Од една неодамнешна објава на Светскиот економски форум можев да научам кои се клучните 5 вештини кои децата треба да ги стекнат за да бидат подготвени за иднината. Заклучоците до кои дошле се базирани на прашањето: кои се најважните 5 вештини кои децата треба да ги усвојат за да бидат подготвени за иднината, кое им било поставено на некои од светските најголеми работодавачи.
Првата вештина која децата треба да ја стекнат е креативноста која ја дефинираат како способност за решавање значајни проблеми на нови начини и да размислуваат имагинативно во различни дисциплини.
Дигиталните вештини се следни во низата кои децата треба да ги усвојат со цел да развијат способност да совладуваат нова форма на дигитална технологија, а особено дизајн на алгоритам и ракување со податоци.
Соработка е третата вештина која мора да ја усовршат за да бидат подготвени за иднината, со цел да се стекнат со способност да работат со други за извршување на сложени задачи и приспособување на нивните постапки во односите на потребите на другите луѓе. Глобално државјанство или преведено Граѓани на светот е следната способност или повеќе би рекол став, што треба да биде всаден во умот на денешните деца како луѓе од иднината што би резултирало со универзална почит кон луѓето од други култури и подготвеноста да се прифати различноста, еднаквоста и инклузијата. Свесноста за неопходноста од заштита и управување со животната средина е последната, петта, вештина која експертите од Светскиот економски форум ја издвоиле како вештина на иднината за да ја разбираат кревкоста и ограниченоста на природниот екосистем и како можеме да взаемно-дејствуваме со нив на одржливи начини. Од Светскиот економски форум заклучиле дека инвестирањето во тоа децата да се стекнат со овие вештини денес, ќе придонесе да се развијат во успешни луѓе утре, но и пресметале дека тоа ќе придонесе дополнителни 2,54 трилиони долари во глобалната економија.
Светски промени
Заинтересиран за развојот на вештачката интелигенција и начинот на кој таа, пред наши очи, секојдневно драматично брзо го менува светот во кој живееме, на четботот-ЧетЏПТ му го поставив прашањето-кои ќе бидат најважните вештини за 10 години од сега и го добив следниот интересен одговор:
„Во околината која брзо се развива под влијание на технологијата и вештачката интелигенција, вештините на континуирано учење и приспособливост ќе бидат најважни. Како што се трансформираат индустриите и се појавуваат нови технологии, поединците кои можат брзо да стекнат ново знаење, да се прилагодат на променливите околности и да се доусовршат ќе имаат посебна предност. Оваа вештина ќе им овозможи на поединците да останат релевантни, ефикасно да се справат со сложените предизвици и да ги искористат новите можности во динамична и непредвидлива иднина.“
Пандемијата на Ковид-19 во комбинација со развојот и ширењето на вештачката интелигенција го сменија светот и тековите. Светот денес е многу различен и статичноста или прилагодливоста на образовните системи ќе биде главната детерминанта која ќе определува која држава ќе биде богата, а која сиромашна и кој поединец ќе има квалитетен животен стандард, а кој не.
Динамичната интеракција помеѓу Ковид-19 и вештачката интелигенција, преобликувајќи ги деловните парадигми, предизвика исклучително голем притисок за нестандардни и брзи реформите во образованието. Оваа невидена синергија ја нагласи итноста за подготовка на учениците и студентите за свет кој ќе се карактеризира со агилност, дигитална флуентност и критичко размислување.
Изгубено време
Образовната реформа која мора брзо да ја направиме треба да даде приоритет на стекнување на учениците не само со технички вештини, туку и со приспособливост, креативност и дигитална етика. За ова да го постигнеме, не треба да ги смениме учебниците или програмите туку треба да ги ре-едуцираме наставниците во светло на новиот свет во кој денес живееме, со цел тие да бидат агилни и иновативни во користењето на вештачка интелигенција како алатка за персонализирана настава и оценување во реално време. Користењето на вештачката интелигенција во наставата, но и битката да им ги всадиме вештините на иднината на младите генерации и да ги подготвиме да бидат прилагодливи на брзите промени и способни за континуирано учење ќе ја детерминира иднината на Македонија, но и благосостојбата на нејзините граѓани.
Картата на голема Албанија, вниманието кое ни го привлече и најважно времето кое ни го изгуби, ништо не нѐ учи ниту пак ни помогна во правец на наша подготовка за иднината. Нас ни го изгуби времето во непотребна дебата, а на Курти и некои наши политичари им донесе некој минорен и неважен политички поен со цел да можат да останат во позиција да уживаат во моќ и пари.
Затоа, огорчен и огаден од овие балкански примитивизми, решив да се посветам на иднината и да избегам од сервираната примитивна реалност.
Истото ви го предлагам и вам, почитувани читатели, апстрахирајте се од политички измамници и фокусирајте се на иднината на вашите деца. Помогнете им да се стекнат со вештините на иднината зашто ни Курти, ни нашиве властодршци тоа ќе им го овозможат. Повеќе од сигурен сум дека нашиот образовен систем нема да го прилагодиме на потребите на иднината, а уште повеќе сигурен сум дека нема да ги ре-едуцираме наставниците со цел тие да станат агилни и иновативни во користењето на вештачка интелигенција. Затоа останува најумен предлогот на четботот, за потребата од прилагодување, креативност и континуирано учење со цел самите да ги подготвиме наште деца за иднината која, евидентно, тешко можеме да ја разбереме.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.