1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гернот Ерлер: Зошто се казнува Грузија, а Србија не?

Ненад Крајцер
6 јули 2024

Германската политика кон Западен Балкан се соочува со нови предизвици: ситуацијата во Брисел, можното враќање на Трамп, сè понестабилната ситуација во регионот. За ова се разговараше на неколку форуми во Бундестагот.

https://p.dw.com/p/4hupo
Гернот Ерлер
Гернот Ерлер, доајен на германската надворешна политика и почесен претседател на Друштвото за Југоисточна ЕвропаФотографија: DW/A. Salihbegovic

Дваесет години од последното големо проширување на Европската Унија е добра причина да се преиспита германската надворешна политика во тој период, особено од аспект на односите со земјите од Југоисточна Европа, од кои повеќето чекаат да се приклучат на тоа општество.

За ова прашање во четвртокот (4 јули)  се дискутираше во Бундестагот. Но, не во комисии или на седници како што е вообичаено, туку на посебни собири, на овој или оној начин поврзани со Југоисточна Европа.

Германското друштво за Југоисточна Европа (СОГ) организираше два вакви собири, едниот по повод 80-тиот роденден на поранешниот и почесен претседател на Друштвото и доајен на германската надворешна политика Гернот Ерлер и вториот на кој беше доделена овогодишната новинарска награда  за солидарност на новинарот Џабир Мемеди Дерала.

Мануел Сарацин
Мануел Сарацин (лево) му ја доделува наградата на новинарот Џабир Мемеди Дерала (во позадина, пратеникот на германската СПД Јосип Јуратовиќ)Фотографија: Südosteuropa-Gesellschaft e.V.

Брнабиќ не присуствуваше на трибините

На својата позиција како државен секретар во Министерството за надворешни работи во првиот кабинет на Ангела Меркел, Ерлер во голема мера беше тој што ги обликува насоките на германската надворешна политика, дури и кога станува збор за Југоисточна Европа. Тој социјалдемократски политичар исто така беше еден од оние кои силно се залагаа за признавање на Косово, и тоа во време, како што рече демохристијанскиот политичар и учесник на панелот Петер Баер, кога тоа не се земаше здраво за готово во политичкиот Берлин.

Интересно е што истиот ден и во исто време во зградата на Бундестагот престојуваше и новата претседателка на Собранието на Србија, поранешната премиерка Ана Брнабиќ . Но, таа не беше на настаните што ги организираше Друштвото за Југоисточна Европа.

На нив, покрај Баер и претседателот на Друштвото, а воедно и специјалниот владин комесар за Југоисточна Европа, Мануел Сарацин, присутен беше и Енвер Хоџај, потпретседателот на Собранието и поранешен министер за надворешни работи на Косово. 

Можни нови конфликти на Балканот?

Ерлер, на прашањето на ДВ да ја процени можноста да се обноват вооружените конфликти, заклучи дека и оваа опција е можна доколку се земе предвид влошувањето на односите меѓу Белград и Приштина во последно време. „Ние, исто така, треба да земеме предвид дека е во интерес на Путин да поттикне нов вооружен конфликт во Европа, што би го оттргнало вниманието од војната во Украина, а за Западот би претставувало најлошото можно сценарио“, рече Ерлер.

Но, Хоџај не смета дека може да има нови конфликти меѓу Косово и Србија, како оние од крајот на 90-тите. „Но, во исто време, треба да се запрашаме кој до неодамна веруваше дека има такви кои не се цивили, кои се подготвени да нападнат војници на НАТО, како што се случи минатата година на северот на Косово“, предупреди поранешниот министер за надворешни работи и заклучи дека „Србија е подготвена да направи многу за анексија на северот на Косово“.

Хоџај ја спомена и неодамнешната резолуција на црногорскиот парламент за Јасеновац како „очигледен обид на Србија да ги опструира проевропските сили во Црна Гора“. Таа резолуција наиде на жестоки реакции од Загреб, чие зелено светло зависи од напредокот во преговорите меѓу Подгорица и Брисел.

Бундестаг
Во просториите на Бундестагот се одржа тркалезната маса за состојбите во регионот во организација на Друштвото за Југоисточна ЕвропаФотографија: Südosteuropa-Gesellschaft e.V.

Ерлер во разговор за ДВ постојано го изразува своето чудење од фактот што српскиот претседател Александар Вучиќ успева да се продаде како голем поддржувач на влезот на Србија во Европската Унија, додека, како што вели, од друга страна работи во корист на Русија. „Изненаден сум што Брисел сега одлучи да ги прекине преговорите со Грузија поради усвојувањето закони од корист на Русија, додека во исто време на Србија и се толерираат многу поголеми отстапки кон Кремљ“, вели Ерлер.

Страв од Гренел и Трамп

За време на двочасовниот форум постојано можеше да се слушне прашањето за промената на односите на глобално ниво, како и прашањето за влијанието врз Југоисточна Европа од можната повторна победа на Доналд Трамп . Претставникот на германските демохристијани и поранешен известувач за Западен Балкан на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, Петер Бајер, посебно го зеде за заб поранешниот амбасадор на Трамп во Берлин и подоцна специјален пратеник на Белата куќа за преговорите меѓу Србија и Косово, Ричард Гренел.

„Гренел постојано беше во регионот во последните години под којзнае какво оправдување“, рече Бајер, кој беше координатор за трансатлантските односи во владата на Ангела Меркел. Тој го изрази својот страв дека ако Трамп се врати на власт, повторно може да се постави прашањето за размена на територии, што и ЕУ и Германија го отфрлија како исклучително опасна опција.

„Трамп е убеден дека за еден ден ќе ја заврши војната во Украина доколку дојде на власт и веројатно мисли дека на ист начин ќе го реши и проблемот на Србија и Косово. Мислам дека треба да се подготвиме за многу. И тоа не важи само за Србија и Косово, туку и за Босна и Херцеговина“, предупреди Бајер.

Западен Балкан може да падне во втор план

Присутните зборуваа и за фокусот на ЕУ на Западен Балкан по промената на кормилото во Брисел. „Постои опасност новото свикување на Европскиот парламент и Европската комисија целосно да се фокусираат на проблемот со Украина и да му свртат грб на Западен Балкан. Ова е опасно, бидејќи и во тој регион постои опасност од запалување на стари и создавање нови жаришта“, рече една од учесничките на панелот, поранешната потпретседателка на бугарската влада, Меглена Плугчиева.

Како еден од проблемите што ги кочи земјите од Западен Балкан постојано се споменува притисокот врз медиумите - а тоа беше случај и на оваа средба. За ова во Бундестагот сведочеше и Џабир Мемеди Дерала, новинар и активист за човекови права од Северна Македонија, годинашен добитник на наградата за новинарска солидарност на Друштвото за Југоисточна Европа.