. Во затворот, Синвар научил хебрејски и го проучувал начинот на размислување на „непријателот“ читајќи книги од познати израелски личности. Поради мозочен апсцес, неговиот живот бил привремено во опасност - се вели дека израелските лекари му го спасиле животот со операција.

По 22 години затвор, Синвар беше ослободен во 2011 година заедно со над 1.000 палестински затвореници - во замена за израелскиот војник Гилад Шалит. Тој се врати во Газа и оттогаш беше одговорен за поврзаноста меѓу воените и политичките крила на Хамас. Во 2017 година стана шеф на терористичката организација во Појасот Газа.

Бенјамин Нетанјаху неодамна го обвини Синвар дека доброволно ги жртвувал палестинските цивили во борбата против Израел. Според израелскиот премиер, Синвар не го интересира судбината на својот народ и се однесува „како мал Хитлер во својот бункер“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се залага за жестока акција против Хамас во ГазаФотографија: Chad J. McNeeley/AA/picture alliance

Се вели дека Синвар во меѓувреме напуштил барем еден од овие бункери: според извештаите на израелските медиуми, тој побегнал од борбите во северна Газа и сега се наоѓа појужно во областа на неговиот роден град Кан Јунис.

„Мачката со девет животи“: Мохамед Деиф

Од 2002 година, Мохамед Деиф е на чело на бригадите Ал-Касам, военото крило на Хамас во Газа. Израел го обвинува за бројни самоубиствени бомбашки напади и за убиство на десетици израелски војници и цивили. Тој е делумно одговорен и за обемниот тунелски систем на Хамас во Газа. Се вели дека Деиф во голема мера го планирал и командувал со разорниот напад на Хамас на 7 октомври. Израелската армија се надева дека ќе успее да го елиминира за време на воената операција.

Единствената позната снимка на Мохамед Деиф датира од 2000 година
Единствената позната снимка на Мохамед Деиф датира од 2000 годинаФотографија: HO/AFP

Деиф е еден од најбараните личности во Израел од 1995 година. Во 2000 година тој беше привремено во израелски притвор, но побегна во превирањата на втората Интифада, вооружениот палестински бунт од 2000 до 2005 година. Оттогаш речиси и не оставил никакви траги. Се вели дека тој преживеал седум обиди за атентат, иако во некои од нив бил тешко повреде - се вели дека загубил око, стапало и дел од раката. Во нападите загинаа повеќе членови на неговото семејство. Деиф никогаш не се појавува во јавноста, единствената позната фотографија од него е од 2000 година. За него се знае само дека со години спие во различна куќа секоја вечер за да се заштити од израелските напади.

Заменикот во сенка: Марван Иса

Исто како Џихија ал-Синвар, Иса е роден во бегалски камп во Газа. За неговата младост се знае само дека тој првично припаѓал на исламистичкото Муслиманско братство, од кое подоцна Хамас се разви како сестринска организација. Тој отслужи петгодишна затворска казна во Израел за време на првата Интифада (1987-1993). Палестинските власти исто така го уапсија Иса во 1997 година, но тој беше ослободен по избувнувањето на втората Интифада во 2000 година. Денес тој е заменик врховен командант на бригадите Ал-Касам и како таков - десна рака на Мохамед Деиф.

Ракетен напад на Хамас од Газа врз Израел во октомври 2023 година
Ракетен напад на Хамас од Газа врз Израел во октомври 2023 годинаФотографија: MAHMUD HAMS/AFP

Иса веќе преживеа неколку целни обиди за атентат од страна на Израел. Сега тој повторно е високо на листата на Израел на најбарани припадници на Хамас. Исто така, се верува дека Иса одиграл важна улога во планирањето и извршувањето на терористичкиот напад на 7 октомври.

Лидерите во Катар: Исмаил Ханија и Калид Машал

Целосно разбивање на Хамас би можело да биде тешко за Израел, бидејќи двајца од неговите најважни лидери не се во Газа, туку во емиратот Катар. Од една страна, тоа е Исмаил Ханија, кој генерално се смета за врховен лидер на организацијата. И тој е роден во бегалски камп во Појасот Газа. Ханија прво посетувал училиште на Обединетите Нации, а потоа студирал на Исламскиот универзитет во Газа, каде што стапил во контакт со радикалните движења за независност. Во 1993 година тој беше назначен за декан на тамошниот Филозофски факултет, а во 1997 година беше назначен за шеф на кабинетот на духовниот водач на Хамас.

Во јули 2023 година сѐ уште разговараа меѓу себе: палестинскиот претседател Махмуд Абас (лево) и шефот на Хамас Исмаил Ханија (десно) во кабинетот на турскиот претседател Ердоган
Во јули 2023 година сѐ уште разговараа меѓу себе: палестинскиот претседател Махмуд Абас (лево) и шефот на Хамас Исмаил Ханија (десно) во кабинетот на турскиот претседател ЕрдоганФотографија: Mustafa Kamaci/Anadolu Agency via REUTERS

По изборната победа на Хамас во 2006 година, тој беше назначен за палестински премиер од страна на претседателот Махмуд Абас, но беше разрешен само една година подоцна. Хамас ја истисна партија на претседателот- Фатах од Појасот Газа во бран смртоносно насилство. Сепак, Ханија не го прифати ова разрешување, поради што палестинските територии сè уште се де факто поделени на два дела:  на Западниот Брег владее Фатах, а во Појасот Газа - Хамас. Ханија во 2017 година беше избран за раководител на Политбирото на Хамас - како наследник на Калид Машал.

Калид Машал и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров
Калид Машал и рускиот министер за надворешни работи Сергеј ЛавровФотографија: Ministry of Foreign Affairs of the Russian Federation/dpa/picture alliance

Машал е роден во 1956 година на Западниот брег и студирал физика на Универзитетот во Кувајт.  Машал, исто така, се радикализирал на универзитет, а подоцна живееше во Сирија и Јордан, од каде стана основачки член на Хамас, а во во 1996 година и негов претседател . Тој постојано повикуваше на терор против Израел. Во 1997 година преживеа обид за атентат од страна на израелската тајна служба Мосад. Кога Машал отпатува во Газа преку Египет во 2012 година за да ја одбележи 25-годишнината од основањето на Хамас, тој накратко влезе во една од палестинските територии за првпат по 45 години. Во 2017 година, тој му ја препушти функцијата шеф на Хамас на Ханија, но сега е шеф на канцеларијата за надворешни работи на терористичката организација.

Овој текст првично беше објавен на ДВ на германски јазик