1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Терористичка ќелија во Гостивар по теркот на ИСИС

ДТЗ
16 декември 2024

Организацијата формирана по идеолошка матрица на терористичката организација ИСИС, планирала изведување на терористички акти на цивилни цели и јавни објекти.

https://p.dw.com/p/4oC8Z
Сирија
Гостиварец формирал терористичка ќелија - планирал напади по теркот на ИСИСФотографија: Getty Images/AFP/A. Almohibany

Дваесет и едногодишен гостиварец формирал терористичка ќелија во која регрутирал лица и од земјата и во странство. Организацијата функционирала по матрицата на терористичка организација ИСИС и имала намера за изведување на терористички акт на цивилни цели и јавни објекти. Обвинителството информираше дека по неколкумесечна предистражна постапка во соработка со МВР е спроведена акција во струшкиот и гостиварскиот регион. Притоа се приведени три лица од Гостивар и едно лице од Струга за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело терористичка организација од чл.394-а од КЗ.

„Првоосомничениот, дваесет и едногодишен гостиварец, на почетокот на оваа година, создал и активно координирал терористичка организација/ќелија, во која членуваат останатите осомничени и други непознати лица од државата и од странство“, велат од обвинителството. 

Панче Тошковски Македонија
Министерот за внатрешни работи Панче ТошковскиФотографија: Petr Stojanovski

Преку Телеграм регрутирал и поттикнувал 

Тој на почетокот на 2024 година формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм, каде искажувал „целосна подготвеност и намера за извршување на терористички напад“, како и поттикнување на други лица за извршување на терористички напади во Европа. Во групите споделувал претходно набавен и преработен – преведен пропаганден материјал на ИСИС, регрутирајќи нови членови, правејќи обиди за набавка на огнено оружје, како и споделувајќи упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе бидат искористени за извршување на терористички напади. 

„Со оглед на кривичното дело што им се става на товар, околностите, како и фактот дека се исполнети условите за определување на мерката притвор, јавниот обвинител на судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје му предложи на осомничените да им биде определена мерка притвор во траење од 30 дена“, соопшти Обвинителството.  

Телеграм
Преку Телеграм биле регрутирани лица за терористички нападиФотографија: Infinity News Collec/imagebroker/IMAGO

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во неделата (15.12) информираше дека има доста докази дека овие лица сакале да организираат во иднина одредени несакани настани кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија, така и на други држави. „Нивната цел била да индоктринираат останати луѓе од Балканот кои би можеле да делуваат соодветно во насока на реализација на нивните цели“, рече Тошковски.

Проценките на Националниот комитет за спротивставување на насилниот екстремизам и тероризмот се дека 143 граѓани на Северна Македонија (исклучувајќи деца) патувале или се обиделе да патуваат во Сирија или Ирак за да се приклучат на терористички групи во изминатите години. Од овие 143 возрасни (133 мажи, 10 жени), се верува дека само четворица останале во камп за раселени лица во североисточна Сирија. До крајот на 2023 година, Северна Македонија репатрираше 19 раселени и 11 задржани државјани од североисточна Сирија. Македонските власти го проценија нивото на терористичка закана како „средно,“ имајќи ги предвид војната во Украина, развојот на настаните на Блискиот Исток и присуството на поранешни членови и симпатизери на „Исламска држава“.