Гласање во СЕ: Рејтингот на Србија падна на ниски гранки
18 април 2024Одлуката на Парламентарното собрание на Советот на Европа да го поддржи членството на Косово во таа организација наиде на очекувано незадоволство кај српските власти. Државниот врв на Србија инаку веќе предупредуваше дека постои силна поддршка за тој потег и затоа не може да се каже дека одлуката претставувала некое големо изненадување.
Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ оценува дека ваквата одлука е „ден на срамот во Парламентарното собрание на Советот на Европа, бидејќи е препорачано членство за нешто што не е држава“, но, вели, „Србија ќе ја продолжи борбата оваа одлука да не биде усвоена на Комитетот на министри на 16 мај“.
Што вели власта, а што дел од опозицијата?
Шефот на српската делегација во Советот на Европа, Билјана Пантиќ Пиља, ваквата одлука ја нарекува срамна и вели дека „оваа институција на овој начин ги прекршила сите норми на меѓународното право и поради тоа сега е отворена Пандорината кутија. "
Кандидатот за премиер на новата српска влада, Милош Вучевиќ вели дека „она што го видовме во Стразбур е продолжување на фестивалот на лицемерието и уште еден клинец во мртовечкиот ковчег на меѓународното право. Што се однесува до финалната фаза во Комитетот на министри, немаме многу простор за маневрирање, но ќе се бориме“.
Парламентарното собрание на Советот на Европа се посрамоти како никогаш во историјата со поддршката на препораката за прием на Приштина во таа меѓународна организација, порача и директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ.
Реагираа и одделни опозициски лидери. Така, претседателот на Народното движење на Србија, Мирослав Алексиќ оценува дека усвојувањето на предлогот за прием на Косово во Советот на Европа „е последица на погубната политика на Александар Вучиќ и прифаќањето на француско-германскиот план и Охридскиот анекс. Сѐ ова што се случува во Советот на Европа е голем тест и прашање за ЕУ и за САД дали се подготвени да се откажат од меѓународниот поредок што го изградија по Втората светска војна со ваков преседан“, додаде Алексиќ.
„Доаѓа за наплата целата ароганција"
Одлуката за препораката за членство на Косово во Советот на Европа на некој начин е „резултат на многу лошите односи меѓу Србија и земјите од Европската унија кои инсистираат на нормализација на односите меѓу Србија и Косово“, изјави за ДВ Јелица Миниќ, претседателка на Европското движење во Србија.
„Мислам дека доаѓа за наплата сета ароганција во комуникацијата со претставниците на ЕУ. Потоа, тука се настаните во Бањска,кои радикално ја променија ситуацијата на штета на Србија, а можеме дури да ја додадеме и резолуцијата за Сребреница. Сето тоа се пораки до властите во Србија дека рејтингот на Србија во меѓународната заедница e драматично влошен“, вели Јелица Миниќ.
„Србија се потпира на Русија и Кина и тоа властите така им го презентираат на граѓаните, но мислам дека ниту Русија ниту Кина немаат некои пресилни мотиви да жртвуваат некои свои интереси поради Србија. Русија по посетата на Вучиќ на Франција веќе покажа дека реагира негативно на секое приближување на Србија кон ЕУ. Кога сето тоа ќе се собере, плус изборите кои сите ги забележаа како нерегуларни, тоа рејтингот на Србија го спушти на исклучително ниски гранки“, вели нашата соговорничка.
Србија инсистира на тоа дека добила ветување дека не може да се разговара за тоа членство без формирање на Заедница на српски општини. Јелица Миниќ вели дека „сосема е можно да имало такви ветувања, но очигледно е, имајќи го предвид сето она што се случува во Србија и во нејзината надворешна политика, дека тие сметаат оти не мора да водат сметка дека ова условување до крај и ќе се исполни. Додуша, се наведува дека во тој период по приемот ќе се врши надзор над однесувањето на Косово и дека најверојатно ќе се инсистира да ги исполни обврските“, смета Миниќ.
Што би донело излегувањето на Србија од Советот на Европа?
Одделни опозициски лидери го насочуваат вниманието на фактот дека Србија со Охридскиот договор се обврза да не го спречува влезот на Косово во меѓународните организации и затоа оваа одлука не претставува големо изненадување. Навистина така и пишува во Охридскиот договор, забележува Јелица Миниќ, иако претседателот Вучиќ тврди дека не го потпишал, но сепак го прифатил.
„Тоа сега се смета за правно валидно и Србија нема право да го спречи Косово да влезе во Советот на Европа, УНЕСКО, Интерпол. Што се однесува до сите граѓани на Косово и заштитата на српското наследство, подобро е Косово да учествува во тие меѓународни институции. Србија истакнува дека црвената линија за неа е членството на Косово во Обединетите нации, така што толкавото подигање на тензиите околу членството во Советот на Европа како да служи за одвлекување на вниманието од работите кои се неизбежни“, вели Јелица Миниќ.
Србија веќе неколкупати предупреди дека може да го прекине членството во Советот на Европа доколку му се дозволи на Косово да влезе во таа организација. Според зборовите на нашата соговорничка, „Србија со тоа само би си наштетила. Постојат многу програми, политики, финансиски стимулации и Србија буквално би си ги пресекла сите тие патишта доколку излезе од Советот на Европа“, заклучува Јелица Миниќ.