Ѓоковиќ и 23: Повеќе од сон
12 јуни 2023„23!“ – така онлајн изданието на „Зиддојче цајтунг” го наслови својот текст.
„Отсега, кој и да сака да спори околу прекрасното субјективно прашање - кој е најдобриот на сите времиња (‘GOAT’) нема да може да заобиколи еден број: 23!”
Со освојувањето на Ролан Гарос во неделата (11. јуни) Новак Ѓоковиќ се лансираше каде што ниту еден тенисер претходно не бил. Тој го победи Каспар Руд со 3:0 во сетови, за што пишуваат сите германски весници.
„Значи конечно успеа. Сега има една титула повеќе, онаа која го извишува во однос на сите мажи во историјата на тенисот”, пишува Франкфуртер Алгемајне Цајтунг. Весникот прво го опишува почетокот на мечот. „Беше потребен половина час Ѓоковиќ по нестабилниот старт и заостанување од 1:4 да се дистанцира од товарот на историската мисија. Потоа влезе во вообичаениот тек од кој се плашат сите негови противници во големите финалиња. Поен по поен, гем по гем, тој почна да го диктира текот на играта”.
„Франкфуртер алгемајне цајтунг" оценува дека мисијата на српскиот тенисер уште не е завршена. „Тој сака да биде најуспешниот човек кој било кога играл тенис, сметајќи ги и мажите и жените. Откако со 23-тата грен слем титула се изедначи со Серена Вилијамс, пред него е само уште Маргарета Корт, која во 60-тите и 70-тите триумфираше еднаш повеќе од Ѓоковиќ.”
„Ноје Цирхер цајтунг" пишува дека хиерархијата на машкиот тенис до пред неколку години делувала како гравирана во камен: „Роџер Федерер беше над сите не затоа што ги рушеше сите рекорди, туку поради начинот како победува и слави, со толкава грандиозност. Зад него Рафаел Надал, кој уште тогаш главно го победуваше Федерер во битните моменти, но сепак некако остануваше во неговата сенка”. Швајцарскиот весник понатаму пишува дека „Ѓоковиќ е третиот човек, натрапник кој со своите победи го попречуваше овој перфектен дуел, обележан не само од волјата да се победи, туку и од меѓусебна почит”.
Во текстот се додава дека „кариерата на Ѓоковиќ е обележана од големи победи, но и големи дуели и волјата да се жртвува, со која се вадеше од навидум безизлезни ситуации. Постојано завршуваше на насловните страници поради испади надвор од теренот. Ѓоковиќ никогаш не беше политички коректен како што беа останатите, а и Федерер и Надал. Тој секогаш го изнесуваше својот став и заради тоа и трпеше”.
„Ноје Цирхер цајтунг" наведува дека „Новак Ѓоковиќ никогаш не бил само тенисер, туку уште повеќе горд Србин кому војната му ја замрачила младоста и привремено го одвела во егзил. Којзнае дали без таквиот ужасен бекграунд воопшто би постоела светската ѕвезда Новак Ѓоковиќ. Од своето потекло тој црпеше гордост и волја за отпор, да оди против сите. Неговата кариера ја обележа желбата да му покаже на светот што може еден Србин”.
Весникот заклучува: „Сакаше да биде најдобар. Да биде подобар пд Федерер, подобар од Надал, подобар од сите кои досега го играле тој спорт. Неговиот поранешен тренер Борис Бекер за ‘Јуроспорт’ рече дека со освојувањето на грен слемот му се исполнува животниот сон на Ѓоковиќ. Но, таа цел беше и повеќе од сон. Беше опсесија. Ѓоковиќ денес мора да се смета за најдобар тенисер во историјата на тој спорт”, се вели во весникот.