Г.Г. Стефан: Да ја следиме ѕвездата на нашата совест
7 јануари 2025Камбаните бијат, голем број верници од рано утрово се во црковните храмови низ земјата, каде со божествена литургија се слави Христовото раѓање. Во пресрет на празникот архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски Синод на МПЦ-ОА до верниците испрати божикно послание.
„Денес го празнуваме Рождеството на Синот Божји, но од секого од нас зависи дали Тој ќе се роди и во нас, дали ќе се всели во нашите срца и души, дали ќе живееме со радоста од спасоносниот настан во Витлеем и со одговорноста која Христовото рождество ја носи со себе", порача поглаварот на МПЦ-ОА.
Во посланието потсети дека веста за доаѓањето на Месијата, пастирите и мудреците ја примиле со радост и љубов, а царот Ирод со завист и љубомора. Испрати порака дека зависта води кон духовна поробеност и уништување.
„Како што радоста и љубовта нѐ прават вистински Христови следбеници, така зависта и љубомората се моќни чувства кои можат целосно да нѐ уништат, правејќи нѐ робови на омразата и на стравот. Токму така се чувствувал и Ирод кога од мудреците, коишто ја следеле чудесната ѕвезда, разбрал за раѓањето на пророкуваниот и очекуван Месија (...) На сличен начин како ова Иродово однесување, и ние честопати претпоставуваме дека квалитетите и успесите на другите луѓе ги засенуваат нашите, па почнуваме да ги гледаме нив како закана. Животот во Бога и осознавањето на вистината, дека бивајќи Божји чеда, меѓусебно сме браќа и сестри, нѐ вдахновува со љубов кон другите, со взаемна грижа и со радост за сечие преуспевање“, порача г.г. Стефан.
Испраќајќи порака за меѓусебно почитување, поглаварот на МПЦ-ОА посочи дека празнувањето на Божик ги става верниците пред избор - дали ќе го следат примерот на исплашениот Ирод, што води во погибел, или ќе го следат примерот на искрените пастири кои со радост му се поклониле на новородениот Цар.
„Па, нас ништо не нè принудува да наликуваме на Ирода! Напротив, бивајќи крстени во името Христово, можеме да ја следиме ѕвездата на нашата совест којашто нè води до Христа, та нему да му ги принесуваме нашите лични дарови и таланти. Правејќи го ова, се ослободуваме од духовната поробеност, со што ни се покажува друг пат, патот на Евангелието, патот на вистинската слобода во радосната заедница на Неговото вечно Царство“, порача поглаварот на МПЦ-ОА.
Божикни поворки и каланди
Раѓањето Христово вчера симболично го најавија неколку илјади деца кои во повеќе градови учествуваа во бадникови поворки, носејќи макети од витлеемската пештера и божиќни ѕвезди во рацете.
„Вие сте нашите ангелчиња, затоа што, како што некогаш пред две илјади и 25 години ангелите пееле над Витлеем, така вие пеете во Скопје и во сите градови во Македонија“, им рече поглаварот на МПЦ-ОА на децата кои песната „Вечниот Бог“ ја испеаја во Соборниот храм „Св. Климент Охридски" во Скопје.
Хористи и музичари од составот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, заедно со деца од реканскиот регион вчера го посетија Бигорскиот манастир и низ импресивен настап, со традиционални православни каланди, го најавија Рождеството Христово.
Радосна вест вчера објави и битолската болница „Плодност“: на Бадник мајка родила тројка - две братчиња и сестричка.
„Со голема храброст и љубов, мајката на свет донесе три мали ангели, на ден кој симболизира љубов, семејство и заедништво. Таа е во одлична здравствена состојба, пресреќна и благодарна што на свет донесе ваков благослов (...) Денес сме сведоци на едно од најубавите чуда што медицината и животот можат да ги подарaт. Празничната магија нека продолжи во нивниот дом!", објавија од болницата.
Божествена литургија
Честитки за големиот христијански празник вчера и денес стигнуваат од организации, здруженија, партии и партиски лидери... Дел од нив денеска се присутни на литургии во храмовите, а меѓу нив се премиерот Христијан Мицкоски кој присуствува на централната свечена божествена литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски" во Скопје, како и претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Коалицијата ВЛЕН уште вчера упати искрени честитки за Бадник и Божик до сите верници од православна вероисповед.
„Овие денови се симбол на заедништво, љубов и човечност – вредности кои ни се потребни повеќе од кога било. Нека празничниот дух донесе радост, мир и благосостојба во секој дом, градејќи мостови на солидарност и разбирање меѓу сите заедници. Овие празници се потсетник дека нашата земја е најсилна кога сите заедници живеат во хармонија и се поддржуваат едни со други“, се вели во честитката.
Честитка до верниците и до поглаварот на МПЦ-ОА стигнаа и од Сојузот на Македонците со исламска религија и од Македонското друштво „Илинден“- Тирана.