1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамГерманија

„Граѓани на Рајхот”: можен ли е државен удар?

Лиза Хенел
9 декември 2022

Во голема рациа беше откриена милитантна група од движењето „Граѓани на Рајхот”. Се чини дека тие планирале државен удар во Германија. Колку е реална можноста тоа да се случи?

https://p.dw.com/p/4KiEl
Razzia gegen Reichsbürger-Szene | Deutschland
Фотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

Планот на 25-мината уапсени и на десетици нивни поддржувачи се чини јасен: „Здружението според нашите сознанија си поставило за цел да го отстрани постојното државно уредување во Германија, имено слободарско-демократскиот поредок, со помош на примена на насилство и воени средства". Ова го изјави државниот обвинител Петер Франк опишувајќи ги причините кои довеле до големата рациа неделава кај членови на т.н. „Граѓани на Рајхот” и „кверденкери”.

Што значи да се отстрани слободарско-демократскиот поредок? Тоа би можело да значи напади врз политичари, врз Бундестагот, соборување на сојузната влада од власт, распуштање на правосудниот систем, ставање на војската под своја контрола. Дали такво нешто воопшто е можно во Германија која преку 75 години е демократија со свој Устав, со цврсти структури и поделба на власта?

„Државата може да се одбрани, мнозинството граѓани не само што се чувствуваат како демократи, туку и сметаат дека демократијата е нешто што заслужува да биде одбрането", вели за ДВ Андреас Цик, раководител на Институтот за интердисциплинарно истражување на конфликти и насилство при Универзитетот во Билефелд. Шефот на фондацијата „Амадеу Антонио” која го јакне граѓанското општество против десен екстремизам, Тимо Рајнфранк, за ДВ потврдува дека „вистински државен удар тешко може да успее во Германија бидејќи државното уредување и Уставот се цврсто втемелени во државата”.

Јавниот обвинител Петер Франк ја води истрагата за осомничените терористи од редовите на „Граѓани на Рајхот“
Јавниот обвинител Петер Франк ја води истрагата за осомничените терористи од редовите на „Граѓани на Рајхот“Фотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

Уапсените не се „застранети” екстремисти

Па сепак Цик и Рајнфранк, како и многу други експерти предупредуваат од тоа да се потценуваат уапсените и милитантната сцена во земјата. Портпаролот на Социјалдемократите задолжен за криминално-политички прашања, Себастијан Фидлер, уапсените ги оценува како страшно опасни. Движењето „Граѓани на Рајхот” сѐвкупно е способно и има волја да изврши тешки терористички напади против државата, вели експертот за тероризам Петер Р.Нојман.

Што откриената група конкретно ја прави толку опасна?

Една околност е нејзиниот состав, другата е идеологијата која ги поврзува сите нив. 25те уапсени лица кои се осомничени за планирањето државен удар, очигледно припаѓаат на една збирштина од екстремисти - меѓу кои се и „Граѓани на Рајхот” и противници на корона мерките. Нив ги поврзува отфрлањето на демократската држава.

И тука не се работи за општествени маргиналци. Меѓу уапсените нема психички застранети десноекстремисти, вели Цик. „Делумно се школувани лица кои имаат своја професија, кои од центарот се поместиле во десната сцена и таму може да формираат паралелно општество. Тие се во состојба со години да развиваат затворено милје со алијанси и здружувања со други групи", заклучува Цик.

Опасност за правната држава

Меѓу уапсените е и една судијка која била пратеник во Бундестагот од редовите на деснопопулистичката АфД, потоа поранешни војници, благородници и поранешни припадници на полицијата. Тоа се лица кои имаат контакти, увид во демократските институции и располагаат со финансиски средства. Некои од нив ракуваат со оружје или биле обучувани за тоа. Во рацијата е запленето и огнено оружје. Сето ова уапсените и нивните поддржувачи ги прави опасност за правната држава, без разлика што тешко би им успеал преврат. „Нема да се случи преврат, но шрапнели од идеологијата би можеле да погодат друг екстремизам и дури и центарот во политичкиот спектар", вели Цик.

Уапсена е и поранешната пратеничка на АфД и судијка, Биргит Малзак-Винкеман
Уапсена е и поранешната пратеничка на АфД и судијка, Биргит Малзак-ВинкеманФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Протестите против корона ги поврзаа екстремистите

Сите овие луѓе ги поврзува една идеолошка „каша”. Делумно веруваат во држава во држава која дејствува од тајност и се наклонети кон антисемитски теории на заговор. „Клучно е притоа што идеологиите на многу групи практично бараат преврат бидејќи во срж не ја признаваат формата на владеење и демократијата", анализира Цик.

Токму кризата со корона пандемијата и со неа поврзаните протести доведоа до радикализација на сцената, заклучуваат многу експерти. Некои лица ја изгубиле вербата во демократската држава и станале подложни на наводни борби за слобода и за уредување на алтернативна држава.

Нов феномен „заговорнички екстремизам”

„Граѓаните на Рајхот” доминираат со теми како слобода и отпор и на тој начин се пробиваат и кај средната општествена класа. „Протестите против корона различни групи од граѓанскиот центар ги приближија до деснопопулизмот, десноекстремизмот, до милјеа ориентирани на теории на заговор и други групи со идеологии за отпор и слобода”, вели Андреас Цик. Фидлер од Социјалдемократите препорачува кога се во прашање „кверденкерите”, „Граѓаните на Рајхот”и други групи веќе да не се гледа како на јасно одвоени групи. „Не се сите граѓани на Рајхот и уште помалку класични десничарски екстремисти, туку нешто што веќе подолго време го нарекувам екстремизам во теории на заговор, или поточно кажано во конкретниов случај - десничарски заговорнички тероризам”.

Маскирани полицајци го приведуваат наводниот „мозок“ на заговорот, принцот Хајнрих XIII Ројс во Франкфурт
Маскирани полицајци го приведуваат наводниот „мозок“ на заговорот, принцот Хајнрих XIII Ројс во ФранкфуртФотографија: Boris Roessler/picture alliance/dpa

Сѐ уште нема одговор на митовите за заговор

За таквата појава политиката и општеството очигледно немаат најдено соодветен одговор. Фидлер анализира дека државата и политиката сега веќе многу добро сфатиле како функционира радикализацијата во десниот екстремизам и во исламизмот и соодветно на тоа развиле програми за дерадикализација. Но, во третирањето теории за заговор уште не е достигната таа точка. Истражувачот на конфликти, Андреас Вик, се залага за тоа различните милјеа детално да се анализираат и потоа да се разработи план за превенција. А, тоа се чини поитно од било кога - токму кризите во еден комплексен свет луѓето може да ги оттурнат од демократијата која понекогаш се чини напорна и комплицирана, и да ги навлечат на едноставните објаснувања со кои мамат теориите на заговор. „Токму екстремизмот трпи промени и тоа токму во кризни времиња", вели Цик. „Ние секогаш гледаме во масата луѓе, но малите групи како терористички ќелии се тие кои може да ја дестабилизираат државата", заклучува експертот.